Фармацевти
Контакт

<< Назад

Откажување од пушење – подобрување на здравјето

септември 30, 2025

Секоја година 7 милиони луѓе во светот умираат поради изложеност на чад од цигари. Македонија има многу високо место според бројот на пушачи, дури 46.6% од мажите и 26.8% од жените се активни пушачи. Чадот од тутун е многу штетен за здравјето на луѓето. Цигарите во себе содржат околу 600 супстанци. Кога овие состојки согоруваат, тие создаваат повеќе од 7.000 хемикалии. Многу од тие хемикалии се отровни и сериозно го оштетуваат нашето здравје, ако бидат вдишани.
Пушењето му штети на речиси секој орган на телото, предизвикува голем број болести, води до инвалидитет и смрт. Ги оштетува органите за дишење и предизвикува хроничен бронхитис, ХОББ, емфизем и белодробен карцином. Вдишените отровни супстанци од белите дробови со циркулацијата се носат насекаде во организмот и понатаму предизвикуваат оштетување на сите органи и системи. Настанува оштетување на крвните садови, нарушен периферна циркулација, покачен крвен притисок и зголемен ризик од инфаркт и мозочни удари. Го зголемува појавувањето на малигни болести на органите за варење, како што се карцином на хранопровод, желудник и панкреас. Пушењето предизвикува промени во структурата на косата, ноктите и кожата и го зголемува ризикот од габични инфекции и карцином на кожа. Го афектира и репродуктивното здравје кај мажите и жените и доведува до многу различни нарушувања во оваа свера, вклучувајќи и стерилитет или пречки во развој на плодот кај бремените жени.
Пушењето е опасно и за луѓето кои не пушат ако престојуваат во простории каде се пуши. Изложеноста на пасивно пушење придонесува за приближно 41.000 смртни случаи кај возрасните непушачи и 400 смртни случаи кај доенчиња секоја година. Пасивното пушење ги предизвикува сите несакани ефекти по здравјето кои ги имаат пушачите. Децата кои се изложени на пасивно пушење се изложени на зголемен ризик за синдром на ненадејна смрт на доенчиња, акутни респираторни инфекции, болести на средното уво, потешка астма, респираторни симптоми и забавен раст на белите дробови.
Зависноста од тутун е болест која бара сериозен тимски пристап во нејзиниот третман. Порано се сметаше дека пушењењто е само лоша навика, но денес се знае дека се работи за хронична болест, зависност од никотин. Оваа зависност е многу сериозна, на исто ниво со зависностите од наркотици и потребна е стручна помош за одвикнување од пушење. Откако ќе настане зависност, секој обид за престанок со пушење доведува до кризи, кои се манифестираат со т.н. апстиненцијални симптоми. Кај приближно 60 % од корисниците на тутун што се откажуваат од пушење се јавува главоболка, вртоглавица, слаба концентрација, која обично исчезнува во рок од 2 недели по откажувањето. Кај еден од четири пациенти се јавува ноќно будење или проблеми со спиењето, но овие симптоми обично поминуваат брзо. Мнозинството, педесет до шеесет проценти, од лицата ќе доживеат раздразливост, немир и депресија, кои обично траат помалку од 4 недели. Констипација може да се очекува кај помалку од 20% од пациентите, но може да трае повеќе од еден месец. Зависноста од никотин е хронична релапсирачка (повторувачка) состојба. Упорноста на зависноста од никотин значи дека многу пушачи што се обидуваат да престанат ќе релапсираат. Релапсот најчесто се јавува во првите неколку недели од откажувањето од пушењето. Меѓутоа, не е невообичаено некој што бил апстинент со години повторно да почне да пуши.
Од сето досега кажано, произлегува дека за да се одвикне пушачот од употреба на тутун, потребна му е медицинска помош од едуцирани здравствени работници, кои ќе му помогнат да ги надмине апстиненцијалните симптоми и да не прави релапси.
Третманот на зависност од тутун се состои од медицинско советување и земање лекарства. Најчесто се користи комбиниран метод на советување и земање лекарства, но треба да биде под контрола на доктор специјалист. Медицинското советување има за цел да ја поттикне и одржи мотивацијата на пушачот, да истрае во овој тежок процес на откажување. Лековите кои се користат за одвикнување од пушење се поделени во две групи. Понекогаш се користи и комбинација на овие лекарства во третманот на зависност од тутун. Одлуката за тоа кое лекарство треба да го препорачаме на нашите пациенти, генерално се базира на ефикасноста на лекот, на она што го претпочита пациентот, на неговото претходно искуство и на клиничката историја. Цената и достапноста, исто така, може да бидат одлучувачки фактор. Некои од лековите може да имаат несакани дејства или контраиндикации кај одредени пациенти и затоа третманот на зависност од тутун треба да биде под контрола на доктор.
Со адекватно и трајно откажување од пушењето се подобрува здравјето на пушачите и луѓето од нивната околина. Се намалува веројатноста од развој на голем број заболувања асоцирани со пушење.

 

Пишува
проф. д-р Деска Димитриевска
Редовен професор
Катедра за интерна медицина
ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>