Фармацевти
Контакт

<< Назад

Ракот на кожата може да се лекува, ако се открие рано!

јули 1, 2024



Ракот на кожата може да се лекува, ако се открие рано!

Како што пред многу векови Хипократ тврдеше дека е подобро да се спречи отколку да се лечи, тоа се однесува и на карциномите на кожа кои може лесно да се спречат, ако се откријат на време.

Неопходен е интердисциплинарен приод во превенција, дијагностика и лекување на кожните карциноми. Суштината на успешната терапија е да се открие ракот во ран стадиум на развој и да се отстрани хируршки, со што се зголемуваат можностите за комплетно излекување.

Од особена важност за намалување на појавата и смртноста на карциномите на кожа претставува секундарната превенција (скрининг). Секундарната превенција има за цел идентификација и откривање на карцином на кожа во најраната фаза на развој, со што се овозможува поуспешна терапија.

Секундарната превенција се спроведува со:

1) самопреглед на кожата 1 x месечно

2) познавање на личните фактори на ризик

3) дерматолошки прегледи на кожата во регуларни временски интервали

Во прилог на превенцијата која нуди најисплатлива долгорочна стратегија во борбата со карциномите на кожа, секоја година и во нашата земја, ние – македонските дерматолози традиционално се придружуваме на европските активности со одбележување на здравствено-превентивната скрининг кампања Еуромеланома, со цел информирање и подигнување на свеста на нашето население и здравствените работници за превенција, рано откривање и третман на карциномите на кожа.

Како дерматолози, имаме задача да бидеме промотори на превентивни кампањи за подигнување на свеста кај населението во врска со ракот на кожата. Наша обврска е да продолжиме да го едуцираме населението за важноста на редовните самопрегледи и дермоскопски прегледи во нашите ординации, како и неопходноста за секојдневната фотозаштита на кожата.

Живот после соочување со дијагноза рак на кожа

Оваа година едукативните активности  за подигнување на јавната свест во рамките на Еуромеланома се посветени на луѓето кои претходно имале рак на кожа, со порака да бидат внимателни и да превземат мерки, доколку забележат знаци за повторна појава. После поставувањето на дијагнозата меланом на кожа, кај 2 до 10 % од пациентите постои можност за појава на втор примарен меланом. И после поставување на дијагноза немеланомски карцином на кожа, кај пациентот има 30 % можност за појава на втор немеланомски карцином во следните пет години.

Во првиот момент после добивање на дијагнозата рак на кожа пациентите не се во можност да разберат што навистина значи таа дијагноза. Го слушаат само зборот « рак ». И доживуваат шок! Кај некои пациенти дијагнозата рак на кожа може комплетно да им го промени животот. Некои од нив ќе можат нормално да продолжат да живеат како претходно, но кај други пациенти таа дијагноза може да има многу лошо влијание врз квалитетот на нивниот живот. Луѓето кои имале карцином се многу емотивни. Тие чувствуваат вознемиреност, страв, тага. Затоа психолошката помош е клучна после добивање на дијагноза рак на кожа.

После спроведената терапија за рак на кожа, нашата порака е едноставна: живејте го својот живот, но правете го тоа на здрав начин! Продолжете да живеете нормално и правете ги сите активности кои се важни за Вас!

Започнете со позитивни и здрави навики во животот за комплетна грижа на физичкото и менталното здравје

Превземете правилни чекори...

Практични совети кои ќе ви помогнат за физичко и емоционално закрепнување:

Грижете се за сопствената кожа - тоа е многу важно за пациентите со претходно искуство на рак на кожа да продолжат редовно да ја набљудуваат кожата и да посетуваат дерматолог за контролен преглед!

Задолжително присуствувајте на сите закажани прегледи со лекарскиот тим за грижа и мониторирање на здравствената состојба, со цел минимизирање на ризик од повторна појава на карцином.

За адекватно закрепнување согласно препораките, се советува внес на добро избалансирана исхрана и редовно спортување.

Психолошката помош е клучна после соочувањето со дијагнозата рак на кожа. Во основа најважно е луѓето да знаат дека не се сами. Присуствувајте на состаноците со лекарскиот тим и со групите за поддршка кои можат да ви помогнат да имате контрола над вашето закрепнување, заедно со други активности како пишување дневник, дружење и сè друго што ве релаксира.

Бидете претпазливи!

Внимавајте на секоја нова промена на кожата која се разликува од другите, тоа може да биде сомнителен знак (знак на „Грдо Пајче“).

Редовни самопрегледи на кожата и рано откривање на секоја сомнителна промена се предуслов за успешен третман при повторна појава на карцином.

Набљудувајте ја кожата еднаш месечно со цел навремено откривање на некоја сомнителна промена. Тоа е лесно и едноставно - потребни се само неколку минути да ја проверите целата кожа. Проверувајте ја кожата на целото тело, од предната и задната страна, со посебен акцент на местата изложени на сонце. За да ги прегледате тешко достапните места на телото  кои не ги гледате во склоп на дневната рутина (грб, глава, гениталии, стапала), застанете пред големо огледало со мало огледало во раката.

Препознавање на рак на кожа

Ако здогледате два или повеќе предупредувачки знаци за рак на кожа - пигментирана или непигментирана промена на кожата која се менува во боја, облик или големина, неопходно е да закажете преглед кај Вашиот доктор или дерматолог што побрзо!

Дерматолошките прегледи се состојат од идентификација на пациентите со висок ризик (лична и фамилијарна историја за меланом и други карциноми на кожа), преглед на сомнителните промени на кожата со дерматоскоп, фотографирање и компјутерска анализа на истите.

Пишува : Прим. д-р Зорица Зафировиќ, дерматовенеролог од Универзитетската Клиника за дерматологија во Скопје во својство на претставник и координатор за Еуромеланома во Македонија

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>