Фармацевти
Контакт

<< Назад

Интервју со Филиз Ахмет – Актерка која се прослави со серијата „Величенствениот“

јули 1, 2022



Првпат стапнав на театарската сцена на свои 6 год. во претставата „Кавкаски круг со креда“, во режија на Јуџел Ертен.

Ова мое деби се должеше на тоа што мојот дедо Љутфи Сејфула, еден од основачите на Турскиот театар, во согласност со мајка ми, која, пак, е суфлер во театарот, ме доведе како замена за девојчето кое требаше првично да игра. Тоа се моите најрани почетоци, кои траеја до запишувањето на Факултетот за драмски уметности.

Ексклузивно за BETTY магазин - Филиз Ахмет

BETTY: Кој е, според вас, најдобриот дел од вашата работа?

Филиз: Доживувањето на светот на ликовите за мене е еден од најубавите моменти во оваа професија. Тоа дава едно посебно чувство и поглед кон светот, каде што предрасудите се сведени на минимум. Така повеќе емпатизираме со ликовите, како во реалноста така и во претставите, и тоа создава еден посебен свет кој им е дозволен само на одредени луѓе.

BETTY: Какво беше искуството за снимањето во серијата „Величенствениот“?

Филиз: Со еден збор, прекрасно. Претставува вистинска чест да бидеш одбран за еден таков спектакл кој траеше со години. Рамо до рамо со врвни актери и режисери, од кои со секој поминат миг го надополнував своето искуство. Што и да кажам друго би било излишно, производот сам по себе кажува.

BETTY: Кој е вашата инспирација?

Филиз: Мојата инспирација е моето семејство. Вредностите на коишто ме имаат научено секој ден ми даваат елан да бидам подобра личност. За тоа сум им вечно благодарна.

BETTY: Кажете ни за најтешкиот дел од вашата работа?

Филиз: Приватниот живот знае да трпи во име на оваа професија. Се случи баба ми да ја закопаме дента, а по неколку часа играв претстава. Кога влегуваш во снимачки процес буквално си на закачалка и се нема луксуз за правење планови, така што се испуштаат свадби на блиски, родендени итн. Исто така, не е многу пријатно кога надвор е 45 степени, а костимот е трослоен. Ова се работите што можам да ги издвојам што ми претставувале тешкотија.

BETTY: Се вели дека актерската индустрија е полна со стрес и притисок, што правите за да се справите со притисокот што доаѓа со вашата работа?

Филиз: Зависи во кој период од животот се наоѓам. Кога бев помлада, секогаш го кажував своето мислење, но со време сфатив дека не е секогаш добредојдено. Така што сега, кога настанува некаква стресна ситуација, умеам да се повлечам од просторот и луѓето сè додека не почувствувам дека страстите се смириле. Патувам, се дружам... овие работи ми олеснуваат низ каков било притисок и да поминувам.

BETTY: Како успехот ви го промени животот?

Филиз: Промената е тоа што сега луѓето ме препознаваат на улица и се сликаат со мене. Создавањето контакти и нови пријателства е исто така дел од промената што настана, како и искуството со коешто се здобив. Оваа шанса навистина е посебна така што пробувам да ја уживам до крај, иако некогаш денот е малку „лев“.

BETTY: Како поминува еден ваш актерски ден?

Филиз: Театарскиот и снимачкиот процес се различни. Кога имам премиера или претстава во театар целиот ден сум под контролиран притисок, возбудена сум и едвај чекам да излезам на сцена. Додека, пак, кога имам снимање, уште вечерта го поминувам целиот материјал, занаутро да можам на раат да си ги извршам своите вообичаени ритуали, а некогаш мора и тие да се прескокнат затоа што вечерта сум завршила доцна, а утредента почнувам најрано.

BETTY: Како го поттикнувате своето здравје?

Филиз: Со тоа што го слушам телото. Просто и едноставно. Кога пројавува некаква грешка, веднаш менувам некоја од навиките што знам дека пречат. Пешачам, поминувам време во природа, избегнувам негативна енергија, се смеам и на тој начин се грижам умерено.

BETTY: Кој е најголемиот предизвик за вас?

Филиз: Да го пропатувам целиот свет. Што се однесува на професионален план, предизвик ми е жанрот акција и сакам тоа да ми е наредниот ангажман. Не сум снимала до сега и доколку би се случило такво нешто, би инсистирала да немам дублери.

BETTY: Која е вашата рутина за физичка активност?

Филиз: Од физички активности практикувам јавање, пешачење, возење велосипед, одење во природа. Сите овие активности ми се распоредени низ неделата или месецот, зависи колку слободно време имам.

BETTY: Која е вашата клучна порака за квалитетен живот?

Филиз: Насмејте се барем еднаш во денот, сакајте ги луѓето, помагајте колку што ви се можностите, затоа што животот е круг. Сè се враќа.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-12 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јули 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>