[vc_column width="1/1"]Александар Вучков
Лузните, пред сè, се естетски и психолошки проблем, кој може да го загорчи животот и да го намали неговиот квалитет, од избегнување на социјални контакти, намалување на работните способности, немање желба да се излезе од дома, до носење долги ракави, и сл. по најголема жештина, избегнување на плажи, базени, вежбални
Повеќе или помалку видливите лузни на лицето, вратот, деколтето, рацете и нозете се изложени на погледите на другите луѓе и неизбежно предизвикуваат реакција на околината (љубопитност, сожалување, чудење, сочувствување итн.), предизвикувајќи различни психолошки проблеми (повлекување, губење на самопочитта, депресија и др.).
Лузните се формираат со зараснување на некоја повреда, без разлика дали таа настанала од изгореници, акни или некои други трауми. Ги создава нефункционално, сврзно, фиброзно ткиво, со поинаква боја, релјеф, дебелина и тврдина, кое ја заменува нормалната структура на кожата. Дури и кога не се болни и не создаваат други проблеми, освен психички, терапијата не треба да се одложува, зашто е најефикасна ако се применува веднаш по зараснувањето. Терапијата на лузните често е долготраен процес, кој бара редовност, посветеност и трпение, може да трае една година и повеќе денови и не би требало да се прекинува и запушта.
Неоперативното лекување на лузните се базира на секојдневно нанесување силиконски облоги, крема и гелови, според упатство од лекар. Освен овие локални средства, терапијата може да се заснова и на комбинација од различни методи за третирање на лузни, како масажа, компресивна терапија, интралезиска примена на кортико медикаменти и терапија со ласер.
Оперативното лекување на лузните се спроведува од три причини: ако неинвазивните методи не дале очекуван резултат, ако лузната е сериозен естетски проблем кој предизвикува психички тегоби и најважна – ако лузната е причина за некој функционален проблем – намалена функција на прстите, шаката, отежнато движење на вратот, очниот капак и сл. Реконструктивното лекување на лузните го прават хирурзи-пластичари, во соработка и со консултација со психолог и други специјалисти, кога ќе се заврши процесот на созревање на лузните. Исклучок се итни случаи кога лузната пречи на функционирање на некој орган.
Прогноза на лекувањето: Изборот на терапија која ќе биде најефикасна (или комбинација од терапии) ја одредува хирург-пластичар со други лекари, а на пациентот е да се држи до препишаниот третман, колку и да е долготраен. Освен во ретки и драстични случаи, лузните е можно да се намалат, до незабележителност.