Пишува: Спец. Д-р Симеон Могилевски - Психијатар
Агорафобија – поттекнува од грчките зборови Agora (плоштад) и Phobos (страв). Агорафобијата се карактеризира со интензивен фобичен страв од јавни места и од места на кои добивањето медицинска помош, во случај на пореба е отежнато-широки и отворени простори, како што се плоштадите, автопатиштата, мостовите, големи затворени простории како што се големите трговски центри, театри, концертни сали и др.
Посебноста на растројството го прави и постоењето на интензивен страв од возење во автобусите, возовите и др. средства на јавниот сообраќај, со исклучок на такси превозот. Степенот на фобичен страв може да биде со различен интензитет и да го онеспособи субјектот во нормалните социјални и професионални ангажмани, бидејќи болниот од агорафобичните стравувања се брани со неизлегување од својот дом.
Стравот речиси секогаш има димензии на паника и е придружен со многубројни вегетативни феномени (тахикардија, гушење, препотување, трнење на делови од телото, вртоглавица...) Етиологијата на фобичните растројства се објаснува со широк спектар на теории: психоаналитичка, бихејвиорална, когнитивна и биолошка.
Клиничка слика:
Почетокот на растројството – иако заболените уште од најраното детство манифестираат низа карактеристични (преморбидни) особини како што се пречувствителност, плашливост, енуреаза, ноќни стравови, одбивање да оди на училиште, страв од одвојување од родителите, изразени симптоми на растројството во детството ретко се јавуваат.
Развиена клиничка слика – клиничката слика е многу специфична за агорофобиите. Заболениот чувствува напад на паника - голема вознемиреност и напнатост, постојано е во движење, подготвен е да бега од местото на кое се чувствува загрозен. „Апел однесување“ е многу карактеристично во фаза на доживување на нападот на паника. Болниот повикува брза помош или лично оди таму или пак се упатува на преглед во ургентните центри. Антиципираниот страв, или страв од стравот, се јавува како последица од доживеаните напади на паника – поради страв и предвидување дека нападите може повторно да се јават.
Интензивното доживување страв од стравот доведува до развој на друг специфичен феномен карактеристичен за агорафобијата – однесување на одбегнување.
Тоа може да се манифестира активно, со бегство од изворот на закана и пасивно, кога доаѓа до инхибиција на реакцијата и однесувањето на личноста.
Се развива постепено, прво се одбегнуваат ситуациите и местата каде што пациентот ја доживеал првата непријат- ност, а потоа се поголем број места и ситуации. Развиената клиничка слика на агорафо- бија ја карактеризираат и специфични облици на стравови: да се остане и да се биде сам, страв од патување, од капење во када, затворени простории, возење во лифт, летање со авион, чекање во ред, страв од раздвојување со блиска личност и др.
Основна одлика на однесувањето на заболените од агорафобија е да се обезбеди заштита и сигурност – (присуство на др. личност со нив, наочари за сонце, бастун...) и да го избегне стравот и нападот на паника.
Активноста, навиките и се друго се подредени, што подразбира специфичен начин на однесување на овие пациенти (живеалиште на приземје, движење по познати улици, патеки и делови од градот, избегнување на средства за јавен превоз, чувство на сигурност во сопствениот автомобил. Тие имаат потреба од постојан придружник без кој не можат сами да живеат дома, ниту да се движат надвор. Во тек на растројството, како последица, често се опсервираат и депресивни кризи.
Тек и прогноза:
Агорафобијата е хронично заболување кое има тенденција да трае долго време и да поминува низ различни фази. Терапијата на агорафобијата е комбинирана, се применуваат: Фармакотерапија од групата на анксиолитици и антидепресиви SSRI.
Психотерапија – психоаналитичка и когнитивно – бихејвиорална терапија во комбинација со рекалсирачки вежби (Аутоген тренинг). И двете психотераписки методи се комбинираат од фармакотерапија.
За детално читање на овој текст, погледнете на 28-29 стр. во електронското издание на BETTY магазин (Јануари 2024).