[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/04/Cover-site.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]
ИГОР ЏАМБАЗОВ
Јас одбивам да бидам просечен
Broj 15, маj 2015
Актерството е вирус за кој сè уште не е пронајден лекот
Бојана Симоновиќ
Кога ќе се направи асоцијација за најдобриот шоумен во Македонија, кој, исто така, е и актер, водител, текстописец, писател, музичар... може да се добие само еден одговор – Игор Џамбазов. Уметникот кој одбива да биде просечен ексклузивно за BETTY магазин открива на што работи во моментов и зошто периодов не е присутен на телевизиските екрани. За најголем свој успех ги смета своите пријатели, а говори за својата прва љубов– актерствотоBETTY: Можевме да Ве сретнеме во многу сфери од јавниот живот, но овој период малку се повлековте, пред сè, од ТВ-екраните, на што се должи таа Ваша одлука?
Отсутен сум само од телевизиските екрани, односно немам своја емисија на ни една од нашите телевизии. А зошто е тоа така, ќе мора да ги прашате сопствениците и уредниците на истите. Искрено, во овој момент и не е некоја голема привилегија да те има на телевизија во кој било контекст. Добро е кога публиката ќе има шанса да одмори малку од тебе. Инаку, јас сум и повеќе од активен. Настапувам низ Македонија со својот бенд, пишувам неколку текстови за новиот албум на Тамара, ја започнав својата нова книга...
BETTY: Последно нешто кое остави печат на Вашата кариера како писател е издавањето на книгата „Облечен човек“ на крајот од минатата година. Колку сте задоволни како таа е прифатена од публиката?
Тоа дека „Облечен човек“ ќе биде успешен проект се виде уште на самата промоција, некаде пред Нова година. Не се сеќавам дека некогаш имало повеќе народ на промоција на која било книга кај нас. Немаше ниеден гостин по протокол. Сите што дојдоа беа фанови на моите книги, кои дојдоа само за да ја купат, да добијат автограм и да се фотографираат со мене. Голема чест ми направи и појавувањето на мојот пријател Раде Шербеџија, кој и покрај многуте обврски, сепак, се појави, испи една чаша македонско црвено вино и ми посака среќа.
BETTY: Мислите ли дека „Облечен човек“ ќе успее да ја надмине популарноста на „Гол човек“ – Вашата автобиографска книга која е симбол за разголување на Вашата приватност?
Продажбата на „Облечен човек“ оди одлично, и првите бројки кажуваат дека многу наскоро ќе му се доближи на „Гол човек“ по бројот на продадени примероци и по својата популарност кај публиката, особено кај младите што мене особено ме радува. Инаку, токму деновиве издавачкиот центар ТРИ ги пушти во продажба реизданијата на сите мои книги кои се продаваат под името „Присобрани дела“.
BETTY: Дали улогата на писател можеби најмногу Ве исполнува во овој период од животот?
Токму така. Пишувањето прво ми беше хоби, потоа прерасна во пасија, а денес можам слободно да кажам дека ми стана потреба. Еве и сега, пишувајќи ја мојата нова книга, сфатив дека тоа во овој период од животот ми причинува огромно задоволство. И не само тоа. Патувам низ државата, правам промоции и средби со публиката која во секое време е расположена да размениме по некое искуство од енигмата наречена ЖИВОТ.
BETTY: Како што напоменавме, активни сте во многу уметнички сфери, но јавноста не може да го заборави почетокот на Вашата актерска кариера на 12-годишна возраст со улогата во ТВ-серијата „Волшебното самарче“. Значи ли тоа дека актерството било Вашата прва љубов?
Уште кога го завршив снимањето на мојот прв филм „Македонскиот дел од пеколот“, во 1970 година, знаев дека тоа ќе биде мојата животна определба. Потоа следуваше „Волшебното самарче“, а по него редица на телевизиски серии, филмови, емисии, и така сè до моето запишување на Факултетот за драмски уметности, после кој се вработив во Драмскиот театар, каде ги доживеав најубавите моменти во својата артистичка кариера. Последната улога што ја одиграв беше
во претставата Сомнително лице, која ја направивме по повод 100 години од раѓањето на мојот дедо Петре Прличко, а во неа јас ја играв истата улога што тој ја играше повеќе од 40 години.
BETTY: Колку изборот на професија кај Вас беше инспириран од тоа што растевте во семејство на уметници?
Се разбира дека семејството беше пресудно во изборот на професијата. А што би сакал да бидам јас во животот покрај дедо и мајка – врвни актери, кој целото детство го помина зад сцената, по гардеробите, шминкерниците, а и по бифињата во театарот?
Но, не секогаш моето презиме ми помогнало во кариерата. Неколку пати ми има дури и одмогнато. Но, секогаш сум се трудел да ја оправдам довербата што режисерите ми ја укажале.
BETTY: Доколку не се занимававте со уметност, која ќе беше Вашата професија?
Искрено, не верувам дека би можел да се занимавам со нешто друго во животот. Иако, како гимназијалец помислував и на некои други професии. Ме интересираше психологијата, можев да бидам добар адвокат, фудбалски тренер, но сето тоа ќе го оставиме за другиот живот. Актерството е вирус за кој сè уште не е пронајден лекот.
