Фармацевти
Контакт

<< Назад

НУРКАЊЕ

август 5, 2015

[vc_column width="1/1"]Ловци на подводно богатствоЛејла Беговиќ

Стари колонијални бродови и едреници, кои исчезнале во длабочините на морињата и океаните, ја будат фантазијата и ги хранат легендите за скапоцености, па авантуристите, истражувачите и компаниите специјализирани за потрага по богатства во мистериозниот подводен свет ангажираат професионални нуркачи, надевајќи се дека ќе пронајдат остатоци од пиратски или трговски бродови со златен товар

Најважна работа на нуркачите во минатото, кои нуркале на здив и се обучувале од детството, било спасување товар од потонатите бродови. Тоа било работа која носела пари. Уште пред 22 века луѓето-жаби имале плата пропорционална со длабочината на нуркањето. Врзани со јажиња и обезбедени со камења кои служеле како тегови, нуркале и до 30 метри под површината на водата. На еден асирски релјеф, стар 3 000 години, прикажани се овие херои, а за нив пишувал и Херодот. Александар Велики имал и обучени војници-нуркачи, чија работа била да ги отстрануваат подводните пречки.

Денес, покрај индивидуалните ловци на богатство, авантуристи кои се обидуваат да дојдат до златен и сребрен товар од некоја галија изгубени за време на изминатите векови во некој ураган, постојат и регистрирани компании чија работа е потрага по остатоци од бродови. Таква е и американската „Одисеј марин експлорејшн“, за која се тврди дека во Ла Манш открила остатоци од моќниот едреник Виктори, кој пловел со 4 тони златници. На бродот долг 50 метри и тежок 2 000 тони, кога исчезнал во 1744 година, имало и 1 150 членови на екипаж. Пронајден е на длабочина од 100 метри, а доказ во идентификацијата биле два бронзени топа, украсени со грбот на британската монархија и стилизирани со рачки во облик на делфин.

Крал на морето
Тоа била една од најголемите несреќи во историјата на поморството, за која ништо не се знаело речиси 3 века. Веста дека нуркачите откриле остатоци со причина го вчудоневидела светот, бидејќи едреникот бил гордост на британската морнарица, поради моќта, украсите и големината го нарекувале и „крал на морето“. Во исто време, бил и „најбогат некогаш пронајден брод“, како што официјално изјавил Грег Стем, директор на „Одисеј марин експлорејшн“, специјализирана компанија за барање и спасување исчезнати бродови која пронашла и еден од галионите на шпанската златна флота во водите на Карибите.

Меѓународното поморско право, кое не го признаваат сите држави, предвидува на пронаоѓачите на потонатите бродови да им припадне дури околу 90 % од пронајдената вредност. Во пракса тоа и не е секогаш така, туку се јавуваат спорови околу поделбата на богатството. Меѓутоа, кога „ловците на богатство“ го пронашле бродот Сасекс, потонат во 1694 година во близина на Гибралтар, со златен товар вреден 425 милиони долари, добиле најголем дел, 355 милиони. Но, не е само добивката мотив кој ги инспирира ловците, тие имаат културолошка и археолошка вредност, а можат да бидат и неми сведоци на изминатите векови и исчезнатите цивилизации. Вљубениците во морските длабочини, почнувајќи од оние кои нуркале на здив, до опремени со високотехнолошки уреди, длабоко веруваат дека најголемите мистерии на нашата планета се кријат токму во неистражените сини длабочини.

Кога во длабочините на Јапонското Море, во близина на островот Окинава, се откриени необични остатоци од делкан камен, стар 12 000 години, многумина поверувале дека станува збор за изгубениот континент кој Јапонците го нарекуваат Оногороџима. Според преданието, овој континент, како и Атлантида, го проголтало морето. Според друга теорија, во прашање е митскиот континент Му, населен со прогонети од Атлантида. На запад Му го нарекувале и Лемурија, сметајќи дека оваа цивилизација над цивилизациите била сместена некаде во пространствата на Пацификот, од Јапонија, па преку Полинезија сè до Велигденските Острови.

