Фармацевти
Контакт

<< Назад

Глауком

август 25, 2015

[vc_column width="1/1"]

Раната дијагностика го чува видот

асс. д-р Беким Татеши, офталмохирург
Универзитетска клиника за очни болести, Скопје

Кога се зборува за глауком се мисли на болести на окото, од кои многу се карактеризираат со зголемен притисок во окото. Овој висок интраокуларен притисок (ИОП) го уништува очниот нерв и сето ово води до слепило на зафатеното око

Глаукомот е најподмолна болест во медицината, бидејќи заболениот не забележува ништо. Дури и лекарите, понекогаш и очните лекари, се жртва на глаукомот, а не се свесни за тоа. Преку рана детекција, дијагностика и третман, вашиот лекар може да ви помогне да го сочувате вашиот вид.

Очната водичка константно циркулира низ предната комора на окото. Се лачи од цилијарното тело, кое се наоѓа зад ирисот. Очната водичка
струи помеѓу ирисот и леќата и учествува во исхраната на рожницата и леќата, за потоа да се елиминира преку многу мало сунѓересто ткиво наречено трабекулум, кое се наоѓа во аголот каде се граничат ирисот и корнеата и функционира како дрен. Кога дренот ќе се запуши, очната водичка не може да се елиминира со брзината со која се произведува, па така течноста се враќа назад. Сето ова резултира со зголемен притисок во окото.

Оптичкиот нерв е дел од окото и главна задача му е да ги пренесе визуелните информации до мозокот. Се состои од снопови на нервни влакна, т.е. од милиони микроскопски нервни клетки. Кога притисокот во окото расте, нервните влакна се компромитирани и се уништуваат до тотално губење на функцијата. Оваа клеточна смрт резултира со трајна загуба на видната функција. Раната дијагноза и
лекување на глаукомот може да го спречи процесот на уништување на клетките. Не мора да си многу информиран за да знаеш дека главен симптом на глаукомот е зголемен очен притисок и при преглед на очен лекар да побараш да ти биде истиот измерен. Кажавме дека
зголемениот очен притисок е главен, но не и единствен симптом на глаукомот. Постојат и други знаци, па според тоа за да се потврди,
односно да се отфрли дијагнозата глауком, покрај притисокот треба да се направат и многу други испитувања.

Типови глауком
Примарен глауком со отворен агол (POAG): Апроксимативно од овој тип на глауком боледува 1% од светската популација. Се јавува главно кај луѓе над 50-годишна возраст и е најчест облик на глауком.

Терминот се однесува на специфичната анатомска градба на ирисот и корнеата, кои формираат иридокорнеален агол кој е широко отворен. Не постојат симптоми или знаци за рано откривање на примарниот глауком со отворен агол. Интраокуларниот притисок постепено расте и корнеата се адаптира на оваа состојба без појава на едем. Овие промени не предизвикуваат болка, па поради тоа пациентите не се свесни дека постепено ја губат видната острина, сè до појава на слепило во доцните фази на болеста. Како времето одминува видот е намален, а патолошките промени се иреверзибилни.

Нормотензивен глауком:
Познат и како глауком со низок очен притисок, се карактеризира со прогресивено уништување на оптичкиот нерв и стеснување на видното поле со вредности на интраокуларниот притисок кои се движат во нормалниот распон (10-21 mmHg).

Нормотензивниот глауком сè повеќе и повеќе се дијагностицира и може да се каже дека една третина од случаите на глауком со отворен агол припаѓаат на оваа група. Се мисли дека намалениот проток на крвта во оптичкиот нерв делумно може да биде причинител за умирање на нервните клетки кои се одговорни за пренос на светлосните импулси од ретината до мозокот. Студиите сугерираат дека апнејата при спиење и нискиот крвен притисок во текот на ноќта би можеле да бидат дополнителни фактори на ризик за појава на нормотензивен глауком.

Глауком со затворен агол:
Во САД приближно половина милион луѓе се болни од глауком со затворен агол. Се мисли дека оваа болест може да биде наследна и може да се случи неколку членови од едно семејство да бидат погодени. Најчесто со јавува кај луѓето од азиско потекло како и кај далековидни (хиперметропи).

Овде доаѓа до собирање на очната водичка зад ирисот и зголемување на интраокуларниот притисок, при стеснување на иридокорнеалниот
агол под 45 степени, со што ирисот уште повеќе ја покрива трабекуларната мрежа блокирајќи ја дренажата. Ова доведува до зголемен интраокуларен притисок и до уште поголемо намалување на аголот. Кога доаѓа до целосно блокирање на овој простор, настанува акутен глауком.

Акутен глауком:
За разлика од акутниот глауком со затворен агол, каде што интраокуларниот притисок се зголемува постепено, кај акутниот глауком притисокот се зголемува одеднаш. Овој рапиден раст може да
се случи за неколку часа и да стане многу болен. Симптомите може да бидат главоболка, болки во очите, гадење, повраќање, хало околу светлата во ноќни услови и многу заматен вид.

Во медицината акутниот глауком е итна медицинска состојба. Ако се доцни со третманот, оштетувањето на оптичкиот нерв може да се случи брзо и може да биде причина за трајно губење на видот. Може да се јави и фиброзирање на трабекуларната мрежа, а како резултат на тоа може да се јави хроничен глауком кој потешко се контролира со терапија. Во оваа состојба често може да се развие и катаракт.

Други поретки форми на глауком се: пигментниот глауком, глауком кај ексфолијативниот синдром, глауком поврзан за траума, глауком поврзан со користење кортикостероиди, како и конгениталниот глауком, кој е една од причините за слепило во детска возраст.

Лекување на глауком
Глаукомот се третира со капки, таблети, ласер интервенција, хирургија и комбинација на овие методи. Целта на која било метода е да се превенира губењето на видот, зашто овој процес е иреверзибилен. Добра вест е дека може да биде успешно третиран ако се дијагностицира на време и со помош на нехируршки и хируршки интервенции, па голем број на пациенти со глауком нема да ја изгубат видната острина.

Навремено користење на терапија според прескрипцијата од страна на вашиот офталмолог е круцијално за превенција од губење на видната острина. Исто така, треба да се разговара и за нусефектите на лекарствата со вашиот офталмолог. Вие и вашиот лекар треба да работите како тим за успешна борба против глаукомот.

Кој е подложен на ризик?
Од глауком може да заболат луѓе од сите возрасти. Систематските прегледи се многу важни за рано откривање и третман на глауком за да се превенира загубата на видот и слепилото. Но, некои луѓе се во поголем ризик од другите:
– Лица со зголемен интраокуларен притисок, кој е многу важен чинител за глаукомски промени
– Лица над 40-годишна возраст, но ако се јави во помлада возраст глаукомските промени може да се јават многу почесто отколку кај постари пациенти
– Глаукомот како болест може да биде и наследна, но и не мора
– Пациенти со тенка корнеа во централниот дел
– Пациенти кои подолго време користат кортикостероидна терапија
– Пациенти кои имале претходна сериозна траума на окото
– Пациенти со висока миопија
Како потенцијални фактори може да бидат и: средна миопија, дијабетес и хипертензија, односно хипотензија

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>