[vc_column width="1/1"]Практична, удобна и убаваМарија Јоксимовиќ
Модата не е прашање на облека, модата е во воздухот, родена над ветрот, морате да имате интуиција за неа, таа е на небото и на патот, рекла прочуената креаторка Коко Шанел
Се подразбира дека облеката за плажа треба да биде практична, а тоа значи да биде од природен материјал, лесна и воздушеста, комотна и удобна. Во неа треба да се движите без проблем, а ако треба и да скокате по камења. Облеката за плажа треба да нè штити и од штетното УВ-зрачење, па кој е чувствителен не би требало да оди до плажа во премногу отворен фустан со тенки бретели, зашто постои можност да изгори, а да не стигне да се соблече во костим за капење. Фустани, блузи и туники на бретели можат секогаш да се носат кога сонцето ќе престане да пече, доцна попладне и навечер.
Тенки, лелеави туники и фустани во облик на буквата Т се многу практични, зашто ги штитат рамењата и рацете. Можат да се „соберат“ во половината со тенок каиш или ешарпа, но и не мора. Кој ги следи класичните модни правила ќе избере еднобоен дезен ако има шарен костим за капење и обратно. Неформалниот стил подразбира и до вчера незамисливи комбинации на шарено и шарено, кругови, линии, квадратчиња и, секако, цветни мотиви. Основната боја треба да се избира според својот вкус, некој сака светли и нежни, некој силни, со тоа што не треба да се заборави дека темните бои го „впиваат“ сонцето, па во нив е потопло. Класична бела фустан-туника од лесен памучен материјал секогаш е шик, а маната е што лесно се валка, па мора да внимавате каде и како седите.
Платнени „тричетврт“ панталони, секако, се згодна облека за одење на плажа и прошетка покрај море, езеро и река, а може да се комбинираат како со туники така и со маици со и без ракави. И во овој случај важи класичното правило дека ако панталоните се еднобојни „со нив оди сè“. Шорцот и бермудите се, исто така, речиси неизбежна облека за плажа, а со посвечена блуза можат да се носат и навечер.
Силното сонце и летниот ветер се одлична можност и за носење на шешири и марами. Се носат заедно и одвоено, а шеширот може да биде од слама или платно. Плажата и одморот се и добра можност за некоја „модна лудост“, која не можеме да си ја дозволиме кога имаме секојдневни, формални обврски. Значи, пуштете ја фантазијата, украсете го својот шешир за плажа со вештачко и природно цвеќе, ленти, тантела, тил, машни, пулејки или перја. Некои од идеите како својот стар шешир да го надополните со детали, може да видите и во нашата рубрика Работилница.
За плажа е многу згодно и долго широко здолниште „на ластик“ или учкур. Лесно се облекува, може да се комбинира со маици и туники, но се носи и самостојно ако се подигне над градите и се „претвори“ во фустан. Добра особина на ваквото здолниште е и тоа што е повеќенаменско, па може одлично да послужи и како „кабина“, да речеме кога сакате на плажа на брзина да го пресоблечете костимот за капење.
Костимот за капење е многу важен дел од гардеробата и треба да му се обрне посебно внимание. Значи, костимот за капење никогаш не се купува на брзина, а особено без да се проба. Тој мора добро да стои, како да е правен по ваша мерка. Од безброј модели, почнувајќи од дилемата дали едноделен или дводелен, треба добро да се размисли и за цела низа други детали. На пример, за корпите, бретелите, закопчувањето, дали долниот дел е повеќе или помалку исечен итн., зашто костимот за капење може и да открива и да покрива. Се подразбира дека повеќето жени сакаат да „закамуфлираат“ нешто на своето тело, она со што не се баш задоволни. За да се постигне тоа, треба, за почеток, да се застане пред огледало и искрено да се погледне што да истакнеме, а што дискретно да скриеме. На пример, голем стомак не изгледа убаво во минијатурни бикини, како ни поголем задник во танга. На големо деколте градник со машнички и карнери изгледа лошо, но е интересно решение за дамите со помали гради.
Кој не е сосема сигурен што најдобро му стои, секогаш може да се определи за класичен едноделен или дводелен костим за капење, од солиден произведувач, што е и некаква гаранција не само за прецизни мерки туку и квалитет. А квалитетот е важен, зашто костимот за капење треба брзо да се суши, да биде удобен и да не го изгуби обликот. Во него треба да се чувствуваме добро, да можеме да лежиме, да пливаме, да клекнеме, да станеме, да скокнеме, без страв дека ќе се случи некоја незгода. Старо правило е кога ќе се налета на добар костим за капење и тој ќе го помине тестот престој на плажа, најдобро е и најсигурно да се купи уште еден, на пример, во друга боја, со друг дезен. Два костима за капење не се луксуз, туку потреба, особено за лица кои се чувствителни кога на себе имаат влажна ткаенина, па дури и накратко. За оние кои се многу чувствителни на сонце, се препорачува и тенка памучна маица или туника за вода, зашто подобро е да се спречи, отколку да се лекува. Во вода лесно се гори поради рефлексијата, па овој дел од облеката е спас, зашто овозможува безбедно капење и шлапкање во водата.
Во торбата за плажа добро е да се носи и лесна, голема марама, која може да се нагрне преку рамена во случај ладовината, кога сонцето е најсилно, да не ви е во близина. Во комбинација со очила за сонце и шешир, ќе внесете здив на фаталност под вашиот чадор за сонце. Предноста на марамите е што не заземаат простор, а можат да се комбинираат на многу начини, како шал, здолниште на врзување, класична ешарпа околу вратот или на главата.
Златно правило е дека на патување не треба да се носат многу работи, но некои се неопходни, како долна облека, два костима за капење, шорц или бермуди, евентуално „тричетврт“ панталони, повеќенаменски фустани, романтични здолништа и неколку памучни маици кои според боите ќе се вклопуваат со сè. Ако плажата ви е непозната, а имате чувствителни стапала, не е лошо да се понесат и сандали за вода, кои ќе ви го олеснат влезот и излезот и ќе ве заштитат од острите карпи и ежови. Не треба да се заборават марами, шешир, очила за сонце и удобни влечки и сандали, но и нешто за ветер и дожд. Памучен дукс со качулка, платнена јакна и чорапи ќе ве заштитат од налет на ветер и евентуален пад на температурата. Кога сето тоа ќе го спакувате, сè што ви е потребно е добро расположение, а тоа просто се подразбира кога е во прашање одморот на плажа.
Костим за капење
Пред три века женскиот костим за капење личел на балски фустан. Бил затворен, со долги ракави, повеќеслоен и направен од материјал кој не станувал проѕирен кога ќе се наводенел. Во 19 век слоевите исчезнуваат, костимот се прави од само два дела, првиот од рамена до колена и вториот до глуждовите. Во викторијанското време жените на плажа се капеле одвоено од мажите, а постоеле и „машини за капење“, нешто како кочија или претходница на денешните кабини, во кои се пресоблекувале, па дури и со сета облека влегувале во море, заштитени од погледите. За разлика од дамите, мажите до втората половина од 19 век се капеле без облека. Неколку децении подоцна, во 1907 година, австралиската пливачка Анета Келерман била уапсена, бидејќи костимот за капење не ѝ ги покривал нозете и рацете.