Фармацевти
Контакт

<< Назад

Крива Паланка и манастирот Свети Јоаким Осоговски

ноември 24, 2015

[vc_column width="1/1"]Ивана Коцевска
Фото Влатко Петревски

На падините на Осоговските Планини е сместено малото гратче Крива Паланка и еден oд најубавите, најраскошните и најбогатите манастирски комплекси кај нас, Свети Јоаким Осоговски

Крива Паланка
Крива Паланка е мало гратче сместено во североисточниот дел на Македонија, под Осоговските Планини. За неа се вели и дека е источната порта на нашата држава,  бидејќи се наоѓа на тромеѓето со Србија и Бугарија, близу до граничниот премин со Бугарија, Деве Баир. Од најблискиот град Куманово е оддалечена 60 км, а од Скопје  100 км. Градот е поделен на северен и јужен дел со реката Крива Река. Името на градот потекнува од турскиот назив за Крива Река, Егри Дере (егри – крива, дере – река), и тоа бил стариот назив на градот. Со време зборот „паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Инаку, Крива Паланка е еден од најмладите градови во Македонија. Под името Ерги Дере го основал турскиот везир Бајрам-паша, како утврда за заштита на важен карвански пат од Скопје за Софија. Во турските документи е забележано дека  градот е основан во 1633 година по христијанскиот, односно 1403 година по муслиманскиот календар. Тој документ напишан на плоча со арапска азбука, чуван е на влезот во тврдината. Подоцна плочата е преместена во џамија, која се наоѓала во самиот центар на градот. Денес оваа плоча со датумот на основање на градот се чува во Историскиот музеј во Скопје.

Од историјата на градот значајно е Карпошевото востание од 1689 година, кога Крива Паланка и околината биле важно место за неговите востаници. По задушување на востанието отоманските власти спровеле масовен притисок на населението и насилни преселби во други краеви.

Во 19 век христијанскиот слој на својот грб ја понел преобразбата и развој на градот во град со христијански и православни манири. Добрата положба на која се наоѓа овозможила ова мало место да прерасне во поголемо населено место.Од 1918 година градот за прв пат станува средиште на општина. Тогаш се изградени и неколку значајни градби: зградата на општината, офицерски дом, зградата на гимназијата, болницата итн. Направена е и првата регулација на коритото на Крива Река и првиот урбанистички план. Градчето почнало да добива изглед кој во основа го задржал и денес.

Свети Јоаким Осоговски
Скриен во тишината на Осоговските Планини, на 3 километри од Крива Планка, на 800 метри надморска височина се наоѓа манастирот Свети Јоаким Осоговски. До него се стигнува по асфалтен пат со многу свиоци, а вие се воодушевувате од  убавините на дабовата шума, која на крајот од патот го открива овој духовен храм, идеално место за одмор. Во овој амбиент далеку од градската врева се ужива во планинскиот воздух и може да се почувствува како некоја сила зрачи од немите градби и ве враќа во историјата. Свети Јоаким Осоговски е еден oд најубавите, најраскошните и најбогатите манастирски комплекси во државата, кој во своите гостински конаци има 80-тина легла. Посетителите можат да пробаат манастирска ракија и вино од сопствено производство, како и традиционални кривопаланечки специјалитети, кои можат да ги нарачаат од месното население, паланечкиот зелник, качамак, мекици и тавче-гравче.

Манастирскиот комплекс ги опфаќа двата храма Свети Јоаким Осоговски (Големата манастирска црква) и Света Богородица (Малата манастирска црква), главниот трикатен конак, камбанаријата во чие подножје се наоѓа коскарницата т.н. проодна зграда, туристичката зграда, летната бавча и летната кујна, стражарница, новиот конак и резиденцијата на Поглаварот на Македонската православна црква.

