Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДАЛИ ЗНАЕТЕ ЗОШТО СЕ СЛУЧУВААТ ВАГИНАЛНИ ИНФЕКЦИИ И КОГА?

август 1, 2023



Пишува: Д-р Тихомир Златановски - Специјалист по гинекологија и акушерство

Вагиналните инфекции се многу чест и непријатен здравствен проблем со кој барем еднаш во животот се соочуваат дури 75% од жените. Најчесто станува збор за габична инфекција, и тоа, во повеќе од 90% од случаите, како причинител се појавува Candida Albicans. Покрај ова, инфекцијата може да биде предизвикана од бактерии, вируси, паразити и од други патогени организми.

Зошто се појавува?
Физиолошки, голем број микроорганизми на чело со Lactobacillus ја сочинуваат нормалната вагинална микрофлора. Лактобацилите се „добри бактерии“ кои, фигуративно, се домаќини на вагината. Тие ја одржуваат киселата средина и ги контролираат „натрапниците“ кои во нормален број не предизвикуваат никаков вагинален дисбаланс. Вака е сè до моментот кога овие микроорганизми ќе почнат брзо да се размножуваат, го окупираат просторот на добрите микроорганизми, со што стануваат потенцијално штетни и опасни.

Што е нормално? Што не се симптоми?
Вагината на жената нормално има исцедок кој е безбоен или беликав. Нема мирис, ниту предизвикува чешање. Тоа може да варира во текот на менструалниот циклус.

Понекогаш може да има мало количество исцедок и да е воденест, а во текот на месецот може да биде погуст и бел, и сето тоа е нормално. Кога исцедокот ќе има забе- лежлив мирис, кога пече или чеша, тогаш, веројатно, се работи за некакво воспаление или инфекција. Може да почувствувате иритација во секое време од денот, но најчесто е поизразена навечер.

Симптоми
Најчести знаци дека нешто не е во ред и дека можеби станува збор за вагинална инфекција е појава на:
• Густ, беликав вагинален исцедок;
• Чешање на вагината;
• Печење на вагината;
• Печење при уринирање;
• Болка при сексуален однос.

Што придонесува за развој на вагиналните инфекции?
Секогаш кога во вагината ќе се намали концентрацијата на корисни бактерии под одредена граница и кога ќе се покачи pH вредноста, штетните микроорганизми почнуваат да се размножуваат.

Ова може да се случи поради многу, различни фактори:
• незаштитени сексуални односи;
• лоша или несоодветна лична хигиена (употреба на агресивни сапуни и средства за туширање кои може да го нарушат вагиналниот pH баланс);
• употреба на некои лекови (особено антибиотици, имуностимулатори, кортикостероиди);
• користење заеднички крпи;
• посета на лошо одржувани базени и сауни;
• хормонски промени (бременост, менопауза, контрацепција);
• пушење – никотинот ја компромитира природната вагинална флора и индиректно учествува во низа други фактори за појава на бактериска вагиноза;
• користење тесна и синтетска долна облека – вештачките ткаенини не дозволуваат кожата да дише, така потта се задржува и создава поволни услови за развој на габични вагинални инфекции;
• Стрес – хроничниот стрес ги покачува нивоата на кортизолот во крвта, со што се намалува одбранбениот систем во организмот;
• Алкохол – го нарушува бактерискиот баланс во организмот;
• Дијабетес – доколку имате габични инфекции, добро е да ги проверите и нивоато на шеќер во крвта за да ја елиминирате таа причина или за да имате соодветен третман избегнувајќи ги вагиналните инфекции;
• Бременост и менстурален циклус – хормоналниот дисбаланс во периодот на бременост и менструален циклус, исто така, може да биде причина за развoj на овој вид инфекции;
• Секојдневно користење тампони;
• Перење долна облека на температура пониска од 600С.

Вагиналните инфекции во своите полесни форми често се занемаруваат. Обично, се смета дека ова е нешто што ќе помине само по себе. За жал, голем дел од вагинал- ните инфекции не само дека не исчезнуваат сами, но и се влошуваат, дури и може да се претворат во хронични.

ПРЕВЕНЦИЈА
Како и кај сите состојби и болести, превенцијата е многу важна. Не постои унифициран начин за превенција кај сите жени, но, сепак, има работи кои може значително да помогнат да се заштитите:
• Одржувајте го вагиналниот дел сув, особено по туш;
• Носете памучна долна облека;
• Не оставајте го на себе влажниот костим за пливање;
• Избегнувајте тесна долна облека;
• Избегнувајте хемиски дезодоранси. Не користете производи за интимна хигиена, нормалното редовно бањање е доволно за чиста интимна регија;
• Избегнувајте топли бањи;
• Доколку користите тампони, менувајте ги навреме и почесто;
• Внимавајте на нивоата на шеќер во крв, доколку имате дијабетес;
• Користете антибиотици само доколку морате и се препишани од вашиот лекар;
• Користете кондоми, особено кога имате нов партнер;
• Хранете се здраво со доволно овошје и зеленчук кои содржат влакна и микрохранливи материи. Пред сè, намалете го внесувањето на јаглехидрати;
• Користете пробиотици и пијте доволно јогурт или кефир.
Редовниот гинеколошки преглед е од особена важност за одржување добро здравје на целата урогенитална регија.

ТРЕТМАН
Покрај стандардната терапија која ќе ви биде препишана од страна на вашиот гинеколог, употребата на природни ресурси и промена во одредени навики во исхраната може значително да помогнат во третирање на инфекцијата и, секако, во спречување на повторна појава.
• Внесете го лукот во вашата исхрана. Зголеменото внесување лук делува како природен лек против бактерии и габи.
• Консумирајте јогурт и пробиотски додатоци. Тие се пријатели на добрите бактерии, а со тоа – непријатели на лошите.

При појава на симптомите, добро е да се пие околу половина литар јогурт на ден. Може да помогне во намалување на чешањето и на црвенилото, ако го нанесете директно на воспалената слузокожа (оставете го да делува околу десетина минути и исплакнете само со вода).

• Брусницата има позитивен ефект во третман на вагинални инфекции. Се препорачува пиење една чаша незасладен сок од брусница.
• Јаболковиот оцет е еден од најјаките природни антибиотици, кој е корисен против вируси, бактерии и протозои. Помага за враќање на нормалната рН во вагината, превенирајќи појава на инфекција.
За детално читање на овој текст, погледнете на 14-15 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Август 2023).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>