Фармацевти
Контакт

<< Назад

СО СИЛНА ВОЛЈА ГО ПОБЕДИВ РАКОТ! Ексклузивно интервју со Лила Филиповска!

јуни 1, 2023



Betty: Која е Вашата прва емисија на која се појавивте пред малите екрани?
Лила: Моето прво појавување пред малите екрани е во далечните 90-ти години кога ја имаше само Македонската телевизија и на мои 20 години се пријавив на јавен конкурс, кој беше објавен од МТВ. Аудицијата помина многу добро и моето прво појавување пред малите екрани или јас би рекла, огнено крштевање, беше во живо во Зимската рекреативна програма и од тогаш сфатив дека тоа сум јас и дека тоа е мојата животна професија. Од тогаш до ден-денеска, без пауза, секој ден сум на малите екрани.

Betty: Се гледа дека работите со љубов и имате успешна кариера. Дали љубовта за работата е пресудна?
Лила: Нормално! Битно е љубовта да е присутна за сè, не само за работата. Јас имам среќа што ја работам работата што ја сакам бидејќи голем дел од животот го поминуваме на работа. А многу е тешко да го работиш она што не го сакаш и затоа луѓето многу често менуваат професија, но јас ја најдов вистинската.

Работев како медицинска сестра, тоа го знаат сите, додека студирав на Филолошкиот факултет. Но, сега цело време сум на телевизија, каде што вложувам многу љубав и работам со многу љубов и дури заборавам дека сум на работа, тоа е моето секојдневие, во кое уживам во она што сум.

Престанав да бројам колку години сум на телевизија, особено во „Сител“, половина од животот го поминав пред екраните и секоја година со некој проект и сите досега се најгледани и навистина многу сум им благодарна на моите колеги и на тимот, како и на челниците, кои ми овозможија да сум таа што сум сега. Како што се вели: „Ако го работиш она што го сакаш, тогаш нема да работиш ниту еден ден“.

Betty: Дали популарноста некогаш Ви пречела?
Лила: Како да кажам, популарноста е меч со две сечила. Сум ја избрала оваа професија и мислам дека добро се справувам со тоа. Колку и да сакам некогаш да се скријам каде и да одам - не можам, нема шанси. И кога одам во други држави, налетувам на Македонци, кои ме знаат и ќе ме застанаат на муабет, за фотографирање и убаво е кога некој те препознава и на крајот на светот да одиш.

Betty: Дали Вашиот син Филип би сакал да ја наследи Вашата професија?
Лила: Мојот син уште малку ќе има 30 години, ако сакаше да оди по моите стапки, веројатно до сега ќе беше на телевизија (се шегувам). Како помал му беа интересни сцената, телевизијата, моите настапи и доаѓаше со мене и имаше некоја заинтересира- ност, но тоа беше влијание од она што го гледаше. Но, да стане водител не покажа реална потреба да биде дел од јавниот живот, а јас никогаш не го притискав.

Го оставив сам да го избира она што го сака бидејќи тоа го знам од себе. Ниту му се мешав во училиште ниту на факултет, сам си избираше и си се запишуваше на она што го сакаше. Сега работи она што го сака, се занимава со маркетинг и менаџмент. Сакам да биде како мене, она што го прави и работи - да го прави од љубов. Синот не ме наследи, но може ќе се роди некоја внука или внук, кој ќе ги наследи моите гени и да се гордеам со тоа.

Betty: Како се чувствувавте кога ги добивте резултатите?
Лила: Кога излезе мојата дијагноза, јас во тој момент бев лута самата на себе. Зошто? Затоа што, како поранешен медицинар, точно знам како функционира организмот. Мојата тага е сѐ уште многу голема, поминати се веќе 10 години од смртта на мојот татко, јас сѐ уште не можам да се изборам со таа тага, а морам. Потсвесно знаев дека тоа, народски кажано, некаде мора да удри. И тоа се случи.

Уште на почетокот одлучив дека нема да зборувам за болеста и дека никому нема да му кажам, освен на најблиските. Тоа беше моја одлука. Ми требаше мир. Немав сила да зборувам за тоа додека ми трае лекувањето. Затоа продолжив да живеам и да работам како ништо да не се случува.
Признавам, воопшто не беше лесно, но Бог ми даде неверојатна сила за која не бев ни свесна дека ја поседувам.

Секако, непресушна енергија ми беа и љубовта од син ми, сестра ми, брат ми, мајка ми и од моите прекрасни пријатели, раскажува водителката на квизот „Сè или нешто“, која им е инспирација на голем број жени што се соочиле или се соочуваат со подмолната болест.

Betty: Како се чувствуваш во моментот?
Лила: Се чувствувам одлично, победнички! Последниот петскен покажа дека канцерот се повлекол и дека сум здрава! Имам измешани чувства. На моменти се смеам гласно, па ќе ми надојдат солзи… Повеќе од една година бев во постојана неизвесност и сонував за овој момент кога докторите ќе ми кажат: „Лила, во оваа битка ти си победникот!“ За среќа, го дочекав тоа.

Betty: Сметаш ли дека си должна да им објасниш на обожавателите со каков здравствен предизвик се соочи?
Лила: Кога ќе помислев колку многу жени го поминале или го поминуваат мојот пат, си велев дека не морам сега да ги заморувам луѓето со мојот здравствен проблем. Што би се случило кога сите би давале интервјуа за своите проблеми?! Од друга страна, пак, веќе 25 години ја споделувам мојата интима со публиката, раскажувам за моите патувања, препорачувам производи и сметав дека е чесно да кажам дека се соочувам со сериозен здравствен проблем, дека ми дијагностицираа канцер на дојката и дека болеста не избира! Знаете, кога ја слушнав дијагнозата, бев во тотален шок! Можеби и ќе вреснев, но останав без глас.

Првата помисла ми беше: Дали е ова мојот крај? Уште колку имам? Потоа се сетив колку многу жени има што ги познавам и кои излегле како победници. Ми поминуваа разни мисли, но, за среќа, тоа траеше кратко. Само зедов здив и ја прашав мојата пријателка, доктор Вики: Што треба првин да се направи? Од каде да почнам? Се фокусирав на патот што ме очекуваше и се трудев да размислувам позитивно. Среќна сум што имам неколку добри, вистински пријатели, кои ми се како семејство, кои беа покрај мене и ми го олеснија патот. Бескрајно сум им благодарна!

Betty: На малите екрани не можеше да се забележи дека имате промена во расположението, како сето тоа го маскиравте?
Лила: „Еве, баш вака сум насмеана поради илјадниците пораки што ги добив од вас, драги пријатели, тони љубов и желби за добро здравје. А што друго ни треба? Ако немаш здравје - немаш ништо!!!

Во наредниот период подетаљно ќе зборувам за мојот пат сè со цел да му помогнам некому, кој можеби го поминува истото… затоа што во вакви моменти поддршката е најважна и, ве молам, секогаш кога можете, давајте ја затоа што тоа е главната сила во битката со секое зло, па и со ова“.

Ви благодарам за ова интервју, поздрав до вашите читатели, им посакувам само да бидат здрави и живи, им препорачувам да прават навремени прегледи, да не ги избегнуваат и прегледите и докторите бидејќи сè што ќе се открие навреме, има големи шанси за среќен крај.

За детално читање на овој текст, погледнете на 10-13 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јуни 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>