Фармацевти
Контакт

<< Назад

МЛАДИТЕ не се „имуни“ на проблеми со КАРДИОВАСКУЛАРНОТО ЗДРАВЈЕ!

декември 31, 2023



Пишува: Д-р Александар Митов

Постои можеби погрешен начин на размислување дека кардиоваскуларното здравје се влошува и е загрозено само кај повозрасните лица. Често се потценува состојбата кај младите и се игнорираат голем број на предупредувачки знаци. Токму за ова ќе зборуваме во продолжение, односно ќе погледнеме како хипертензијата и покаченото ниво на холестерол го загрозуваат кардиоваскуларното здравје кај младите.
Што претставува хипертензијата и зошто доаѓа до истата?
Крвниот притисок е мерка за силата (притисокот) со кој крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. Тој се мери преку две вредности:

– Систолички или т.н горна вредност за крвниот притисок, ја покажува вредноста за притисокот во артериите во текот на една контракција на срцевиот мускул
– Диастолички или долната вредност при мерењето, го покажува притисокот во артериите измеѓу две срцеви контракции.

Висок крвен притисок или хипертензија, е состојба кога ваквото притискање врз крвните садови е прекумерно, за време на подолг временски период.
Притисокот подложи на промени во текот на денот, во зависност од нашите активности. Но, доколку преку целиот ден имаме покачени вредности за крвен притисок, тоа значи дека е можно да имаме состојба на хипертензија. Најчесто вредносите при кои се смета дека има покачен притисок се 140/90 mmHg.

Постојат две форми на хипертензија:
• Примарна – се појавува со стареењето и за неа нема очигледна причина.
• Секундарна – се јавува побрзо и нагло и може да биде поизразена и опасна од примарната. Како главни ризик фактори за нејзина појава се:
– Бубрежни заболувања
– Опструктивна спиечка апнеа
– Вродени срцеви заболувања
– Проблеми со тироидната жлезда
– Честа употреба на алкохол
– Проблеми со надбубрежните жлезди

Што претставува холестеролот?
Холестеролот претставува восочна супстанца, која припаѓа на групата на липиди.

Тој природно е присутен во крвта и има незаменлива улога во градењето на здравите клетки, нивните мембрани и сл. Постојат два вида на холестерол:

– LDL – или често наречен и „лош“ холестерол, претставува липопротеин со помала густина кој е заслужен за транспортирање на холестеролот низ телото и крвотокот. Овој тип на холестерол се таложи во внатрешноста на крвните садови и доведува до нивно стеснување.
– HDL – или т.н „добар“ холестерол, го собира вишокот холестерол и го транспортира до црниот дроб.

Покаченото ниво на холестерол во крвта може да биде проблематично за здравјето, особено за кардиоваскуларното. Покачениот холестерол може да доведе до таложење на еден вид масни наслаги или депозити во внатрешноста на крвните садови. Ваквото таложење со текот на времето може да стане значително и со тоа да го отежни протокот на крвта низ крвните садови. Ова секако значи дека со текот на времето овие наслаги може целосно да го попречат дотокот на крв, а тоа може да има сериозни последици по здравјето, а во некои случаи да предизвика и смрт. Покрај наталожувањето, овие наслаги може неочекувано да се одвојат и да формираат еден вид на тромб која ќе запуши потесен дел од крвниот сад.

Како влијаат овие состојби кај помладите?
Експертите предупредуваат на сериозноста и ефектите кои хипертензијата и покачениот холестерол ги имаат врз кардиоваскуларното здравје на младите.
Се смета дека во споредба со постарите сознанија, овие две состојби имаат значително влијание врз моменталната, но и врз идната состојба на срцевото здравје. Состојбите како што е артериосклерозата – стеснувањето на крвните садови како резултат на појавата на наслаги во нив, се реални и застапени и кај младите.

Едно ново истражување покажува дека помладите треба активно и навремено да ги контролираат кардиоваскулар- ните ризик фактори – особено покачениот притисок и холестерол.

Научниците укажуваат и на фактот дека артериосклерозата, доколку се јави, сепак може успешно да се запре и менаџира доколку холестеролот и притисокот навремено и ефективно се регулираат.
Тие исто така потенцираат дека дури и мали отстапки од оптималните референтни вредности за овие два кардиоваскуларни фактори се значителни и имаат долгорочно голем потенцијал за да предизвикаат проблеми. Ова се коси со честите верувања дека мали отстапки се безопасни и дека може да се игнорираат.

Во студијата биле вклучени над 4.000 испитаници на возраст од 20 до 39 години кои навидум биле здрави.

Било анализирано нивното кардиоваскуларно и општо здравје преку разни анализи.
Научниците нагласуваат дека следењето и контролирањето на притисокот и холестеролот треба да започне рано, бидејќи крвните садови се повеќе подложни на нивните ефекти кај младите лица. Колку подолго е покачен холестеролот и притисокот, толку е поверојатно да дојде до појава на запушување на крвните садови или т.н артериосклероза.

Со менаџирање на овие параметри, кај 8% од испитаниците во студијата, оваа состојба исчезнала.

Ова укажува на активно следење на ваквите параметри, особено кај лицата кои веќе имаат некои претходни ризик фактори што би можеле да се одразат врз кардиоваскуларното здравје.

За детално читање на овој текст, погледнете на 24-25 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јануари 2024).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>