[vc_column width="1/1"]
ГРОЗЈЕ, СОНЦЕ, ХРАНА
Ивана Коцевска
Извонредните природни услови, сонцето, воздухот и почвата, се предуслов за одгледување на винова лоза. Во Македонија одгледувањето винова лоза е познато од дамнина, а најпознат регион е Тиквешкиот, каде има и голем број винарии. Таму можете да поминете пријатни часови или денови, да дегустирате вино и да уживате во македонска храна
Додека патувате по автопатот Скопје–Гевгелија, од север до југ, од двете страни на патот можете да уживате во глетката која е пред вас, се нижат ниви со овошје, со лозови насади и винарии. Тиквешијата е најголемо виногорје во Македонија и на Балканот, и опфаќа рамнина и ридести терени помеѓу Велес, на север, и Демир Капија, на југ. Под влијание на медитеранската клима од југ, континенталните ветрови од север и планинската клима, се формира посебна модификација на медитеранска клима во виногорје кое е многу погодно за одгледување на грозје и производство на најквалитетни македонски вина. Македонската винска приказна можете да ја следите патувајќи од Велес кон Кавадарци, Неготино, Демир Капија, па сè до Гевгелија. Во последниве десетина години интензивно се развива винскиот туризам и веќе функционираат винарии каде преку атмосферата на уживање и дегустација на вина, како и автентична македонска храна, можете да си дозволите повеќедневен одмор.
Традицијата на одгледување лозова култура во Македонија е многу стара. Во античките времиња примарна гранка на населението било лозарството. Од вкупно шест познати кратери (садови за вино) во светот, три се пронајдени во Демир Капија. За тоа колку Античките Македонци го почитувале виното зборува и фактот што биле еден од ретките народи во светот кои имале и бог на виното, Дионис. За време на обновување на Македонското Царство под Цар Самуил, повторно заживува култот кон виното. Виното, кое, пред сè, било дел од христијанските обреди, како симбол на Христовата крв се користело масовно и како пијалак.
Од времето на големите турски освојувања се раскажува приказната за султанот Мурат Трети, кој одејќи со својата војска кон Косово, ја заобиколил Демир Капија, и во овчеполската котлина му приредиле пречек, на кој меѓу останатото го послужиле и со тиквешкото вино. Кога султанот го пробал виното рекол: „Овој пијалак седум болести лекува“.
Во периодот кога Македонија е под Османлиска власт почнуваат да се внесуваат и лозови насади од Мала Азија, пред сè, лозје султанија, кое е без семки и се суши, а во сува состојба се користи за подготовка на десерти. Во тој период се внесуваат и други видови на лозја со црвено грозје, кое Турците го користат за подготвување на маџун или виномед. Во тој период, Тиквеш повторно започнува да го враќа приматот на најквалитетен лозарски регион.
Во тиквешкото село Ресава се произведувало вино во големи количини, било густо како мед. Тоа што ќе им останело непродадено, селаните го чувале, правеле тули и со нив ѕидале куќи. Остатоци од овие куќи сè уште постојат.
Лозарството како традиција во изминатите векови се задржало во обичаите и живеачката на секое семејство од овој крај. Сè уште се негува традицијата во секое семејство да има бочви, буриња за вино и за ракија и казани за варење ракија. Плантажите под лозја се лоцирани на 110-150 метри надморска височина. Интересен е обичајот на верскиот празник Свети Трифун, на 14 февруари, лозарот да закрои барем една винова лоза. Празнувањето започнува со утринска литургија во црква, при што се врши и ритуално закројување на лозницата со китка босилек и погача, со благослов годината да биде родна лозата се полева со црвено вино и со ракија, и се продолжува со песна и наздравување.
ГРОЗДОБЕР
Бербата почнува во почетокот на септември, а завршува во средината на октомври. Времето на берба се избира многу внимателно, да биде токму кога гроздовите се концентрирани и богати, кога имаат одлична рамнотежа на шеќери и киселини, високи концентрации на полифеноли и кога антоцијаните се на исклучително ниво на физиолошка зрелост. Манифестацијата Тиквешки гроздобер, пак, секогаш се одржува во првата недела од септември. Освен со добро вино, гостите секогаш се послужувани и со слатки специјалитети приготвени од грозје и од шира. Овие обичаи прераснаа денес во гроздоберски манифестации проследени со многу културни случувања, саеми на вино и карневали.
