Фармацевти
Контакт

<< Назад

ХИПОТЕНЗИЈА

јануари 27, 2016

[vc_column width="1/1"]

Причини и лекување на низок крвен притисок

д-р Маја Врчаковска
спец. интернист
ПЗУ „Центар за внатрешни болести СРЦЕ“, Скопје

Доколку имате симптоми на хипотензија како врголавица, изнемоштеност, нестабилност, замаглување на видот и мачнини, треба веднаш да седнете или да легнете, да ги кренете нозете над телото, а доколку симптомите се сериозни и состојбата се влошува и покрај овие мерки, треба да се побара медицинска помош

Хипотензија означува абнормално низок крвен притисок, под очекуваните вредности. Обично означува крвен притисок помал од 90/60 mmHg, но, сепак, оваа граница не може да се земе секогаш како точна, бидејќи, на пр., многу млади луѓе имаат крвен притисок дури и под ова ниво, но не се сметаат за хипотензивни, бидејќи тоа за нив е нормален крвен притисок и немаат никакви знаци и симптоми зашто се адаптирани. Затоа хипотензијата кај млади луѓе не претставува проблем и не бара посебен третман.

Хипотензијата е медицински проблем само доколку предизвикува знаци и симптоми кои се поврзани со сериозни здравствени состојби, на пр., срцево заболување. Симптомите вклучуваат вртоглавица или нестабилност, загуба на свест, студена кожа со препотување, изнемоштеност, замаглување на видот или гадење. Во потешки случаи може да доведе до шок.

ГЛАВНИ ТИПОВИ НА ХИПОТЕНЗИЈА
Ортостатска хипотензија: Се јавува при нагло исправање од седечка или легната положба. Може да чувствувате вртоглавица, нестабилност или дури да загубите свест. Се јавува кога телото не може да го адаптира крвниот притисок и крвниот проток доволно бргу при исправање. Падот на притисокот обично трае неколку секудни до минути откако ќе се исправите. Затоа треба да седнете или да легнете за кратко време додека крвниот притисок се врати во нормала.

Овој тип на хипотензија се јавува во сите години од животот, а особено кај луѓе со здравствени проблеми како висок крвен притисок или срцево заболување. Може да биде симптом на здравствен проблем, па затоа третманот е насочен кон лекување на основната болест.

Посебна форма на ортостатска хипотензија е т.н. постпрандијална хипотензија, која означува пад на крвниот притисок по оброк поради насочување на крвта кон органите за варење. Овој поттип се јавува особено кај постари луѓе, најчесто кои имаат висок крвен притисок или болести на централниот нервен систем, како Паркинсонова болест.

Предизвикувач може да биде и дехидратација, бременост, анемија, заболувања на срцето, тешки инфекции, заболувања на жлезди, болести на централниот нервен систем, лекови, алкохол, долготрајна неподвижност.

Неврогена хипотензија: Кај овој тип хипотензија крвниот притисок паѓа после долго стоење. Симптоми се зашеметеност, чувствување гадење, а може да загубите и свест. Може да се јави и при непријатна и стресна ситуација. Се јавува кога мозокот и срцето не комуницираат соодветно. На пр., кога долго време стоите крвта се насочува кон нозете, крвниот притисок паѓа, телото дава погрешен сигнал на мозокот дека крвниот притисок е висок и како одговор на тоа срцето ја забавува својата работа, што доведува до понатамошен пад на крвниот притисок и предизвикува зашеметеност, вртоглавица, па дури и загуба на свест. Се јавува во непроветрени и топли простории, по долга изложеност на сонце.

Тешка хипотензија кај шокова состојба: Еден од главните симптоми на шокова состојба е хипотензија. Шок е животозагрозувачка состојба кога крвниот притисок паѓа до тој степен што мозокот, бубрезите и другите витални органи немаат доволно крв и кислород за да можат нормално да функционираат. Се јавува кај тешки состојби како масивно крвавење, тешки инфекции, сепса, тешки изгореници, алергиски реакции, труења. Кај шокова состојба рани знаци и симптоми се вртоглавица, зашеметеност, а кај постари лица обично прв симптом е конфузност.

