Пишува: Д-р Емилија Манасиевски
Покачената телесна температура кај децата е една од најчестите причини за посета на педијатар. Телесната температура е различна во различна восраст кај дечињата но истата има и осцилации и варијации во текот на деноноќието, во зависност од физичката активност, колку детето е облечено, температурата на околината и други фактори.
Телесната температура измерена аксиларно во мирување повисока од 37,5 сц кај новороденчињата а кај доенчињата и останатите дечиња над 37 сц се смета за покачена телесна температура.
Покачената телесна температура не е болест туку е симптом односно дел од клиничката слика на едно заболување. Без разлика дали се работи за вирусна инфекција која е најчеста во над 95% од случаите или пак можеби болеста е предизвикана од бактериски предизвикувачи покачената телесна температура е механизам со кој организмот и имунолошкиот систем се борат и возвраќаат на ударот од напаѓачот. Покачената температура го стимулира имунолошкиот систем да создава бели крвни зрнца кои ќе се борат и ќе го уништат причинителот на инфекцијата.
Како правилно да се измери телесната темпеартура кај децата?
Постојат повеќе начини за мерење на телесната температура но најпреферирано е аксиларното мерење на телесната температура со термометар со галиум( живата е заменета со галиум во послендите неколку години). Истиот се поставува со врвот во аксилата и се чека 5 мин пред да се одстрани и се одчитаат измерените вредности на температурата. Секако дека во ситуациите каде неможе да се исмери температурата со галиумови термометри се употребуваат дигитални аксиларни или челни термометри но добиените вредностите на овој начин не се најточни.
Кој е првиот чекор за намалување со покачената телесна тепмература?
Најпрво се превземаат физички методи за намалување на телесната температура кај дечињата како разладување, туширање со млака вода, алкохолни фрикции (масирање со раствор од 1/2 медицински алкохол + 1/2 вода, од вратот надолу) и поставување на облоги на градите и нозете со млака вода или разреден алкохол ( оцет не се употребува поради иритантното дејство врз нежната бебешка и детска кожа). Детето треба да е лесно и тенко облечено, во топлите месеци и целосно расоблечено. Потоа редовно се мери и контролира телесната температура и претходно набројаните постапки се практикуваат повеќекратно соред потребите на детето. Би сакала да нагласам дека кај дечињата кои имаат треска е нормално и очекувано во периодот на покачување на телесната температура да бидат ладни екстремитетите и периферијата на телото (нозете, рацете, ушињата и носето) бидејќи на тој начин оранизмот штедејќи ја температурата од периферијата ја пренасочува кон центарот на телото.
Во овие случаи покрај тресењето односно треската кај дечињата може да се јави и бледило односно модрило на усните и екстремитетите особено кај помалите дечиња и доенчишата, но свеста е комплетно сочувана.
Како да се направи разлика помеѓу треска при покачување на телесната температура и фебрилни конвулзии?
Во многу ситуации настанува конфузија кај родителите и треските при фебрилност ги доживуваат како фебрилни конвулзии поради што избезумени итно брзаат кон во најблиските амбуланти или повикуваат итна медицинска помош. При фебрилни конвулзивни свеста е алтерирана односно засегната во тек на неколку секунди до 2-3 минутки што во текот на треска не е случај, тука свеста е комплетно очувана.
При фебрилни конвулзии кај дечињата може погледот да биде отсутен или вкочанет односно да гледаат во една точка и да не е фокусиран што не е случај во текот на една треска.
Треската трае многу подолго во однос на фебрилните конвулзии, се додека не се покачи телесата температура, по што истата спонтано прекинува. По завршување на фебрилните конвулзии децата се често малаксани и поспани, што не е случај и при треска. При треска во периодот додека се покачува телесната температура и трае треска детето се покрива, односно затоплува и треба да се почека телесната температура да се покачи, па дури потоа се пристапува кон набројаните физички методи за разладување и намалување на телесната температура.
Рехидрацијата и поењето со течности се од круцијално значење при справување со покачената телесна температура!
Најважно при секоја состојба на покачена телесна температура е ПРАВИЛНА РЕХИДРАЦИЈА на детето од страна на родителот. Рехидрацијата треба да се спроведува во најголем дел со пер орални електролитни раствори, како и други течности (вода, чајче, супа, сокчиња). Кај новороденчишата и доенчињата кои се на доење истото се форсира односно се дои почесто, но и покрај тоа се препорачува дополнителна хидрација со електролитни раствори и вода. Децата треба постојано да се нудат со мали количини на течности за да се спречи дехидрација.
Кога да се даде сирупче за покачена температура?
Од како претходно родителот ги повторил неколкукратно горенаведените физички методи за намалување на телесната температура а сепак температурата се одржува над 38,5 сц, на детенцето треба да му се даде сирупче за температура.
Но и понатаму во периодите измеѓу додека да дојде време за наредната доза на сирупче треба да се повторат методите на спонтано разладување бидејќи во текот на акутната фаза на заболувањето многу често се случува да 1 до 2 часа по претходно примениот антипиретик детето не ја симнува температурата под 37 сц односно често повторно се покачува.
