BETTY: Кога првапат доби желба да се појавуваш пред малите екрани, опиши ни го твоето прво искуство?
Ведрана: Не можам да кажам дека сум имала желба да работам на телевизија, сѐ се случи спонтано и многу сум среќна што е така.
Да не беше така, веројатно немаше да имам
самоиницијатива за таков чекор.
Пред цели 15 години телевизијата „Канал 5“ имаше кастинг за девојки и момци, кои ќе бидат презентери на временската прогноза, јас бев препорака на Живкица и Дадар кај тогашната програмска директорка Весна Петрушевска-Бејби и така почна целата приказна.
Кога првпат застанав пред камерата, се чувствував многу природно, како цел живот да сум го работела тоа. Во тоа време Владо
Младеновски беше дел од „Канал 5“ и нема да згрешам ако кажам дека тој беше човекот од кој добив најмногу совети и најголема поддршка.
„Канал 5“ е мојата матична телевизија, повеќе од 10 години работев во неа и по петгодишна пауза, сега сум повторно во најдобрата национална македонска телевизија.
BETTY: Како се чувствуваш кога луѓето те препознаваат на улица и бараат да се фотографираат со тебе?
Ведрана: Од многу млада се занимавам со јавна професија, па тоа не ми е ништо ново, најчесто сум имала пријатни искуства. Особено повозрасни госпоѓи, кога ќе ме препознаат во маркет или на улица, често знаат да ми кажат дека сум поубава во живо отколку на телевизија и морам да признаам дека ме радуваат таквите коментари.
Јас сум прилично екстровертна личност, сакам да се дружам и да зборувам со луѓето, па, генерално, пријатно ми е кога ќе си разменам убав збор и насмевка и со непознати луѓе. Не знаеме кому денес можеме да му го разубавиме денот, нели?!
BETTY: Откри ни малку за твојот непроменет физички изглед, како го негуваш?
Ведрана: Морам да признаам дека навистина инвестирам во мојот изглед, и тоа не толку затоа што работам на ТВ, и во времето кога не работев, исто се однесував. Телото е нашиот храм, треба добро да се грижиме за него ако сакаме да нѐ чува кога ќе бидеме во поодминати години. Вежбам двапати неделно во „Фигурела“, таму сум уште од самото отворање и мислам дека тоа е начинот на слабеење и одржување на женското тело што мене најмногу ми одговара и имам брзи и долготрајни резултати. Што се однесува до лицето, исто така целиот мој живот му обрнувам многу внимание бидејќи имам сува кожа, таква ми е генетиката од моите мајка и баба, и сфатив уште на млади години дека треба малку повеќе внимание да обрнам ако сакам подолго време да имам убава кожа и коса. Честопати знам да кажам дека секоја жена, па и маж, треба да има свој матичен дерматолог, кој ќе се грижи за неговата кожа по 30-тата година, јас мојот го најдов. Од неодамна целосна доверба ѝ дадов на докторката Екатерина Јуруковска од „Красота клиник“. Иако и јас и докторката мислиме дека е сѐ уште рано за ботокс, филер, сепак постојат уште многу други третмани што може да го забават процесот на стареење на природен начин, како, на пример, биоревитализацијата, која јас ја правев пролетва - повеќе може да видите на мојот инстаграм-профил vedrana_edrana - секако ве интересира, а набргу и на мојот јутјуб-канал Lifestyle with Vedrana, каде што ќе зборувам со моите гости на многу интересни теми.
BETTY: Како гледаш на планинарењето, кое чувство ти преовладува додека планинариш и искачуваш врвови?
Ведрана: Планинарењето е моја огромна љубов. За здраво тело, но повеќе здрав дух, верувајте, планинарењето е вистинскиот избор. Често може да ме видите на Водно и можам да кажам дека тоа е одлична физичка и ментална вежба, поврзувањето со природата е враќање кон себе и секогаш има бенефити. Се качувам на планина и таму грижите веќе не постојат, само јас и планината.
BETTY: Кој е твојот здрав начин на живеење и како би го опишала?
Ведрана: Како што веќе споменав, вежбам и планинарам, а иста така сакам и пливање. Но, во здрав начин на живеење морам да ја споменам и јогата, која навистина помага и треба да биде дел од сечиј живот.
Потоа, здравиот начин на живеење не можам, а да не го поврзам и со книгата. Уживам во читање и мислам дека не постои поквалитетно поминато време од читање добра книга.
Исто така, храната и пиењето доволно течности секако се важен дел од нашето секојдневие. Ако не внесуваме храна што е погодна за нашето тело, тоа ни дава знаци веднаш и ќе немаме доволно енергија.
Балансот е за сѐ најважен во животот, но не секогаш се хранам здраво и не секогаш се однесувам по прописи, ако некој ден не ми е до вежбање или ми се јаде храна што не е на моето секојдневно мени, иако знам дека не е здрава, си го слушам своето тело.
BETTY: Дали ти е тешко како жена сама да се бориш во овој машки свет?
Ведрана: Ништо не е лесно, но и не сакам да биде. Го прифаќам предизвикот да бидам жена и уживам во оваа улога. Да можам да избирам, уште илјада пати би избрала да бидам жена. Честопати луѓето знаат да речат дека на убава жена ѝ е лесно, но јас би рекла тоа е меч со две сечила. Секоја жена е убава на свој начин. Она што е најбитно е дека треба да ја негуваме внатрешната убавина исто онолку колку и надворешната. Честопати гледам луѓе што се убави однадвор и празни однатре.
BETTY: Има ли нешто што публиката не го знае за тебе и за твојата работа?
Ведрана: Верувам дека многу работи не знае, една од тие е дека се занимавам со организација на настани од секаков тип. На 22 јуни организирам еден голем спектакл за кој допрва ќе чуе македонската јавност и сигурна сум дека секој Македонец ќе се гордее. Се запишав на мастер-студии на „Скопје Метрополитен универзитетот“, да го усовршам ова поле, на отсекот event management, каде што, покрај тоа што ќе добијам државна британска диплома, добивам и интернационално практично знаење, кое можам да го применам во мојата работа во Македонија и пошироко.
За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јуни 2022).