ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА ЗАШТИТА НА КОЖАТА ОД ШТЕТНИТЕ ЕФЕКТИ НА ИНТЕНЗИВНОТО СОНЧЕВО ЗРАЧЕЊЕ
јули 1, 2025
Поголемата популарност на активности на отворено и сончањето како намерно изложување на нашето тело на ултравиолетовиот спектар на сончевото зрачење може да предизвика видливи промени на вашата кожа. Многу луѓе потемнетиот тен на кожата го сметаат за симбол на атрактивност и добро здравје. Меѓутоа, современите научни информации ги потврдуваат штетните ефекти од прекумерната експозиција на УВ-радијација.
Што претставува ултравиолетова (УВ) радијација?
Ултравиолетова (УВ) радијација е дел од електромагнетниот спектар на сонцето која ја допира површината на планетата Земја. Комбинираната интензивна и долготрајна експозиција на кожата на УВ-А и УВ-Б зраци е научно докажана како многу штетна. Таа креира иреверзибилни оштетувања на кожата со појава на изгореници, предвремено фотостареење до карциноми. Постојат евидентни докази дека и двата типа УВ зраци (УВ-А и УВ-Б) предизвикуваат оштетување на кожата. Прекумерната УВ-радијација ги оштетува клеточните структури во кожата (ДНК) и продуцира генетски мутации кои водат до појава на карцином. СЗО ги потврдила УВ-зраците како карциноген фактор. УВ-радијацијата се смета дека е главна причина за појавата на немеланомските (базоцелуларен и спиноцелуларен) кожни карциноми. Многу експерти веруваат дека УВ-радијацијата исто така има улога во развојот на меланом на кожа, посебно кај индивидуи со светла кожа и коса. Тој претставува најмалигниот тип на кожен карцином, кој е причина за смрт на голем број луѓе секоја година.
Превенција значи заштита на кожата од познатите ризик-фактори. Бидејќи главниот фактор на ризик се УВ-зраци од природен и вештачки извор, најефективен превентивен метод е избегнување на намерното експонирање на интензивно сонце и солариуми. Сончањето е единствен ризик фактор за појава на овие карциноми на кои може да се делува од мали нозе.
Препораки
Избегнувајте сончање кое доведува до појава на изгореници, посебно во временскиот период од 11 до 16 часот.
Престојувајте во сенка, но имајте на ум дека таа нуди само 50% заштита од УВ-зраци.
За многу мали деца и бебиња најдобро правило е да „не се изложуваат на сонце”, односно да се изнесуваат во надворешна средина во периодот од денот кога сонцето не е интензивно.
Запомнете: Песокот и камењета ги рефлектираат сончевите зраци, дури и кога сте под чадор за сончање.
Користете квалитетни средства за фотозаштита на кожата со СПФ 50+, со широк спектар на дејство (УВА/УВБ) за блокирање на УВ-А и УВ-Б зраци.
Намачкајте на кожата средство за заштита половина час пред излегување во надворешна средина, во доволна количина на сите откриени делови на телото.
Користењето заштитни средства не е резервирано само за на плажа или планина, подеднакво е важна секојдневната заштита во текот на цела година.
Нанесувајте го заштитното средство на секои два часа дури и во облачни денови, а по пливање или потење во тек на физичка активност повторете ја постапката.
Медицинските дерматолошки производи за заштита на кожата нудат многу повеќе во споредба со вообичаените козметички средства, овозможувајќи комплетна заштита на сите структури на кожата од оштетувања предизвикани од ултравиолетовите зраци. Покрај високото ниво на УВ-заштита, медицинската дерматолошка козметика овозможува и антивоспалителна, антимикробна и заштита на структурите на ДНК во клетките на кожата.
Постојат евидентни научни докази кои ја потврдуваат делотворноста на средствата за заштита од УВ-зрачење за спречување на болните изгореници, фотостареење на кожата и појава на карциноми на кожа, но само под услов да не се користат за продолжување на експозицијата на невидливите УВ-зраци.
Медицинските дерматолошки средства постојат во различен облик (крем, гел, стик, спреј, лосион, масло или млеко) соодветни за индивидуалните потреби на секој тип кожа (нормална, сува, комбинирана, масна, кожа со дамки, детска, возрасна).
Носете заштитна гардероба која треба да ги покрива откриените делови на телото и капи за заштита на главата и лицето.
• Носете квалитетни наочари со 100% УВ-заштита.
• Заштитете ги децата и адолесцентите од прекумерно сончање, детската кожа е нежна и брзо гори!
• Не посетувајте солариум!
• Правете самопреглед на кожата еднаш месечно!
• Редовно одете на дерматоскопски прегледи кај дерматолог!
Кога треба да се почне со заштита од штетните УВ-зраци?
Уште од најрано детство е потребна едукација со информирање и подигнување на свеста за опасноста од УВ-зрачење, поради тоа што е научно докажано дека дури 80% од УВ-зраците се добиваат до 18-годишна возраст.
Пишува
Прим. Д-р Зорица Зафировиќ, спец. дерматовенеролог
Универзитетска клиника за дерматологија, Скопје
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци