[vc_column width="1/1"]
Не е за потценување!
проф. д-р Радка Аргирова
вирусолог
Во денешно време тешко е да се избегне заразата која се шири преку капкова инфекција преку воздухот, па вакцинацијата против грип се препорачува, пред сè, на луѓе со нарушена функција на имунолошкиот систем, кои боледуваат од хронични болести, бидејќи во тој случај, дури и ако се разболат инфекцијата ќе помине полесно и побрзо
Доаѓа зимата, во исчекување на снежната белина и празниците, но и со опасностите кои го демнат нашето здравје, од кои најчест е грипот. Ова акутно инфективно заболување ги зафаќа горните дишни патишта и развива симптоми со различен облик и интензитет: од лесна непријатност до тешки пречки во дишењето, со кашлица и чувство на замор, а болниот е неспособен за работа од една до два недели.
Нелекуваниот грип кај возрасните над 65 години и кај лица со повремени или постојани пречки во функцијата на имунолошкиот систем може да доведе до тешки животнозагрозувачки компликации, па дури и до смрт. Според тоа, никој не треба да го потценува грипот! Заболените од грип можат да го пренесат на други луѓе и на тој начин да станат причина за заболување на лица со ослабен имунитет, што ја комплицира нивната состојба, особено ако боледуваат од тешки и хронични болести.
Грипот често се идентификува со настинка, но настинката е само добар предиспонирачки фактор за размножување на вирусите на грипот во епителните клетки на горните дишни патишта. Не е само вирусот на грипот причина за инфекција, меѓу причинителите се и други вируси: аденовируси, риновируси и други, па затоа и симптомите се разликуваат.
Од кога се знае за грипот?
Грипот или инфлуенца, му е познат на човештвото уште од медицинските списи на Хипократ, од пред околу 2 400 години. Врз основа на различни извори, се смета дека вирусот предизвикал доста епидемии во човековата историја, но денес е тешко тие да се интерпретираат бидејќи симптомите се слични на други заболувања, главно поврзани со системот за дишење. Многу е веројатно дека инфекцијата се проширила на американскиот континент по доаѓањето на Колумбо и европската колонизација.
Кога најчесто се јавуваат епидемии на грип?
Врвот на епидемијата обично се јавува кон крајот на јануари, а самата епидемија понекогаш трае и до крајот на март „со траги“ и во април.
На кој начин доаѓа до зараза?
До зараза доаѓа преку воздух, преку капки, при кивање и кашлање. Затоа е препорачливо болните или лицето со тегоби да носат маски, за со помош на нив барем делумно да се запре ширењето на вирусите и да се заштитат најблиските. До зараза може да дојде и кога вирусот на грип ќе се најде на различни површини и предмети во домот. Поради тоа важно е одржување лична и општа хигиена. Тоа значи дека сите можеме и треба да соработуваме во спречување и ограничување на епидемија на грип.
Кои се симптоми на грип?
Симптомите најчесто се јавуваат ненадејно 1,5-2 дена откако ќе се заразиме со вирусот и се опишуваат како следниве три групи симптоми: кашлица, треска, болки во мускулите и во целото тело, кои водат до сериозна слабост. Треската најчесто е проследена со температура до 39˚C, со студени морници. Кашлицата во почетокот е сува. Покрај болките во мускулите, се јавуваат и болки во зглобовите. Во доста случаи се јавуваат и мачнина, повраќање, главоболка, болки во стомакот, зголемена температура, болки во ушите. Кај возрасните карактеристична е пневмонијата која брзо настапува (која често е примарна вирусна и не се гледа на рендген). Кај 30 насто од лицата заразени со вирус, инфекцијата поминува без симптоми, но тие лица се преносители на вирусот и на тој начин се одржуваат сезонските епидемии.
Како се дијагностицира и може ли да се побрка со друго заболување?
Инфекцијата на грип често се брка со други инфекции на горните и долните дишни патишта. Особено е тешко кога ќе дојде до компликации. Во такви случаи задолжителна е консултација со специјалист и не се препорачува самолекување. Дијагнозата се поставува клинички, но задолжително се потврдува вирусолошки, преку високочувствителни и специфични тестови, кои се прават само во вирусолошки лаборатории.
Од што се состои лекувањето?
Во лекувањето не треба да се користат антибиотици. Треба да се знае дека антибиотиците дејствуваат на бактерии на патогенот, но се беспомошни против вирусите, освен ако нема компликации проследени со дополнителна второстепена бактериска инфекција.
Ако симптомите се полесни, лекувањето е насочено кон ублажување на истите, со зголемен внес на течности и витамини. Обично инфекцијата поминува за 7 дена, но често способноста за работа се воспоставува во подолг временски период. Тогаш доаѓаат предвид прошетки, средни физички оптоварувања, полесна храна, која се внесува во помали временски интервали, доста течности и витамини, т.е. сè што придонесува организмот да зајакне.
Во што се состои превентивата против грип?
Вакцините против грип денес се во широка употреба за заштита од ова заболување. Во денешно време тешко е да се изолираме од луѓето кои нè опкружуваат и да не дозволиме да се заразиме со вирусот на грип. Но, вакцините не нè штитат од зараза, туку од заболувањето. Променливоста на вирусот ја наметнува и актуелизацијата на вакцините врз основа на актуелните видови грип.
Секоја година со помош на вакцините, со антигени на вирусите кои циркулираат, можеме да се заштитиме себеси и најблиските од грип. Особено чувствителни на инфекција и подложни на компликации се возрасните со хронични болести, лицата со ХИВ инфекција, оние со трансплантирани органи и др. Она што им е заедничко е нарушената функција на имунолошкиот систем, која најчесто е потисната и многу тешко може брзо да создаде антитела против циркулирачките инфективни патогени, каков е вирусот на грип. Поради тоа на вакви лица им се препорачува годишно вакцинирање со сезонски вакцини против грип. Дури и да се разболат, инфекцијата кај нив ќе помине побрзо и полесно во споредба со невакцинираните лица. Се препорачува вакцината да се прими во втората половина на септември, најдоцна до средината на октомври. На тој начин ќе има доволно време за формирање заштитни антитела во организмот на лицето кое е вакциирано и тоа ќе биде подготвено да го дочека предизвикот на циркулирачките вируси на грип.