BETTY: И покрај сите Ваши успешни проекти, луѓето не може а да не ве поврзат со времето кога бевте водител на Бинго. Асоцијација за Бинго долго време сте Вие. Успеавте и во оваа игра на среќа да внесете уметност и нови информации. Како Вие го доживеавте тој период од Вашиот живот, уживавте ли во таа улога?
Како не. А сигурен сум дека и публиката уживаше во тој мој нов пристап во водењето на телевизиски емисии. Тогаш се трудев на публиката што повеќе да ѝ откривам за неа неоткриени места, приказни и легенди од нашата единствена Македонија, и можам нескромно да се пофалам дека сум првиот водител на телевизија кој инсистираше на тоа Македонија да ни биде најважна. Денес тоа го прават скоро сите, некои успешно, некои помалку успешно.
BETTY: Кога ќе се спомене Игор Џамбазов како музичар веднаш се сеќаваме на легендарната песна „Време за плачење“. Овој евергрин беше награден на Макфест, но вистинската награда е тоа што сè уште е една од најслушаните песни. Очекувавте ли кога ја изведувавте оваа композиција дека ќе создадете ваков хит?
Ни на крајот од умот, во тоа време не помислував на тоа. Во тоа време, луѓето од Макфест ме ангажираа за настап на фестивалот, сметајќи на мојата огромна популарност што ја имав меѓу народот.
И така песната стана полн погодок. На мојот концерт во „Борис Трајковски“ пред повеќе од една година, за прв пат ја изведовме со мојот бенд, овој пат во сосема нов аранжман, во фанки ритам. И ден-денес ја свириме на нашите концерти, и пресреќен сум кога гледам дека ја пеат и младите кои не ни биле родени тогаш кога песната се појави на Макфест.
BETTY: Во текот на животот сте биле прогласувани за најпопуларно ТВ-лице на годината, за артист на годината, водител на годината... Колку наградите имаат значење за Вас?
Кога бев помлад, многу ми значеа. Ми значат и денес, но не на истиот начин. Сите мои награди ги префрлив во моето ново живеалиште, на горниот кат од куќата село Слепче, каде што живеам последните неколку години. Слепчаните, на шега, таа соба ја викаат Музејот на Игор Џамбазов.
BETTY: На што во моментов работи Игор Џамбазов, што е Ваша инспирација и предизвик?
Моментално работам на себе, што би рекле ние актерите. Животот е факултет што се студира до смрт. Се обидувам да бидам што подалеку од ова лудило што нè зафати, од оваа ситуација на искривени огледала, розови очила, на партизација на сè и сешто, па дури и на уметноста и спортот! Ако некогаш сето ова заврши, можеби ќе се обидам повторно да станам дел и од театарот и од телевизијата. Денес е време на медиокритети, а јас одбивам да бидам просечен!!!
BETTY: Колку сте задоволни од она што досега сте го постигнале на професионален план?
Морам да бидам задоволен. Ми се остварија многу соништа од детството, многу желби од младоста, но она што го сметам за свој најголем успех, тоа се моите пријатели. Ги имам насекаде низ
Македонија, дури и по оние најскриените и најзаборавените места,
иако оние вистинските можат да се избројат на прстите од двете раце.
Пријателството може да се роди за еден миг, а да трае цела вечност. Но, и обратно. Има пријателства што ги негуваш со години, а можеш да ги загубиш во само еден миг!
BETTY: Која е Вашите неостварена цел во кариерата, и дали има воопшто таква?
Немам такви желби. А и да ги имам, тешко се остварливи. Немам намера да правам нешто што сум го правел на ТВ пред 20 години. Сакам да направам нешто за кое ќе се зборува во наредните 20 години. Сега е време на инстант проекти, лошо синхронизирани серии, и телевизиски шоуа од северот, со кои полека но сигурно го губиме идентитетот, истиот оној кој политичарите не го вадат од уста.
BETTY: Колку вашите професионални обврски Ви дозволија да посветите грижа за Вашето здравје?
И професијата, а и боемскиот начин на живот кој го практикував повеќе од 25 години, сериозно го нарушија моето здравје.
Прашината и провевот по театарските сцени, нервозите и суетите на телевизиските снимања, непроспиените ноќи, нередовната исхрана, цигарите, алкохолот, забранетите супстанции...сето тоа остави голема лузна во мојот организам.
BETTY: Како сега се грижите за Вашето здравје?
За тоа е одговорен мојот татко, маестро Џамбазов, кој е маестро и за избор на здрава храна. Се труди што повеќе да ме снабдува со тазе зеленчук, овошје, диетален шеќер, хималајска сол, а она што најмногу ми помогна да се почувствувам здрав, тоа е една оригинална македонска измислица – маџун. За оние што не знаат, тоа е сок од грозје кој се консумира наутро и навечер. Детоксикатор каков фармацевтите никогаш нема да измислат. Пробајте маџун под итно![mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2015/05/App_MK_cover_maj_2015.jpg" image_size="full"]