Кога пред 30 години нуркачот Кикачиро Аратаке недалеку од островот Јонагуни, на длабочина од 25 метри, здогледал огромна пирадима, не се знаело дали е таа дело на природата или е дело на луѓето, сè додека океанографите не пронашле со рака делкани скали, систем за дренажа и пиктограми слични на оние од Окинава. На крајот на 20 век и почетокот на новиот милениум, нуркачите пронашле уште 11 локации со подводни градби, храмови, плоштади, скали, патишта и стилизирани ликови на морски животни во длабочините помеѓу Јапонија и Тајван. Најголемата градба се наоѓа на 35 метри длабочина, долга е 80 метри.

Подводен Елдорадо
Колкава е вистинската вредност на богатството кое го чуваат во своите длабочини светските мориња и океани никој со сигурност не знае, што уште повеќе ги храни легендите за непроценливите драгоцености, па огромен број луѓе го истражуваат Тихиот, Атлантскиот и Индискиот Океан со надеж дека ќе отријат остатоци од пиратски или трговски бродови. Тој подводен Елдорадо со причина ја буди фантазијата на нуркачите, бидејќи само во водите покрај брегот на Карипското Море се кријат остатоци од стотина галии.

Старите колонијални бродови тонеле поради пренатрупаност со вредни метали, поради судири со гусарите и бури. Португалската фрегата „Flor de la Mar“, која во 1511 година наводно носела 55 тони злато, потонала по бура во близина на Суматра. Капетанот и дел од екипажот се спасиле, но робовите и богатството исчезнале. Британскиот брод „Merchant Royal“, кога потонал во 1641 година, носел 37 000 килограми злато, околу 500 000 сребрени пари и 400 прачки мексиканско сребро, а остатоците сè уште не се пронајдени. Меѓутоа, не го бараат сите само среброто и златото во таинствените длабочини. Убавината на подводниот свет секоја година инспирира милиони луѓе кои заминуваат на топ светски дестинации, каде можат да видат егзотични корални острови и прекрасни, разнобојни риби како пловат во јата. Нуркањето на Големиот корален гребен во Австралија, долг 2 600 километри, и најголем на светот, денес е целосно безбедно за туристите, кои се опремени со маски и перки и уживаат во пливањето со 1 500 различни риби. Нуркањето во кристално чистите води на Малезија се смета за посебно доживување, како и нуркањето со ражите во плитките лагуни на Бора Бора во Полинезија. „Човек не може да открие нов океан ако нема храброст да го изгуби од вид брегот“, рекол Андре Жид, француски книжевник и нобеловец.

Човек, октопод и орхидеја
Во 1956 година на Канскиот фестивал филмот на Кусто „Светот на тишината“ ја добил Златната палма. Славниот океанограф снимил повеќе од 90 филмови за тајните на светот под морската површина. Кусто објавил и 15 книги, мемоари и дневници, каква што е и книгата „Човек, октопод и орхидеја“.

Нуркачко ѕвоно
Кога на крајот на 16 век е измислено „нуркачкото ѕвоно“, луѓето прв пат можеле да останат подолго под вода. Нуркачкото ѕвоно имало отворено дно, а се спуштало со тегови, така што воздухот останувал заробен внатре во неговите ѕидови. Стотина години подоцна, Вилијам Фипс смислил две поврзани ѕвона, па нуркачите така имале два извора на воздух. Револуција во нуркањето овозможил изумот на англискиот астроном Едмонд Халеј, кој креирал цел систем на ѕвона со довод на воздух и вентили. Количината на воздух се наподолнувала така што вентилот се отворал, а притисокот го терал свежиот воздух кон нуркачкото ѕвоно. Халеј, демонстрирајќи ја предноста на својот изум, со уште 4 луѓе поминал 90 минути на длабочина од 18 метри во реката Темза.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>