Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вистината за дебелината – Циклусот може да биде прекинат

мај 6, 2022

Вашиот мозок е управувач којшто ви ја контролира телесната тежина
Многу луѓе веруваат дека постои едноставно објаснување за причината поради која живеат со дебелината, a тоа е дека јадат повеќе отколку што им е потребно. Но, во реалноста, начинот на животот е само една од многуте причини поради кои нашето тело ги натрупува и задржува вишокот килограми. Мадс Танг-Кристенсен, раководител на истражувањата за дебелина во Ново Нордиск, објаснува зошто некои од главните причини што доведуваат до дебелина се надвор од наша контрола и што можеме да направиме во однос на тоа.
Денес повеќе од кога и да е луѓе во целиот свет живеат со дебелина. Многумина се мачат да ослабат, а оние кои пак успеале откриваат дека често им се случува да ја вратат почетната телесна тежина за неколку недели и покрај тоа што се физички активни и бројат калории.
За да разбереме што ги отежнува намалувањето на телесната тежина и одржувањето на посакуваната телесна тежина, треба да погледнеме кон медицинската наука. Испитувањата и понатаму покажуваат дека дебелината не е карактерен недостаток. Всушност, дебелината е сложена метаболна болест и, како кај која било друга болест, можностите што може да се постигнат само со промена на начинот на животот се ограничени, вели Мадс Танг-Кристенсен.

Двоен експерт
Кога станува збор за справување со вишокот килограми, Мадс Танг-Кристенсен е двоен експерт. Како корпоративен потпретседател за истражување на дебелината во Ново Нордиск, тој и неговиот тим речиси две децении прават истражувања во оваа област. Покрај тоа, тој живее со дебелината, па затоа не се стреми само кон научни достигнувања, туку сака и што поголем број луѓе подобро да разберат колку е сложена дебелината.
Живеењето со дебелина може да влијае на многу аспекти од животот, здравјето и благосостојбата на луѓето. Сè повеќе луѓе во светот живеат со вишок килограми, но само мал дел од нив во моментот примаат терапија. Според Мадс Танг-Кристенсен, тоа се должи на фактот дека причините за дебелината се сè уште недоволно разбрани и често се даваат многу поедноставени совети како на пример: „Јади помалку и движи се повеќе“.
Можеби изгледа прилично едноставно да се објасни дека ако внесуваме повеќе калории отколку што ни треба, се здебелуваме. Но, всушност, проблемот е многу посложен. Се чини дека нашето тело е научено да се потпира на вишокот килограми, веројатно затоа што илјадници години тоа било основен механизам за преживување.

Начинот на којшто функционирал мозокот кај луѓето во камено време пресликан во современиот свет
Во каменото време (пред 50 000 години) изворите на храна биле несигурни, со периоди кога имало храна во изобилие и периоди на глад. Нашите предци имале поголема веројатност да преживеат ако нивното тело добро складирало енергија во форма на масно ткиво во периодот кога имало храна во изобилие. Поради тоа мозокот им еволуирал и се развивал да бара вкусна и високоенергетска храна којашто телото лесно ќе ја складира како масно ткиво.
Денес насекаде околу нас има многу вкусна храна и пијалаци до кои имаме лесен пристап. Исто така сме и помалку физички активни во споредба со нашите предци во каменото време. Но, иако нашето опкружување е драматично променето, нашата генетска склоност кон високоенергетска храна во голема мера останала иста.

Телото има начини како да го спречи намалувањето на телесната тежина
Дополнителен предизвик кога станува збор за справување со дебелината е тоа што нашето тело активно нè заштитува од намалување на телесната тежина. Но, иако тоа било ефективно за преживување на нашите предци, во денешно време токму тоа го прави тешко намалувањето на телесната тежина и одржувањето на посакуваната тежина подолг временски период.
Мадс Танг-Кристенсен објаснува дека телото го активира заштитниот механизам кога ќе насети намалување на телесната тежина. Поради тоа луѓето се чувствуваат погладни и помалку задоволни по оброкот, што може да ги наведе да јадат повеќе. Затоа, телото користи и помалку енергија.
„Поради тоа луѓето често ја враќаат изгубената телесна тежина по неколку недели, дури и без зголемување на калорискиот внес. Всушност, во некои случаи луѓето може да ја вратат тежината дури и ако внесуваат помалку калории од порано“, вели Мадс Танг-Кристенсен.

Дебелината е повеќе од она што го гледате
Мадс Танг-Кристенсен додава дека од нецелосното разбирање на дебелината се прават штетни и навредливи митови.
Тој вели: „Ако сакаме да го решиме проблемот со дебелината кај населението, мора да разбереме дека дебелината е хронична болест што треба да се третира“.
„Затоа не е чесно да велиме дека дебелината е личен неуспех. Вистината е дека за справување со телесната тежина придонесуваат многу фактори, а некои од нив се надвор од нашата свесна контрола. Подигањето на свесноста за сложеноста на проблемот ќе помогне за намалување на стигмата околу вишокот килограми“, заклучува Мадс Танг-Кристенсен.

Ново Нордиск Фарма ДООЕЛ
ул. Никола Кљусев бр. 11, Скопје, Р. С. Македонија
тел.: +389 2 2400 202; www.novonordisk.mk
D-11/01-04/2022
Овој материјал е подготвен од страна на Ново Нордиск и е наменет за општа популација со цел да се зголеми свесноста за дебелината.

За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Мај 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>