Манастирот е ставен под заштита на султанот Хамид во 1884 година. Овде постои ретко уникатно исламско обележје со кое Цариград го штител ова православно свето место од уништување. Сличен камен столб со турбан на средина постои само уште во Аја Софија во Истанбул, но овој во манастирот Осоговски по многу нешто е посебен, бидејќи и Турците некогаш се поклонувале пред чудотворецот свети Јоаким. Имено, при напуштање на манастирот, турскиот војсководец со себе зел парче од моштите на светецот од отворениот ковчег и со војската тргнал кон Крива Паланка. Војниците забележале дека со него нешто чудно се случува. Кога го прашале што му е, тој немо и испаничено почнал да мавта со рацете покажувајќи им да се вратат назад во манастирот. И тој тргнал со нив, а кога стигнале, во ковчегот ги вратил земените мошти. Набргу му се вратила снагата и гласот. По ова необично случување и фактот дека близу Крива Паланка постои каурско светилиште го известил султанот во Истанбул. Турците во манастирот испратиле нивен знак за заштита, дека манастирот не може да биде ништо друго освен тоа што е и уште подариле 5 килограми злато за покривање на штетата.

За манастирот Свети Јоаким Осоговски, испосник и чудотворец, се поврзани многу приказни и легенди. Една легенда вели дека во 11 век во Овче Поле живееле четворица монаси: Прохор, Гаврил, Јован и Јоаким. Тие живееле живот целосно посветен на христијанското учење, одделени од светот во една пештера. Кога наполниле по 30 години, браќата по вера решиле да се раздвојат и да продолжат да живеат пустински живот во пост и молитва. Јован отишол на планината Рила, каде и денес постои Рилскиот манастир. Прохор заминал во кумановското село Нагоричане, но луѓето му досадувале, па се повлекол во клисурата на Пчињска Река. Јоаким заминал во една пештера кај селото Градец близу Крива Паланка, но поради наезда на банди кои плачкосувале продолжил понатаму, на Осоговските Планини. Гаврил, четвртиот светец, своето место го пронашол во Лесново, каде и денес постои Лесновскиот манастир.

Во житието на Јоаким Осоговски пишува дека во времето на владеењето на императорот Маноил Комнен (1143-1180) некој свештеник Теодор од Овче Поле, откало се замонашил и добил монашко име Теофан, го основал манастирот и станал негов прв игумен. Тогаш изградил црква и ја посветил на свети Јоаким Осоговски. Во неа биле пренесени и моштите на светителот. Големата манастирска црква Свети Јоаким Осоговски е трикорабна базилика, со 12 куполи (7 мали и 5 поголеми), изградена од делкан камен. Влезот е на западната страна, а десно од него се наоѓа гробот со моштите на светецот на кого е посветена црквата. Во внатрешноста на црквата се поставени 6 камени столба, а светлината влегува преку двата реда прозорци. Црквата за четири години ја изградил мајсторот Андреја Дамјанов Зографски и завршена е во 1851 година. Фреските се дело на сликарот Димитри Антонов Поградишки, заедно со помошниците од селото Тресонче.

Најстариот објект во манастирскиот комплекс е малата црква Рождество на Пресвета Богородица, градена во XIV или XVI век, врз темели на црква од XI–XII век. Нејзиниот олтарски дел е во близина на пештерата во која живеел Јоаким Осоговски. Градена е со по два реда тули и еден ред камен во хоризонтални редови, со дебел слој малтер меѓу нив. Градбата ја карактеризира византиски стил и претставува една од првите средновековни цркви на тлото на Македонија. Црквата е целосно обновена при крајот на 19 век. Од најраниот слој на фрески, зачувани се само орнаментални фрагменти на северната страна на олтарот. Денешните фрески се од поново време. Иконостасот има две вредни икони, кој ги насликал најверојатно Христо Димитров. Покрај црквата се наоѓа извор за кој се верува дека има лековити својства.

Манастирот до ден-денес успева да ја задржи својата автентичност, но и да биде во чекор со времето, со обновување на старите објекти и внесување на потребните цивилизациски новини, кои привлекуваат голем број гости од земјава и од странство. Со години, со векови и денес доаѓаат луѓе од разни страни, со подароци и молитви, преспивајќи до гробот на светецот, да побараат здравје и милост Божја. Најмногу на празникот Голема Богородица. Посетен е и зиме, кога има снег.

Ова извонредно место исполнето со духовен мир е како создадено за творење на уметници, па така тука се одржуваат и културни манифестации: Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, Летна школа за архитектура и Колонија на Здружението на копаничари. Студентите и професорите од Архитектонскиот факултет во Скопје го истражуваат архитектонското наследство во просторот, ширејќи ги своите сознанија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>