[vc_column width="1/1"]Влијание на сончевото зрачење на кожата
Весна Кнежевиќ Ќосиќ
Најдобра заштита од сонцето се постигнува со мачкање на кожата со креми со заштитен фактор и со избегнување на силното сонце меѓу 10 и 17 часот
Сонцето е најјако во периодот од 10 до 17 часот, па тогаш не се препорачува изложување без поголема потреба и без заштита во облик на различни креми кои ги блокираат UV-зраците. Меѓутоа, и покрај заштитата, некои луѓе се алергични на сонце, па е неопходно и дополнително внимание. Добро е тоа што алергиските реакции нè предупредуваат на опасноста од штетното зрачење во истиот момент, па лицето кое ги развива сигурно нема со часови да се изложува на сонце.
Симптоми на алергиите на сонце:
Може да се јави кај луѓето без разлика на типот на кожа, па алергијата на сонце треба да се разликува од тегобите кои како резултат на изложеност на силно сонце ги имаат лицата со изразито светла кожа.
Примарната фотодерматоза претставува алергиска реакција која настанува како специфична имунолошка реакција по изложување на сонце, а без влијание на други фактори. Се манифестира како промена на кожата во вид на црвенило, егзема, јадеж и пликови.
Егземата најчесто се јавува на вратот и во пределот на деколтето, на местата на свивање на нозете и рацете, обично неколку часа по изложувањето на сонце и се повлекува неколку дена по прекинувањето. Повеќето препарати за сончање се во состојба да ги блокираат дерматозите кои се предизвикани од UV-B-зрачење.
Треба да се знае дека и некои лекови и препарати можат да ја направат кожата многу чувствителна и да предизвикаат алергиски реакции, кои за разлика од примарните фотодерматози се нарекуваат секундарни. Можат да ги предизвикаат некои препарати против акни, антихистаминици, различни противвоспалителни лекови, некои антибиотици, лекови против габички, диуретици, лекови против анксиозност итн. Фотосензитивноста може да се развие и по користење на некои видови шампони, парфеми, дезодоранси, па дури и препарати за сончање.
Лекување и превенција: Кога ќе се забележи алергиска реакција на сонце (црвенило, егзема, чешање, пликови), најдобро е на зафатеното место да се стави ладна облога. Не треба да се крева паника, туку треба да се оди на лекар, кој ќе испита дали појавата е предизвикана од сонце, од некој лек или од некоја болест.
Постепено изложување на сонце пред 10 часот наутро и после 17 часот е добра превенција. Кожата треба да се намачка со крем за сончање со висок процент на заштита, а мачкањето да се повторува на секои два часа. Помага и бета-каротин како природен извор на витамин А, го има во црвениот и портокаловиот зеленчук.
Изгореници од сонце: Чувство на морници, затегнатост, болка и црвенило на кожата, се знаци дека не сме внимавале на сончевите зраци, дека сме изгореле, што е многу непријатна состојба, зашто повторувањето може да биде вовед во некои сериозни промени на кожата.
Прва помош секогаш е туширање со млака вода, ставање ладни облоги или препарати кои имаат ефект на ладење на кожата. Помагаат и намирници, како разладена краставица и кисело млеко, кое треба нежно да се нанесе на болни и чувствителни места и да се измие после 15 минути. Чувство на олеснување носи и бањање во млака вода во која сте истуриле кесичка сода бикарбона.
Младежи и сонце: Луѓето имаат во просек околу 30 младежи на телото, а некои и многу повеќе, дури околу стотина. Со бројните медицински истражувања е утврдено дека интензивното изложување на UV-зрачење, особено ако е проследено со изгореници, е најважна причина за развој на младежи. Затоа лицата кои имаат поголем број од овие промени на кожата треба помалку да се изложуваат на сонце, или да ги заштитат со подебел слој од крем или облека.
Заштита од сонце: Проблемите кои можат да настанат од изложување на сонце се доволно големи и бројни, па прашањето на заштита е многу важно особено во жешките летни денови. Пред одење на годишен одмор треба добро да се подготвиме.
Облека: Прва линија на одбрана е секако облеката, лесна, памучна и со светли бои, шешири и очила за сонце.
Креми: Препорака е на кожата да се нанесе тенок слој од крем со нај-мал заштитен фактор 20. Лицата со светла кожа со поголем број младежи, треба да го зголемат факторот на заштита и да користат креми со ознака 50. Исто така, не треба да се заборави во текот на бањањето да се користат водоотпорни креми. Правило е кремот за сончање да се нанесува 20-30 минути пред изложување на сончеви зраци, за да го впие кожата. Не треба да се заборават ни усните, кои, исто така, се „нападнати“ од UV-зраци. За нив е добар балзам со заштитен фактор 15. Ушите, исто така, се чувствителни, па треба да се намачкаат и да се заштитат со шешир или лесна, проѕирна марама. Носот најдобро се штити со паста од цинков оксид, но заштитниот фактор на овие пасти не е по-голем од 7, па подлогата треба да биде крем со заштитен фактор не помал од 20. Дури и кога времето е облачно, кожата треба да се заштити од сонце, зашто штетното зрачење поминува низ облаците.
Постепено изложување: Постепеното изложување на сонце е важно, зашто така ѝ даваме време на кожата да развива доволно меланин за одбрана од UV-зраците. Маслата за потемнување не се препорачливи и особено треба да ги избегнуваат лица со светла кожа, зашто го зголемуваат ефектот на ултравиолетовите зрачења. Негата после сончање е важна, зашто според некои истражувања сонцето е виновно и за речиси 90% од брчките на нашата кожа. Тоа предизвикува дехидрација, па вода за пиење треба секогаш да се има при рака. По сончање се препорачува туширање и нега на кожата со хидратантен крем или млеко.
Корист од умереното сончање:
- го јакне имунитетот,
- го намалува холестеролот,
- ја јакне кожата,
- го забрзува метаболизмот,
- ја подобрува функцијата на црниот дроб,
- го подобрува варењето,
- ја подобрува работата на бубрезите,
- ги јакне коските,
- ја поттикнува физичката активност.