Кој антипиретик треба да се даде на детенцето?
На нашиот пазар постојат два генерички препарати за покачена телесна температура кои што се дозволени за употреба кај дечињата. Тие се Парацетамол и Ибупрофен. Парацетамолот е најчесто лек од прв избор и се префериран кај дечиња кај кои во акутната фаза на заболувањето температурата се покачува многу брзо и оди многу и високо бидејќи најрано што може да се даде е на секои 6 часа. Тој е прв лек од избор и таму каде што детето има гастроентерален инфект или некое заболување на желудникот. Не се препорачува кај деца кои што имаат тешки заболувања на црниот дроб и кај докажана алергија на лекот.
Ибупрофенот пак се препорачува кај децата кај кои телесната температура не е толку висока и не се покачува на кратки временски интервали, деца кај кои доминираат симптомите од мускулноскелтниот систем како малксаност, болки во мускулите, коските и зглобовите. Тој се дава на 8 часа и неговата употреба не се препорачува кај дечиња кои имаат заболувања на желудникот особено негово долготрајно примање, тромбоцитопенија или други хематолошки заболувања, ренални заболувања и кај деца со алергија на лекот.
Дали и кога треба да се однесе детето со покачена температура на лекар?
Секако дека не треба ведаш уште при првото покачување на телесната температура да се брза за преглед кај педијатарот. Најпрво се применуваат претходно наведените физички методи за намалување на телесната температура, добра рехидрација и давање на антипиретик.
Од првиот контакт на организамот со напаѓачот до моментот на дифренцијација на имунолошкиот одговор потребни најмалку 24 часа, оптимално 48 часа за да кога детенцето се однесе на преглед кај својот педијатар, покрај клиничката слика која е секогаш главна водилка во лекувањето, се реализираат и лабораториски анализи.
За да истите бидат реални и релевантни и ни дадат информација дали се работи за вирусна или бактериска инфекција кај детето мора да помине поериодот од 24-48 часа од првата покачена темпеартура, за да како педијатри покрај клиничката слика би донеле правилна одлука за понаташно лекување и терапија.
Поради тоа нецелисходно е предвремено и избрзано земање на крва слика и ЦРП кај дечињата пред да измине овој период.
Ако општата состојба кај детето во пеиродите помеѓу покачената телесна темпеартура е добра односно детето е активно, весело, со добар внес на течности, апетитот е очекувано да е намален во ваква состојба, детето најрано по полни 24 -48 часа е пожелно да се однесе на преглед кај матичниот педијатар.
Дали има алармантна вредност на покачена температура?
Не постои критична или алармантна вредност на покачена температура кога детето треба да се однесе на преглед.
Високите температури над 39 сц не секогаш значат сериозно заболување, најчесто се јавуваат во тек на самолимитирачки вирусни заболувања и не се причина за итна посета на лекар доколку општата состојба на детето е добра.
Вредностите на темпеартурата над 40 сц би можеле да се одговор на потешка инфекција и посериозно заболување кај детето и не би требало долго да се чека во овие состојби за да детето се однесе на лекар. Од друга страна пак фебрилните конвулзии особено во доенечката возраст можат да се јават и при температура од 37,5 сц и во тие случаи кога детето развило конвулзивни пристапи истото треба веднаш да се однесе на преглед.
Проценката на родителот е секогаш најважна за одлуката кога детето треба да се однесе на преглед бидејќи тој најдобро го познава своето дете.
Во кои ситуации дете со покачена телесна темпеартура треба веднаш да се однесе на лекар?
Кај здрави деца без вродени и/или хронични заболувања
• при состојба на пореметена односно намалена свест
• кога детето е изразито малаксано со неможност за самостојно движење
• изразито поспано или пак со зголемена раздразливост
• неможност за правилна хидрација односно внес на течности преку уста
• намалено или отсутно мокрење
• при развој на фебрилни конвулзии
• се жали на постојана главоболка, има вкочанет врат или му пречи светлината
• назпирливо повраќае и дијареа
• не се подобрува за 48 часа
• општата состојбата му се влошува
Кај новороденчињата и доенчињата аларматнти се и состојбите на
• одбивање на подој и хранење
• суви пелени односно намалено или одсутно мокрење
• плач без солзи
Новороденчињата, доенчињата и децата со имунодефициенција, со вродени аномалии на кардиоваскуларниот систем, урогениталниот систем или било кој друг систем, децата со хемато-онколошки заболувања, со цистична фиброза, со дијабетес и други вродени и/или хронични заболувања секогаш треба веднаш да се однесат на преглед при покачување на телесната температура и не треба да се чека од страна на родителите!!!
Особено треба да се внимателни родителите кај доенчињата под 3 месечна возраст бидејќи кај нив покачената телесна темпеартура води кон брза дехидрација и е најчесто знак за посериозна инфекција. Во сите горе набројани состојби посетата на лекарот не треба да се одложува и детето треба веднаш да се однесе во најблиската амбуланта за преглед !!!
За детално читање на овој текст, погледнете на 22-24 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Ноември 2023).