Фармацевти
Контакт

<< Назад

Зголемени маснотии во крвта

јануари 4, 2016

[vc_column width="1/1"]

Причини, превенција и терапија на хиперлипидемија

д-р Маја Врчаковска
спец. интернист
ПЗУ „Центар за внатрешни болести СРЦЕ“, Скопје

Доколку е нужно, лекарот ќе ви препише лекови за намалување на зголемените маснотии во крвта, но никој не може да се грижи повеќе од вас за вашето здравје, бидејќи вистинските ефекти се јавуваат дури со воведување здрав начин на живот, со редовно вежбање и промени во начинот на исхрана

Голем број луѓе, особено во средна возраст, се соочуваат со покачени маснотии во крвта. Најчесто се мисли на холестерол, односно на неговите две „фракции“ т.н.  „добар“ (HDL) и „лош“ (LDL) холестерол, т.е. триглицериди.

Што претставуваат холестеролот и триглицеридите?

Холестеролот е вид маснотија која се произведува во црниот дроб, но го внесуваме и преку храната. Одговорен е за обезбедување интегритет на ѕидот на клетките и нивна стабилност. Од него се синтетизираат хормони – кортикостероиди кои овозможуваат живот и функционирање во стресни ситуации, како и на тестостеронот, естрогенот и прогестеронот, најважните хормони за репродукција.

Од холестеролот се синтетизира витаминот Д, неопходен за одржување здрави коски, производство на инсулин, заштита на нервниот систем и имунолошкиот систем на организмот, создавање жолчни киселини за разградување на мастите од храната и многу други значајни функции.

Триглицеридите обезбедуваат енергија, но нивната главна улога е да ја складираат енергијата во вид на резерва. Храната што ја консумираме содржи калории во вид на јаглехидрати, протеини и масти. Кога консумираме повеќе калории отколку што е потребно, а особено брзи јаглехидрати, калориите се складираат во форма на триглицериди.

Кои се најчестите причини за покачени маснотии во крвта?

Покачените маснотии во крвта се резултат на различни фактори: наследност, исхрана и стил на живеење. Многу поретко причина се заболувања на тироидната жлезда, црниот дроб, бубрезите и слично.

Наследност: Гените може да влијаат на метаболизмот на LDL (лошиот) холестерол. Луѓето со фамилијарно пореметување на холестеролот во крвта имаат зголемен ризик од рана срцева болест.

Дебелина: Таа може да доведе до зголемување на LDL (лошиот) холестерол. Со намалување на телесната тежина се намалува нивото на LDL, а расте нивото на HDL (добриот) холестерол

Возраст и пол: Кај лицата на возраст од 60 до 66 години, па дури и после 50-тата година со почетокот на менопауза или андропауза расте нивото на холестерол поради намалување на нивото на репродуктивните хормони, кои ги создава холестеролот.

Физичка неактивност: Редовната физичка активност може да го намали нивото на триглицериди во крвта и да го зголеми нивото на HDL (добриот) холестерол.

Психички стрес: Тогаш се покачува нивото на хормоните на стресот, а холестеролот расте бидејќи е неопходен за нивно создавање.

Грешки во исхраната: Консумирање брзи јаглехидрати (шеќери): слатки, бело брашно и бели тестенини, премногу заситени масти во исхраната (свинско, јагнешко месо), пецива, алкохол, прескокнување појадок и консумирање грицки помеѓу оброците, најчесто води до општа дебелина или стомачен тип на дебелеење.

Каков ризик по здравјето предизвикуваат зголемените маснотии во крвта?

Значајно зголемување на триглицеридите може да предизвика воспаление на панкреасот, заджелудечна жлезда која произведува инсулин.

При зголемување на холестеролот во крвта, вишокот може да се депонира во ѕидот на артериите, особено коронарните артерии (срцевите крвни садови), каротидните артерии на вратот кои го снабдуваат мозокот со крв и артериите кои ги снабдуваат внатрешните органи или нозете. Холестеролот се депонира во вид на плаки (наслаги) на ѕидот од внатрешниот слој на артериите, што доведува до прогресивно стеснување и намалување на протокот на крв, а со тоа и смален дотур на кислород и хранливи материи. Овој процес е познат како атеросклероза. Таа доведува до ангина пекторис, кога срцевиот мускул не се исхранува доволно со кислород.

