Фармацевти
Контакт

<< Назад

Одвикнување од пушење – што можеме и треба да направиме

ноември 1, 2025

Пушењето цигари и злоупотребата на тутун и тутунски производи е една од најголемите закани за јавното здравје на глобално ниво. Злоупотребата на тутун резултира со повеќе од 8 милиони смртни случаи годишно и цела плејада болести, кои го нарушуваат здравјето и продуктивноста на луѓето.
Глобалната преваленција на пушењето е во благ пад (од 22.7 % во 2007, на 17 % во 20021 година). Во Македонија, стапката на пушење е во постојан пораст. Речиси половина од населението (48.6 %) се пушачи, што нашата држава ја позиционира меѓу земјите со највисок процент на пушачи во светот.
Согорувањето на тутунските производи, вклучително и новите, електронски уреди, ослободува никотин кој предизвикува тешка зависност и илјадници други штетни хемикалии, од кои 70 се докажано карциногени. Петнаесет видови карциноми, меѓу кои карциномот на бели дробови, дојка, бешика, црева, простата, панкреас, и повеќе од дваесет хронични болести се директно поврзани со консумирање тутун. На овие ризици се изложени сите активни пушачи, но и населението, особено децата, кои пасивно го вдишуваат тутунскиот чад. Пушењето негативно влијае и врз фертилноста, развојот на плодот уште во тек на бременоста, предизвикува предвремено раѓање на децата, со ниска родилна тежина и често недоразвиени бели дробови, со склоност кон респираторни болести во понатамошниот живот.
Одвикнувањето од пушење е една од најважните медицински и јавно-здравствени интервенции, која има директен здравствен, но и социо-еконоски ефект. Докажани се бројните придобивки од престанокот на пушење. Откажувањето од цигари го подобрува здравствениот статус и квалитетот на животот, го намалува ризикот од предвремена смрт и може да го продолжи животниот век за дури 10 години, го намалува ризикот од многу болести, вклучувајќи кардиоваскуларни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и малигни болести.
Зависноста која ја предизвикува консумирањето никотин го отежнува откажувањето од пушење, поради што е неопходно да се осмислат и организираат програми за одвикнување од пушење, кои ќе им помогнат на пушачите во процесот на престанок на консумирање тутун и тутунски производи.
Програмите за одвикнување од пушење опфаќаат психолошки и фармаколошки интервенции, но неопходна е социјална и поддршка од целото општество.
Медицинските интервенции подразбираат процена на тежината на зависноста од никотин, процена на индивидуалните психосоцијални аспекти на пушачот, одредување датум за престанок на пушење, планирање на поддршката во тек на процесот на одвикнување и препорака на соодветна фармаколошка терапија. Заместителната никотинска терапија игра централна улога во процесот на одвикнување и применета од професионално обучен здравствен персонал претставува централен стожер за справување со зависноста од пушење и апстиненцијалните тегоби.
Борбата против пушењето е најдобриот начин да се заштитат пушачите, членовите на нивните семејства, колегите, пријателите и општеството од здравствените ризици поврзани со пушењето.

 

Пишува
Доц. д-р Марија Здравеска
ЈЗУУ Клиника за пулмологија и алергологија, Скопје

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>