[vc_column width="1/1"]
Симптоми, превенција, лекување
Се манифестира со болки во задниот дел на вратот, како и грчење на вратните мускули, болка во пределот на лопатките, рамената, подлаткницата, шаката, дури и во прстите, болки при движење на главата, кашлање и смеење
’РБЕТ: Во детството ’рбетот се состои од 7 вратни, 12 градни, 5 слабински, 5 крстно-тртички и 4 или 5 опашни прешлени. Со текот на растењето бројот на прешлени се намалува на 26, бидејќи крстно-тртичките сраснуваат во една коска, како и опашните прешлени, тие не се меѓусебе одвоени како првите 26, па затоа се нарекуваат и лажни прешлени. Помеѓу предниот и задниот дел на прешлените се наоѓа ’рбетниот канал, во кој е ’рбетниот мозок. Помеѓу прешлените се наоѓаат и меѓупрешленски отвори, по еден од двете страни на прешлените, каде се сместени спиналните нерви. Сите прешлени, освен тртните и опашните, се одвоени меѓусебе со дискови, составени од желатинозно јадро и фиброзен прстен. Ткивото на меѓупрешленските дискови содржи голема количина вода, која со стареењето се намалува, па ’рбетот губи од еластичноста и флексибилноста, желатинозното јадро слабее и може да се оштети.
СИМПТОМИ: Најчесто ги зафаќа прешлените на вратниот и слабинскот дел на ’рбетот, бидејќи тие делови најмногу се движат. Причини може да бидат прекумерно оптоварување на ’рбетот, напорна физичка работа, дебелина, повреда на ’рбетот. Симптомите се болка во грбот која се спушта кон ногата, болка во задникот која се спушта кон задниот дел на ногата, јака болка при нагло движење, станување, свиткување и болки во текот на ноќта. Дискус хернија на вратниот дел на ’рбетот се манифестира со болки во задниот дел на вратот, како и со грчење на вратните мускули, болка во близина на лопатките, рамената, подлактницата, шаката, дури и во градите, болки при движење на главата, вратот, кашлање, смеење, напрегање.
ПРЕВЕНЦИЈА: За зачувување на подвижноста на ’рбетот најдобри се вежби (пливање, јога итн.), здрава исхрана (намирници богати со антиоксиданти), хидрирање на организмот (консумирање 2 литра вода на ден), избегнување нездрави намирници (рафиниран шеќер, брашно и сл.), регулирање на телесната тежина (дебелината го оптоварува ’рбетот), елиминирање на токсини од организмот, престанување со пушење, како и правилно држење.
ЛЕКУВАЊЕ: Избегнување нагли движења, подигање товар и со постојана консултација со вашиот лекар, одете на физикална терапија. Вежбите за зајакнување на грбот со надзор на физиотерапевт и по негова препорака, помагаат да се зајакнат мускулите на грбот околу ’рбетот. Додека се одморате, пронајдете најудобна положба, пробајте да лежите на тврда подлога со две перници средна големина, едната ставете ја под главата, а другата под колената. Секои два или три часа шетајте по рамно барем 10 минути, одејќи онолку колку што можете без болки. Земајте ја редовно препишаната терапија.