Тиквешани се гостопримлив народ, ќе ве послужат со ракија и салата од толчени зелени пиперки, модар патлиџан, црвени домати, лук и ореви, вкусно сирење. Од специјалитетите на овој крај познати се питата јајчник која се прави од пресно сукани кори потопени во млеко и потпечени со свежи јајца. За ручек можете да пробате сарми од млади лозови лисја прелеани со кисело млеко или, пак, крап печен во фурна, во земјена тава, наполнет со разни видови зеленчук, зачини, прелеан со бело вино. За десерт следува слатко од неизбежните тикви отстоени во шира, бидејќи сте во Тиквеш, а тука некогаш имало повеќе тикви од лози. Овде и солени и слатки јадења се подготвуваат со вино. Така е од дамнина. А за виното се испеани и најубавите македонски љубовни песни.
Кавадарци е стопански и трговски центар во тиквешкиот регион. Денес во Кавадарци се наоѓа најголемата винарска визба во Македонија, „Тиквеш“, која произведува надалеку познати и квалитетни црвени и бели вина и жолтата лозова ракија. Во 1973 година во „Тиквеш“ е создадено можеби и најпознато вино кога ќе се спомене Македонија, виното „Т’га за југ“, кое го добило името во чест на Струшките вечери на поезијата.
Во Повардарието, токму на местото каде што Вардар влегува во Демиркаписката Клисура се наоѓа малото градче Демир Капија или Железна Порта на турски. За тоа дека таму постоела населба уште од неолитот дознаваме од пронајдените археолошки докази, а денес овде се живее главно од виното и за виното.
Во непосредна близина на Демир Капија се наоѓа винарската визба „Попова Кула“. Нејзината изградба започнала во 2004 година и спаѓа во редот на сосема нови винарски визби во Македонија, изградени целосно од почеток. Ова е единствено место во светот каде се произведува вино од автохтоната македонска сорта на грозје „станушина“. Покрај оваа сорта, винарницата е една од малкуте преостанати винарници на Балканот која произведува вино од сортите: „прокупец“, „жилавка“ и „темјаника“. Винарската визба „Попова Кула“ прва направила вино „бела станушина“ од нивната автохтона и една од најстарите сорти во светот.
Интересно е дека името го добила според една значајна кула која постоела на местото на кое денес се наоѓа визбата. Таа стара кула од турско време служела како важна контролна точка на стариот Римски пат, но била урната при земјотрес и повеќе не постојат нејзини остатоци. Кулата била наречена така, бидејќи ја изградил внукот на попот, па и името останало „Попова Кула“.
Во Демир Капија имате можност да го посетите Музејот на виното, кој е единствен музеј посветен на виното во поширокиот регион. Таму ќе погледнете артефакти од сите периоди откако постојат населби на овој простор, т.е. ќе можете да ја насетите културата на консумирање вино од дамнешни времиња, до денес.
КРАЛСКАТА ВИНАРИЈА
Токму кај Демир Капија се наоѓа најстарата винарија на Балканот. Во 1925 година српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ од турски аги и бегови купил имот на површина од 2 000 хектари и за него платил 2 000 златници. Плодното тло и добрата локација, од една страна на имотот е Вардар, а од друга Демиркаписката Клисура, тука се мешаат медитеранската и умереноконтиненталната клима, биле идеални за одгледување винова лоза. Првите сорти кои ги препорачале Французите биле бордо, а први сорти кои се донесени на Балканот се пино грижот, пино ноар, каберне и мерлот. Овие сорти се
заштитени со закон и денес се одгледуваат. Винаријата почнала со производство во 1928 година. Произведувале висококвалитетно вино за кралскиот двор во Белград. Од Србија биле донесени и бочви од најдобар славонски даб со капацитет од 4 000 до 6 000 литри вино. Оттогаш до денес бочвите не се поместувани. Во 1934 година изградена е Вилата Марија, украс на кралскиот имот. Денес е под заштита на УНЕСКО и Заводот за државни споменици на Македонија. По 2002 година е во приватна сопственост.
Посетете го овој регион и некоја од винариите, ќе ви принесат вино, лута ракија, богата трпеза, вкусни традиционално подготвени јадења и предјадења и ќе се почувствувате боговски.