Плаките од холестерол може да прснат, тоа да доведе до формирање тромб (крвен засирок) кој комплетно ја блокира артеријата, го прекинува крвотокот и предизвикува срцев удар (инфаркт), при што дел од срцевиот мускул изумира поради недостиг на кислород и хранливи материи. При стеснување на каротидните артерии на вратот доаѓа до вртоглавици, нестабилност, па и мозочен удар. При стеснување на артериите на нозете се јавува болка во задниот дел на потколеницата при движење или во потежок случај при мирување.

Сепак, покачениот холестерол во крвта сам за себе не предизвикува симптоми, па многу луѓе не се свесни за тоа сè додека не направат лабораториски анализи на крвта. Важно е секогаш пред испитување на мастите во крвта да има пауза од минимум 12 часа од последниот оброк кој не треба да биде обилен и масен, а утрото пред земање крв смее да се пие само вода.

Зошто се зголемува холестеролот во крвта кај помладите популации, како и зачестеност на појавата од кардиоваскуларни заболувања?

Молекулите на холестеролот се оштетуваат кога се изложени на термичка обработка и оксидација. Оксидираниот холестерол најмногу го има во намирници кои се долго обработувани на високи температури (пржење во масло кое и онака е неколкупати веќе термички преработено), млеко и јајца во прав, во хидрогенизираните растителни масла, маргарин, растителни кашкавали и сирења, супи од ќесички, пецива, грицки.

Од друга страна, холестеролот е одговорен за обновување на оштетените клетки од воспаление, неговата концентрација се зголемува на местото на воспалението. Но, доколку во организмот се создава поголемо количество оксидиран холестерол заедно со слободните радикали или ако оваа форма на холестерол се внесува преку исхрана, наместо да се регенира местото на воспаление, доаѓа до оштетување на ткивата. Воспалението е главниот промотор за кардиоваскуларни заболувања.

Што, всушност, се случува?

На местото на малите повреди на внатрешниот слој од ѕидот на артериите се создава воспаление, на местото на повреда се заробуваат малите, оксидирани (оштетени) партикли на LDL холестеролот, се зголемува оксидативиот стрес и воспалението и се создаваат наслаги на крвните садови кои понатаму ја компромитираат циркулацијата. Докажано е дека оксидираните форми на холестерол го зголемуваат ризикот од појава на малигни процеси на местото на оштетување на клетките.

Заситените масти и транс мастите имаат далеку поголем импакт на т.н. „лош“ холестерол (LDL) кој е одговорен за атеросклероза отколку холестеролот внесен со други намирници. Зголемениот LDL е проблем особено кога постои воспаление на крвните садови, кое се јавува при здебеленост, дијабетес, пушење, кое директно хемиски ги оштетува крвните садови.

Како да се намали нивото на зголемени масти во крвта?

Кога вредностите на холестеролот се многу високи лекарот ќе ви препише статини, лекови кои го намалуваат неговото ниво, или лекови кои ги намалуваат триглицеридите. Терапевтски треба да се дејствува со цел да се намали нивото на вкупниот и LDL холестерол, а да се зголеми нивото на HDL холестерол. Овие лекови имаат улога и на антиоксиданти кои го штитат ѕидот на артериите, па дури некогаш се даваат и превентивно, независно од нивото на холестерол кога има знаци на стареење на крвните садови, т.е. наслаги или посериозни оштетувања, после интервенција на крвни садови (стентирање, проширување на артеријата со балон), по хируршка реваскуларизација на срцето (бајпас), кај присутен дијабетес итн.

При лесно покачени вредности на холестерол лекарот може да ви препорача суплементи, природни препарати за намалување на мастите, омега-3 масни киселини, Е витамин, Ц витамин, селен, други антиоксиданти. Но, вистинскиот ефект на вашето здравје се јавува со водење здрав начин на живот, редовни аеробни вежби и промена во начинот на исхрана.

Лекарот е должен да ви ги објасни основните начини за промена на животниот стил, доколку е нужно, но не и задолжително да ви препише лек за намалување на маснотиите, но не заборавајте дека никој не се грижи повеќе од вас за вашето здравје и дека лекот е исклучиво во ваши раце. Немојте пасивно да учествувате во своето лекување!

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>