[vc_column width="1/1"]Болест на современиот начин на животд-р Дејан Станојковски
гастроентерохепатолог, ПЗУ „Гастротоп“, Скопје
Регулирање или лекување на скриена или примарна причина која предизвикала нарушување на функцијата на црниот дроб е од есенцијално значење, како и здрава исхрана, секојдневно физичко вежбање и природни лекови кои ја подобруваат регенерацијата на клетките и помагаат во отстранување на токсините кои го оштетуваат црниот дроб
Под замастен црн дроб се подразбира состојба кога доаѓа до таложење на прекумерна количина на триглицериди и други видови масти во клетките на црниот дроб. Замастен црн дроб (на латински steatoza) може да биде привремена или долгорочна состојба, која сама по себе и може да не е штетна, но може и да укаже и на други проблеми. Доколку истата не се лекува може да доведе до појава на други болести. Обично стеатозата е реверзибилна доколку не се отстранат причините кои ја предизвикале.
Црниот дроб е најголема жлезда во човековото тело. Се наоѓа зад ребрата, во горниот десен дел од абдоменот. Црниот дроб има бројни и многу важни животни функции, кои се битни за одржување на човековото здравје. Една од важните функции на црниот дроб е продукција на жолчка, која е неопходна за разградување на мастите, а помага и во апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, како и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К. Црниот дроб е важен и за детоксикација на некои отровни материи од крвта.
Црниот дроб е важен и за регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, како и за синтеза на протеини кои циркулираат во крвта. Црниот дроб е орган одговорен за промена на мастите кои се внесени преку исхраната во тип на масти кои се таложат во телото и истите се користат од страна на телото како извор на енергија. Нарушувањето на овој нормален процес може да се јави при алкохолизам, малнутриција, бременост или труење. При замастен црн дроб, големи капки на масти, претежно триглицериди, се собираат во клетките на црниот дроб. Самата состојба обично не е болна и може да помине подолго време без да се дијагностицира. Но, кога станува збор за поголемо оштетување, тогаш црниот дроб може да се зголеми и до три пати и да биде болен. Стеатозата може да доведе до фиброза и цироза на црниот дроб. Стеатозата е честа болест и афектира околу 25 насто од популацијата.
Причини за појава на болеста и симптоми
Најчеста причина за замастен црн дроб е алкохолизмот. Алкохолот го менува начинот на кој црниот дроб ги обработува и ги складира мастите. Честопати лицата кои употребуваат алкохол, односно лицата со хроничен алкохолизам страдаат и од неухранетост поради неправилна и небалансирана исхрана. Неалкохолна болест на замастен црн дроб (NAFLD) е асоцирана со инсулинска резистенција/шеќерна болест, дебелина, дислипидемија, употреба на стероиди, одреден тип на лекови – amjodaron, metotrexate, хемотерапија. Кај бременоста, исто така, може да се јави една ретка но сериозна форма на замастен црн дроб, која се јавува во задоцнета бременост, при метаболни заболувања, зрачење и друго. Симптомите кои се јавуваат, почесто кај алкохоличарите со замастен црн дроб, се гадење, повраќање, губење на апетит и абдоминална болка.
Поставување дијагноза
Дијагнозата се поставува за време на прегледот кога лекарот може да забележи зголемен црн дроб со нежни допири на стомакот под десниот ребрен лак, кога пациентот лежи. Исто така, лабораториски,
преку крвта може да се види доколку постои оштетување на црниот дроб, кога постојат лабораториски абнормалности со покачени вредности на AST и ALT. Кај бремените жени, состојбата на замастен црн дроб обично е поврзана со уште една сериозна компликација, еклампсија и прееклампсија. Исто така, дијагнозата се поставува и со ултрасонографски преглед, ЕХО на абдомен.
Третман
Во современата медицина не постои специфичен начин на лекување на замастен црн дроб. Но, регулирање или лекување на која било скриена или примарна причина која предизвикала нарушување на функцијата на црниот дроб, како што е дијабетес, е од есенцијално значење. Доколку замастувањето е предизвикано од алкохол, основно е да се прекине со консумација на секаков вид алкохол, да се јаде здрава храна и исхраната да биде добро балансирана. Значи, неопходно е да се отстранат сите видови токсини кои го оштетуваат црниот дроб. Доколку се користат стероиди или друг тип на суплементи, да се прекине со нивно користење. Доста важно е внесување на витамини и минерали. Всушност, оваа мерка е корисна за сите кои боледуваат од замастен црн дроб предизвикан од неалкохолна природа.
Прогноза на болеста
Замастен црн дроб обично е реверзибилно пореметување доколку на време не се открие и не се третира!
Превенција
Превенцијата се состои од добро балансирана исхрана, со умерено внесување алкохол или воопшто да не се консумира алкохол, доколку постои вишок на килограми истиот да се намали.
Диета
Диетата кај замастен црн дроб е многу важна и неопходна. Со постепено слабеење (не повеќе од половина до еден килограм неделно) лицата кои имаат вишок килограми можат да ја намалат количината на мастите во црниот дроб и на тој начин да ја подобрат неговата функција. Избалансираната исхрана и редовната физичка активност се од особено значење.
Освен намалување на бројот на калории, потребно е да се намали и со консумирање на преработена храна, особено онаа која содржи поголема количина на јаглехидрати (бел леб, тестенини, пченка, бел ориз, концентриран шеќер во соковите), како и масти.
Под исхрана за замастен црн дроб се подразбира:
– намалување на внесување на мастите во исхраната, особено на заситените (маргарин, путер, павлака) и подготовка на храната на пареа, на скара или варена храна, со минимална количина на маслиново масло, што претставува обврска на сите лица кои имаат замастен црн дроб,
– избегнување на внесување непотребни лекови, исто така, е ефикасна мерка во лекување на болеста. Дури и одредени минерали и витамини можат да предизвикаат проблем, затоа најдобро е истите да се внесуваат во организмот по природен пат, преку храната.
Иако измените во исхраната и секојдневната физичка активност се најважни за подобрување на функцијата на црниот дроб, постојат и природни лекови кои ја подобруваат регенерацијата на клетките – омега 3 масни киселини, глуварче, жен-шен. Замастен црн дроб успешно се лекува и со чај од глуварче, кој се подготвува на следниот начин: 2 мали лажици иситнет корен од глуварче се прелива со 2 децилитри провриена вода. Да се поклопи и да се остави да отстои. По 20 минути треба да се процеди. Да се пие наутро и навечер.