Светот во којшто живееме и храната што ја јадеме драстично се промениле со текот на времето. Но нашата биологија во голема мера останала иста. Тоа може да нè наведе да мислиме дека сме под ризик од гладување и да нè натера да посегнеме по високоенергетска храна, сол, масна храна и шеќер.
Размислете за секојдневниот живот: повеќето од нас патуваат до работните места со автомобил или со јавен превоз. Користиме лифтови и ескалатори таму каде што ни треба, без да вложиме посебен напор. Канцелариската работа и животот во градовите често значи дека мора да седиме подолгo време. Опкружени сме со многу вкусна храна и пијалаци до кои имаме лесен пристап. Дополнително имаме многу работи за кои треба да се грижиме и да ги постигнеме, без разлика дали се однесуваат на работата, приватниот живот или социјалните мрежи. Поради тоа помалку спиеме и сме под поголем стрес.
Но многумина од нас не се свесни како се поврзани сите овие работи со дебелината. За да разбереме, треба да се навратиме во минатото.
Нашата животна средина пред 50 000 години „Јади или ќе бидеш изеден!“ - Замислете дека живеете пред 50 000 години во каменото време. Единствената грижа на нашите предци била да дојдат до калории преку лов, собирање храна и риболов. Но и да избегнат да станат оброк на големите предатори. Имало недостиг од храна, па затоа морале добро да јадат за да можат да преживеат и да имаат поголеми изгледи за репродукција (размножување). Клучот до успехот бил да се дојде до храна богата со масти, шеќер и сол. Поради тоа нашето тело научило да бара и да ѝ дава предност на високоенергетската храна за да ги преживее периодите на глад.
Животот е променет – нашата биологија не е
Сега можеби сметате дека мора да сме наполно различни од нашите предци. Но системите што им помагале да преживеат се сè уште активни во нашето тело и често дејствуваат надвор од нашата свесност.
Производителите на храна, супермаркетите, рестораните и синџирите за достава на храна препознаа каква храна избираме да јадеме. Сега тие нудат многу разновидна и евтина, вкусна и високоенергетска храна која содржи комбинација од сол, шеќер и масти. Ова е моќна комбинација за нашите сетила, многу помоќна од онаа за која нашиот мозок еволуирал да се справи. Затоа е тешко да му одолееме на примамливиот мирис на храната која нè опкружува.
Не треба да нè изненадува кога ќе претераме со нарачката на храната за достава или кога ќе ја наполниме количката кога пазариме иако не сме гладни. Нашата способност да им одолееме на овие намерно примамливи намирници ја одредуваат голем број фактори, вклучувајќи ја и генетиката, и варира од човек до човек.
Според тоа, глобалниот пораст на дебелината не е резултат на ненадејното губење на волјата. Наместо тоа, покачувањето на телесната тежина се сфаќа како природна реакција на животот во средина којашто се променила побрзо отколку што нашиот вид е способен да се приспособи.
Променете ја вашата средина за да ги поддржите вашите цели во справувањето со телесната тежина.
Во современата средина во којашто живееме постојат многу фактори кои не изложуваат на ризик од дебелина. Многу од овие фактори се надвор од нашата контрола, но за среќа има уште многу други работи што може да ги направиме, а една од нив е реструктурирање на средината во којашто живееме.
За детално читање на овој текст, погледнете на 8-9 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Септември 2022).