Фармацевти
Контакт

<< Назад

ПЛАНИРАЊЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

септември 29, 2015

[vc_column width="1/1"]

ПОДГОТОВКИ ЗА ЗДРАВА БРЕМЕНОСТ

д-р Лора Сугарева
спец. по гинекологија и акушерство
ПЗУ Хипократ МБ, Велес

Идниот здрав развој на плодот се обезбедува со правилен диететско-хигиенски начин на живот пред забременување, со дијагностички и терапевстски подготовки, лабораториски испитувања и консултации со гинеколог

Подготовките за здрава бременост се резултат на општиот напредок на современото општество. Причина за тоа е сè поголемата контрола на бременоста, планирање на семејството, а со тоа и сè поголема грижа за раѓање здраво и живо дете.

Подготовките за здрава бременост можат да имаат профилактичен, дијагностички или терапевтски карактер. Целта е да се установи здравствената состојба на мајката, да се предвидат евентуалните компликации во текот на бременоста и да се осигура здрав развој на плодот.

Паровите кои планираат бременост треба да се јават на матичниот гинеколог кој ќе ги направи првите консултации. Со разговор, гинеколошки преглед и лабораториски иследувања, гинекологот треба да открие дали бременоста има или нема ризик - фактори.

Ризични бремености се: ако трудницата има повеќе од 35 години или помалку од 19 години, ако работи во средина во која има хемиско, радиоактивно загадување или друг тип на зрачење. Доколку работи во екстремно загадени средини, ноќни смени, долго стои или дига тежок товар, се советува да разговара со претпоставените за да се обезбеди работа во соодветни услови.

Прашања за идните родители
Важни се социјално-економските услови во кои живеат идните родители, како и навиките на партнерите (дали пушат, пијат или земаат наркотици). Идната мајка треба да се откаже од консумирање алкохол, пушење и земање наркотици, бидејќи истите може да бидат причина за спонтани абортуси, раѓање деца со мала родилна тежина, аномалии, како и почести заболувања на дишните патишта по породување. Идните родители треба да се прашаат дали боледуваат од некоја болест и дали земаат некои лекови во редовна терапија.

Гинекологот треба да знае дали постоеле претходни бремености, каков бил нивниот тек и породувањето, дали мајката имала покачен притисок, развила дијабетес или други пореметувања во текот на претходните бремености, потоа како поминало породувањето и каков бил постпородилниот период. Исто така, битно е да се открие дали во семејствата на партнерите се родиле деца со аномалии, или можеби партнерите имаат некоја вродена болест. Партнерите се советуваат за правилен хигиено-диететски режим на живот.

Исхраната да биде богата со протеини, овошје, зеленчук, сложени јаглехидрати, а да избегнуваат храна богата со прости шеќери, газирани пијалаци или многу масна храна.

Се советува и земање фолна киселина, која го намалува ризикот од аномалии на централниот нервен систем кај фетусот. Може да се внесува и преку намирници богати со фолна киселина, како што е зелениот зеленчук, житни растенија, жолчка, овошје, овошни сокови. Или може да се внесува во облик на таблети. Најголем бенефит од овој витамин има доколку се користи 3 месеци пред забременување и во првите 3 месеци на почетокот на бременоста. Пожелно е дел од денот да поминуваат на прошетка и на свеж воздух.

Задолжителни прегледи пред бременост
Многу е важно да се направат прегледи кои опфаќаат земање на микробиолошки брисеви, ПАП-тест и ултразвучен преглед. Според резултатите од овие испитувања треба да биде спроведена терапија. Лекувањето на инфекциите пред бременоста превенира спонтани абортуси и давање антибиотици во рана бременост во периодот на органогенеза. Следува рутински преглед на крвна слика, урина и шеќер, како и одредување на крвна група и Rh-фактор на двата родители. Ако во фамилијарната анамнеза постои податок за деца родени со генетски аномалии или партнерите имаат некое вродено заболување, потребно е парот да се упати на генетско испитување. Според добиените резултати, треба да му се објасни на парот дали има ризик за раѓање на дете со аномалија.

При постоење на некое хронично заболување кај пациентката како: дијабетес, висок крвен притисок, астма, епилепсија и др., потребни се контролни прегледи кај соодветните специјалисти со корекција на терапијата која ја прима трудницата. Лековите кои ќе бидат ординирани не смеат да се штетни за растот и развојот на плодот.

Кај тешки срцеви заболувања, бубрежна инсуфициенција, малигни заболувања и други тешки заболувања во интерес на здравјето и животот на пациентката може да се советува да се откаже од бременоста.

Неопходна е и посета на стоматолог, за да се избегне лекување кариес, екстракција на заби и лекување болести на устата во текот на бременоста. Во текот на бременоста можно е и зголемено излачување плунка, кое може да биде непријатно, затоа што е особено важно забите и усната празнина да бидат здрави и одржувањето на хигиената да биде на ниво. Храната треба да се џвака убаво, а исхрната да биде богата со калциум.

Покрај советите за правилен начин на живот и правилна исхрана, на идната мајка ѝ се советува да обезбеди комотна и удобна облека, изработена од природни материјали. Обувките треба да бидат удобни со широки потпетици, не повисоки од 5 цм.

Прегледи кои ги очекуваат идните родители
Идните родители ќе добијат информации и за контролните прегледи во текот на бременоста. Секој месец се мери тежина, притисок, шеќер, комплетна крвна слика и урина. Микробиолошки брисеви се прават во првиот триместер и во 34. гестациска недела. Прв скрининг од 11. до 13.+6. гестациска недела. Втор скрининг во 20. гестациска недела.
Во 24. гестациска недела ултразвучен преглед на срцето на фетусот, 34. гестациска недела преглед за раст и развој на плодот и при крај на бременоста ултразвучен преглед за поставеноста и големината на плодот, поставеноста и зрелоста на постелката и количеството на околуплодовата вода.

Иако ултразвучените прегледи заедно со биохемиските иследувања не можат 100% да исклучат аномалии кај плодот, сепак, во висок процент укажуваат на пореметувања кои понатаму се додијагностицираат во поспецијални установи. Од 24. до 28. гестациска недела се прави иследување за скриен шеќер. Овој тест е важен за рано откривање на гестациски дијабетес кај трудницата и неговото соодветно лекување. Со тоа се превенира прекумерен раст на
плодот и компликации при породување. Исто така, кај ова заболување е висока и перинаталната смрт на плодот. Кај Rh-негативни мајки се објаснува потребата од Coomb-sov тест. Детето е најголем дар за родителите. Консултациите и советите пред бременоста овозможуваат откривање на можни компликации во текот на бременоста и нивно навремено отстранување. На тој начин се овозможува раѓање на живо и здраво дете, кое ќе им ја даде најголемата радост на идните родители.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>