Фармацевти
Контакт

<< Назад

Физикална терапија кај порано родени деца

август 3, 2022



Дијана Мариновска
Магистер физиотерапевт во педијатрија

1. Кои се порано родени деца?

Сите деца што се родени пред 37. недела од бременоста се порано родени или недоносени бебиња. Тоа се приближно 11 % од родените бебиња или едно од девет. Во последните години бројката на порано родени деца е зголемена повеќе од 30 % . Благодарение на технологијата сега преживуваат и бебиња родени во 22. недела од бременоста. Но, секое дете родено пред 37. недела и бебињата родени во термин, но со мала родилна тежина, се бебиња што се во ризик за нивното здравје и ризик за пречки во развојот. Колку е порано и помало родено бебето, толку е поголем ризикот за здравствени проблеми.

2. Што може физикалната терапија да направи за порано родените дечиња?

Физиотерапевтот како експерт за движење и физикалната терапија како единствена опција на прематурните бебиња за потпомагање на физичкиот развој би помогнале да се постигне нивниот полн потенцијал. Физиотерпевтот, кој е специјализиран во педијатрија, ги препознава развојните предизвици со кои се соочуваат прематурните бебиња. Затоа, се препорачува посета на физиотерапевт специјализиран во педијатрија превентивно како би се направила процена на физичкиот развој и би се следело бебето според карактеристиките за возраста.

Препорачливо е да се прави процена на секои два месеца додека бебето наполни една година. Првата година е најважна од наша гледна точка затоа што физичкиот развој во првата година е многу интензивен, а и коригирањето на евентуалните заостанувања во развојот или патолошки промени побргу се коригираат.
Најважниот прв совет што го даваме е детето да се става на стомаче од првиот ден кога ќе стигне во домот и со тоа ја почнуваме стимулацијата на физичкиот развој.

3. Што со децата што имаат доцнење во развојот?

Како последица на недонесеноста во мајчиниот стомак, незрелоста на мозочето, лежењето во инкубатор или можеби крвавење во мозочето кај некои бебиња, тешкотиите да земе воздух по раѓањето - се случува бебињата да доцнат во развојот.

Тогаш почнуваме со физикална терапија, која е соодветна за возраста. Физикалната терапија за бебињата е во вид на вежби и масажи, се изведуваат секојдневно со повремени посети на физиотерапевт и по дадените насоки од физиотерапевтот, родителите продолжуваат и дома. Со тоа ќе подобриме и стимулираме движења соодветни за возраста, ќе превенираме заучување погрешни модели на движење, можеме да коригираме намален или зголемен тонус кај бебето, да превенираме појава на контрактури и да стимулираме нормален развој на зглобовите и коските. Сето ова е резултат на специјализираните вежби што ги изведува специјализиран физиотерапевт во педијатријата, во соработка со педијатри, ортопеди и невролози. Во поразвиените земји физикалната терапија почнува уште додека бебето престојува во инкубатор, затоа напорно работиме за подигнување на свеста кај надлежните лица да се воведе таква практика и кај нас.

4. Колку време трае физикалната терапија кај порано родените бебиња?

Сите бебиња се разликуваат едно од друго и со тоа и потребите и резултатите не се исти, но колку порано почнеме со превентива и евентуално терапија со вежби, толку повеќе и побргу доаѓа резултатот. Физикалната терапија веќе е докажано дека значително го менува текот на развојот кај ризичните деца во позитивна насока.

Затоа еден апел до родителите:
- Ако бебето имало крвавење во мозочето, долг престој во инкубатор, тешкотии да земе воздух при раѓањето;
- Ако родителот забележи дека бебето е многу згрчено или многу олабавено, користи една рака или нога повеќе од другата;
- Ако бебето има барем три коригирани месеци (тоа е возраста броено од денот кога требало да се роди бебето) и не ја подига главата кога лежи на стомачето, има осум месеци коригирани и уште не може самостојно да се сврти на страна, има една година коригирано и не може да седи самостојно, има петнаесет месеци и уште не може самостојно да оди;
треба да посетите доктор и физиотерапевт специјализиран во педијатрија како би му потпомогнале на бебето да го постигне својот полн потенцијал или можеби ќе превенираме развој на одредена патологија.
Терапиите се изведуваат преку забавна атмосфера и весело уредена просторија пријатна за детето и преку игра би го насочиле кон правилно изведување на движењата.

За детално читање на овој текст, погледнете на 26-27 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2022).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>