Фармацевти
Контакт

<< Назад

Дојранско Езеро

август 5, 2015

[vc_column width="1/1"]НАЈПЛИТКО И НАЈТОПЛО ЕЗЕРО КАЈ НАСИвана Коцевска

Најмалото од трите природни езера во Македонија, Дојранското Езеро, најдобро е да го посетите во август, месец кога цветаат алгите и притоа се ослободува лековитиот јод и кога зреат највкусните смокви, а за храната подготвена од штотуку уловените риби долго ќе си приспомнувате

На крајниот југоисток на Македонија се наоѓа едно од трите природни езера, Дојранското Езеро. Остаток е од некогашното многу поголемо Пеонско Езеро, кое исчезнало за време на неогенот. Езерото има елипсовидна форма и површина од 42,5 км2, од кои една третина ѝ припаѓа на соседна Грција. Нивото на езерото е на мала надморска висина од 148 метри, и е најплитко, со максимална длабочина од 10 метри. Дури 120 дена во годината температурата на воздухот е над 26 С. Малата надморска височина, јужната положба, малата количина на вода, големата инсолација и високата температура во воздухот, го прават најтопло езеро кај нас. Сезоната на капење може да трае и до 5 месеци, од крајот на мај до почетокот на октомври. При студени зими езерото целосно замрзнува.

Од три страни езерото е заградено со планини, на север со Беласица, на исток со Круша и на запад со Карабалија, а четвртата, јужната страна, е отворена во правец на плодната рамнина кон градовите Кукуш и Солун, од каде се чувствува влијанието на медитеранската клима. Климата е со топли и суви лета, со изразено високи температури и благи и влажни зими. Ваквата клима и плодното земјиште се создадени за одгледување калинки, смокви, бадеми, најразновиден зеленчук и високи сорти грозје. Оваа чудна и навидум непријатна, но во исто време и уникатна мешавина на мириси, е специфична и не може да се почувствува на ниту едно друго место. Единствено се доживува и вдишува токму на брегот на Дојранско Езеро.

ЛЕГЕНДИ ЗА ИМЕТО ДОЈРАН
За тоа како Дојран го добило името постојат две легенди. Првата легенда вели дека во старите времиња, на просторот каде што денес се наоѓа Дојран постоел бунар од кој луѓето полнеле вода. Откако ќе наполнеле вода, тие го затворале бунарот со девет катанци. Еден ден по вода заминала најубавата девојка од тој крај, Дојрана. Покрај бунарот ја чекало нејзиното момче, Лабин. Занесена од љубовта, таа заборавила да го затвори деветтиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина. Така се создало езерото што го добило името по девојката Дојрана. Друга легенда вели дека името го добило од девојката Дојрана, која несакајќи да замине да живее кај турскиот паша, скокнала во езерото и се удавила. Македонскиот композитор Трајко Прокопиев, инспириран од прекрасната љубовна приказна, ја создаде музиката за балетот „Лабин и Дојрана“.

ЛЕКОВИТИ АЛГИ И КАЛ
При првиот престој ќе бидете изненадени од бојата на водата, заборавете на бистрата и чиста езерска вода, овде ќе ве дочека жешка, зелена и матна езерска вода. При влегување во неа стапалата ви пропаѓаат во тиња. Ако сте на одмор во август, тоа е време кога водата е најлековита. Имено, петнаесеттина дена во годината, во август, се случува природен феномен, кога алгите цветаат и при тоа се ослободува лековитиот јод. Ќе бидете изненадени од големата количина пена, слична на пена од сапуница, која надоаѓа кон брегот. Пената ја произведува цветот од алгите, таа е сосема природна. Алгите можат да отстранат секакво воспаление на синусите. Едноставно исплакнете го носот додека пливате и потоа можете да пиете ладно пиво и сладолед. Присуството на алги во водите на Дојранското Езеро придонесува да се лекуваат незараснати рани, а рибарите одамна знаат дека лекот направен од алгите со успех ја лекува ревмата.

А откако ќе излезете од водата, намачкајте се со калта која се наоѓа на плажите, за која уште од времето на Александар Македонски се верува дека е лековита. Се верува дека дојранската кал е далеку поквалитетна според присуството на минерали од калта во Црното Море, која се користи за терапевтски третмани. Оние на кои не им пречи нејзиниот мирис на школки и алги, слободно можат да ги пробаат нејзините благодети дури и ако немаат никакви здравствени проблеми. Денес докажаните благопријатни својства на езерската кал врз некои кожни заболувања, болки во зглобовите, артритис, бронхитис и слично доаѓаат да ги ползуваат луѓето од 7 до 77 години. Најефикасно дејство калта има ако се нанесува на телото седум дена и тоа еднаш до два пати дневно. Таа е особено корисна за лекување бронхитис кај мали деца. Во лековитите својства на калта можете да уживате и на новата плажа, покрај брегот која е направена од песок зеолит, кој е особено лековит за обнова на ноктите, коските и некои кожни заболувања.

