Влатко Грозданов
Специјалист по гинекологија и акушерство
Перименопаузата, нејзините симптоми,
патологијата, рефлексиите врз женското здравје и третманот е често обработувана тема и во голема мера спаѓа во делот на примарното здравство, односно делот што е следен и третиран од страна на матичните гинеколози. Јас би се фокусирал на посериозните т.н. клинички аспекти, со кои во пракса се соочуваат клиничките гинеколози, т.е. оние што работат во секундарното или терциерното здравство.
Но, сепак, примарно, матичниот гинеколог е првата алка, кој треба да направи тријажа на долунаведеното и да биде соодветно третирано. Терминологијата перименопауза, менопауза и постменопауза соодветно народски кажано би се опишале како:
- перименопауза - периодот околу прекинот на менструалните циклуси;
- менопауза - до десет години по последната менструација; и
-постменопауза - десет и повеќе години од прекинот на менструалните циклуси кај жената.
Кога велам посериозни, мислам на компликации што се на четвртото место по малигнитет на женскиот репродуктивен систем, а кој ги опфаќа жените од 35. година па сѐ до длабока старост, од кои во 2021 година во САД заболеле речиси 70.000 жени и починале приближно 13.000. Во последните студии честа појава е истата патологија и кај жени и под 35-годишна возраст, со оглед на сѐ постресниот начин на живеење, како и многуте фактори (подолу опишани) што водат до овие здравствени патологии.
Се разбира дека самата патологија има соодветна етиологија, патогенеза, клиника, класификација и третман, кој секако е делот што кај жената е одговорен за плодноста, развојот на половите органи, развојот на градите кај жените, проширувањето на колковите и градбата на женскиот скелетен систем.
Она што треба да го знаат жените е дека станува збор за таканаречената хиперплазија на ендометриумот, која како основна компликација го има карциномот на ендометриумот, т.е. хиперплазијата на ендометриумот е таа што треба да биде дијагностицирана и препознаена навреме, соодветно третирана, со што би се довело до мини- мизирање на нејзината крајна комликација, а тоа е веќе наведениот карцином на ендометриумот.
Она што треба да го знае секоја пациентка е дека се потребни редовни гинеколошки прегледи, но и покрај тоа, во случај на појава на какво било ирегуларно крвавење од матката, односно крвавење што се појавило надвор од менструалните циклуси, продолжено менструално крвавење, како и крвавење по менопаузата, крвавење во постменопаузата и каков било вагинален исцедок, веднаш да се јави на преглед кај својот матичен гинеколог.
Секогаш при кој било преглед, при која било поставена дијагноза, дали добра или лоша, пациентките ги интересира што е тоа што довело до соодветниот проблем. Кусо кажано, како главна причина за појавата на хиперплазијата на ендометриумот и неговите комликации би рекол дека е
ЕСТРОГЕНОТ.
-
ЕСТРОГЕНОТ, хормонот на женственоста, хормонот на сексуалноста и либидото кај жената, хормонот одговорен за менталното здравје, за градбата на кардиоваскуларниот и на имунолошкиот систем кај жената и сите други видливи женски карактеристики, регулатор на првиот дел (естрогенска фаза) од менструалниот циклус, е главниот виновник за појавата на оваа сериозна патологија кај жените, т.е. тој е тој кој го трансформира нормалниот ендометриум во хиперплазија (задебелување), која во случај на атипична промена на структурата на клетките во 30 % може да доведе до карцином на ендометриумот.
- ЕСТРОГЕНОТ, т.е. неговите извори, неговите производители и пласирачи во циркулацијата на организамот се делат главно на два дела: ендогени (внатрешни) и егзогени (надворешни) производители на хормонот естроген.
1. Ендогени извори - зголемено ниво на естроген во крвта т.н. хиперестрогенемија се следните:
- полицистични јајчници - ановулација (отсуство на овулација и нарушен менструален циклус), што се карактеризира со зголемено ниво на естрогени во крвта;
- рана менарха, т.е. рана појава на менструален циклус;
- доцна менопауза, т.е. доцно прекинување на менструалните циклуси;
- нулипара - жени што не раѓале;
- дебелината - еден од посериозните проблеми, т.е. масното ткиво како основен извор на естрогени во перименопаузалниот, менопаузалниот и постменопаузалниот период;
- покачениот крвен притисок;
- дијабетес мелитус;
- тумори на јајчниците, кои произведуваат естроген и др.
2. Егзогени извори - зголемено ниво на естроген, т.е. внесени однадвор во организамот. Главно тука е хормонално заместителната терапија или позната како контрацептиви, кои во минатото беа со сериозно повисоко ниво на естроген, а во поново време се двокомпонентни и во себе содржат естрогенска и прогестеронска комбинација и според најновите истражувања на СЗО тие спаѓаат во групата на апсолутно безбедни лекови за користење, како и една група лекарства што се применуваат во третирањето на карциномот на дојката, а тоа е Tamoxifen, кој со текот на времето води до задебелување, т.е. хиперплазија на ендометриумот на матката.
- Горенаведениот естроген ќе ја направи целата ова патологија ако од другата страна не му се спротивстави неговиот контравојник, т.е. прогестеронот. За него малку подолу во статијата.
Терапијата зависи од дијагнозата добиена од патохистолошката анализа и во зависност од тоа за каков вид хиперплазија станува збор (проста или комлексна, со или без атипија или појава на
ендометријален карцином) клиничкиот гинеколог преку сумирање повеќе фактори за пациентката, на пример, дали го има остварено родителството, т.е. дали има родено деца, ризикот од појава на крацином, дали има други придружни болести, годините, како и низа други фактори, се одлучува за соодветниот третман.
По сумирањето на овие фактори, како и процената за ризикот врз понатамошното здравје и животот на пациентката, се носи одлука дали ќе се примени оперативен третман со отстранување на матката и јајчниците, а во зависност од патохистолошката дијагноза и земањето примероци од лимфните јазли, или ќе се примени терапија со прогестеронски препарати заедно со целосниот сплет на околностите и, секако, индивидуалноста, т.е. секој пациент си е случај сам за себе.
Неизбежно е да ги споменеме и веќе погоре споменатите контравојници. т.е. контраестрогени или познати како прогестеронски препарати, кои во голем дел се главни во терапијата, и следењето на веќе истакнатата патологија, а ги има во форма на таблетарна, ампуларна терапија и IUD или познати како внатрематочни спирали. Нивната примена е ординирана од страна на ординирачкиот гинеколог и како што веќе наведов - комплексноста на самиот случај, сплетот на сите околности и, секако, изборот на најдоброто за пациентката.
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-23 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2022).