Дијагноза на хипотензија: Хипотензијата се дијагностицира врз основа на медицинска историја, физикален преглед и резултати од други клинички испитувања. Дијагнозата ја поставува матичниот лекар, специјалист-интернист, а при потешки состојби и кардиолог.

Основни анализи: Мерење на крвниот притисок, крвни анализи за да се исклучи анемија или низок шеќер во крвта, електрокардиограм (ЕКГ), за да се утврди дали пулсот е брз или бавен и дали има неправилна работа на срцето (аритмија) или срцев блок. По потреба се препорачува носење на ЕКГ холтер за следење на срцевата работа во тек на 24 часа или подолго за да се детектираат промените во спроведување на електричните импулси. Дополнителни испитувања се ехокардиографија (ултразвучен преглед на срцето), коронарен стрес тест (за детекција на стеснувања на крвните садови на срцето) и други клинички испитувања.

КАКО СЕ ТРЕТИРА ХИПОТЕНЗИЈАТА?
Третманот зависи од типот на хипотензија и тежината на симптомите. Целта е да се врати крвниот притисок во нормални вредности и да се повлечат симптомите. Доколку постои медицинска состојба која доведува до низок крвен притисок, истата да се третира.

Состојбата се повлекува во зависност од возраста, здравствената состојба и колку лесно може да се исклучи или промени лекот кој довел до хипотензија, односно дали состојбата дозволува воведување нов лек. Кај здрави млади лица нискиот крвен притисок обично не дава симптоми и не треба да се третира.

Доколку имате симптоми на хипотензија треба веднаш да седнете или да легнете, да ги кренете нозете над телото, а доколку симптомите се посериозни и состојбата се влошува покрај овие мерки треба да побарате медицинска помош. Кај ортостатска хипотензија лекарот може да ве посоветува да преземете основни мерки: консумирање повеќе течност, да не консумирате алкохол, да се исправате постепено од седната или легната положба, да не ги прекрстувате нозете кога седите, да консумирате помали оброци со побавни јаглехидрати (ако имате хипотензија после оброк). Доколку подолго време сте биле имобилизирани во лежечка положба, треба постепено да го зголемувате времето на седење, а потоа дури движење.

Разговарајте со вашиот лекар за носење компресивни чорапи на нозете кои ќе помогнат за правилна распределба на крвта во телото. Ако хипотензијата ја предизвикува медикамент кој го користите, тогаш немојте на своја рака да го исклучите лекот, туку консултирајте го лекарот за намалување на дозата или замена на лекот.

Во случај на неврогена хипотензија треба да се избегнуваат ситуации кои предизвикуваат низок крвен притисок, како долго стоење или изложување на сонце, престој во непроветрени простории, стресни ситуации.

Пијте многу течности и научете да ги препознаете симптомите кои се јавуваат пред онесвестување и преземете мерки за зголемување на крвниот притисок во таа ситуација, на пр., седнете и ставете ја главата помеѓу колената или легнете. Доколку земате лек кој премногу ви го намалува крвниот притисок, задолжително консултирајте го вашиот лекар.

Хипотензијата може лесно да се третира. Важно е да го прашате лекарот како правилно се мери крвниот притисок и со каков апарат. Треба да ја разберете состојбата која доведува до хипотензија и да научите како да ја избегнувате или правилно да постапувате во случај на пад на крвниот притисок.

Зголемен ризик
Постарите луѓе имаат зголемен ризик од ортостатска или постпрандијална (по оброк) хипотензија, децата и младите најчесто страдаат од неврогена хипотензија. Луѓето кои земаат лекови како диуретици или други лекови за третирање на покачен крвен притисок, болести на срцето, невролошки заболувања, подолг период на неподвижност, бременост имаат зголемен ризик од хипотензија.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>