Денес е познато дека Дојранското Езеро е најбогато езеро со риба во Европа, бидејќи е богато со храна. Годишно од езерото на македонскиот дел се ловат над 600 тони риба. Инаку, овде има специфичен начин на ловење риба со помош на птиците корморани во мандри. Овој начин на рибарење во светот е сочуван само тука и во Кина. Мандрите се места во езерото каде расте трска и тука се собира рибата. Мандрите се оградени со трска од трите страни, а четвртата страна во правец на езерската шир е слободна. Птиците ги гонат рибите по езерото, а тие засолниште бараат во оградените езерски површини. Кога ќе се собере доволно риба во мандрите, се затвора страната која е отворена кон езерото и започнува риболовот. А рибата подготвена на илјада кулинарски дојрански начини нема да ве остави рамнодушни.

ДОЈРАН
Покрај македонско-грчката граница се наоѓа градот Дојран, оддалечен од Скопје 166 км, од Гевгелија 38 км, од Струмица 45 км, и од Солун во Република Грција 81 км. Во историјата неговата судбина била одредена од местоположбата. За време на владеењето на македонските кралеви во античкиот период името на населбата било Тауријан. Со доаѓањето на Словените на Балканот, Тауријан важел за град кој благодарение на местоположбата и развојот зазема значајно место во поглед на историските, културните и економските случувања. Во некоја од годините на IX век поради епидемија на колера и последиците од неа градот е поместен малку подолу – на југ.

Новиот град добива ново име, Полин, и ги прифаќа навиките на веќе стариот Тауријан. Населението се занимавало со риболов, лов, земјоделие. Подоцна е освоен од новите и најдолготрајни гости-господари, Турците Oсманлии, кои го дале третото име на градот – Дојран, според турскиот збор Далјан – езеро богато со риба. И во тој период градот најмногу се развива, се почувствувало влијанието на Цариградската и Солунската архитектура, со улици со калдрми, чиста вода за пиење спроведена до повеќе градски чешми преку канали со керамички цевки, градска бања - амам кој го користеле сите жители, мажи и жени, христијани и муслимани, три цркви и три џамии, неколку училишта и една заедничка саат кула. Населението го нарекувало Дојран Чучук Истанбул – Мал Истанбул. Имало фабрика за производство на свила, работилница за добивање зејтин. Секоја година на Илинден се славел празникот на рибарите и со музика и песна се печела риба на трска. На пролет се одржувал карневал.

Пред Балканските војни градот Дојран имал 12 000 жители, двокатни куќи со поглед кон езерото, широки улици и чаршија со над 300 дуќани и занаетчиски работилници. Низ градот минувале карвани со камили кои носеле стока од Солун.

За време на Првата светска војна Дојран се нашол на линијата на фронтот, бомбардиран е и целосно уништен. Со создавањето на Кралството Југославија, шеесетина рибарски семејства на оддалеченост од околу 4 км од разурнатиот Дојран, градат нова населба позната под името Нов Дојран.

Поради ископување на канал од грчка страна, кој се користи за наводнување, езерото се најде пред катастрофа. Водата се одлеваше, што предизвика помор на животинскиот и растителниот свет во езерото. Туризмот замре. Но, од 1988 до 2000 со изградба на систем за полнење и поволни хидролошки услови, езерото почна да се полни, а со тоа животот продолжи на радост на сите, и на гостите и на домаќините.

Во Дојран можете да го посетите Езерскиот музеј, со колекција од растителниот и животинскиот свет од Дојранското Езеро. Претставен е карактеристичниот начин на лов на риби, а направена е и карактеристична рибарска колиба. Од културно-историските споменици: Црквата Св. Илија, Градската саат кула, Градската бања, Споменикот Дојрана, манастирскиот комплекс на Св. Партениј Зографски. Во Дојран се одржуваат повеќе културно-уметнички манифестации и ликовни колонии. Најпозната манифестација е „Дојрански ракувања“.

Поради поволната клима и воздухот, во Дојран има изградено хотелски капацитети, приватни апартмани, кои освен од туристите се користат и од страна на спортистите за време на подготовките за натпревари. Правете прошетки покрај брегот, вдишувајте го лековитиот јод, уживајте во плодовите од природата, која овде е величествена, и, се разбира, не заминувајте без да пробате риба подготвена на дојрански начин.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>