Погрешно е сфаќањето дека лице со хипохондрија измислува симптоми и посетува лекар бидејќи бара внимание, тоа навистина ги чувствува симптомите што ги опишува, а нивното доживување може да биде толку интензивно што го нарушува извршувањето на нормалните животни активности
Грижата за здравјето е една од базичните емоции која нè следи во текот на целиот живот. Кое било чувство на непријатност или болка може да биде сигнал за тревога кој ни зборува дека нешто не е во ред со нашето тело и дека треба да побараме помош. Лекарите секојдневно се соочуваат со грижата на пациентот за здравјето и успешно ги решаваат дилемите на загрижениот. Сепак, секој здравствен работник мора посебно да посвети внимание на пациентот кој има постојано присутен страв од тешка болест.
Зборот „хипохондрија“ потекнува од грчкиот збор хипохондриум и го означува подрачјето на абдоменот (стомакот) кое се наоѓа во областа на црниот дроб, под десниот ребрен лак. Називот е усвоен поради тоа што повеќето пациенти преокупирани од стравот од болест примарно се жалат на симптоми кои потекнуваат токму од овој дел на телото.
Хипохондријаза или соматско симптоматско пореметување е сериозна медицинска состојба. По правило се јавува во младоста, често проследена со симптоми на депресија или анксиозност. Може да се развие подоцна во животот како реакција на стресна ситуација, како што е загуба на сакано лице. Главна карактеристика е константна преокупираност од страв од сериозна болест.
Луѓето се сметаат за здрави додека не се докаже спротивното. Хипохондриците, меѓутоа, себеси се сметаат постојано здравствено загрозени, па им е неопходна честа медицинска потврда дека се здрави. Забрзано дишење или работа на срцето, отежнато варење или главоболка, тие често ги толкуваат како знак за тешко заболување, како што е срцев удар, рак на дебело црево или тумор на мозокот.
Погрешно е сфаќањето дека лицето со хипохондрија си замислува симптоми и посетува лекар бидејќи бара внимание. Овие лица навистина ги чувствуваат симптомите што ги опишуваат. Нивното доживување може да биде толку интензивно што им ги преокупира мислите и чувствата, им ја одзема енергијата, го нарушува извршувањето на нормалните животни активности. Количината на стрес која еден хипохондрик секојдневно ја доживува е голема, па кај нив јасно се гледа заморот на лицето и отежната подвижност на телото.
Преголемата загриженост не ретко предизвикува одбојност кај здравствените работници. Хипохондрикот ќе направи голем број непотребни медицински тестови, кои имаат негативен резултат, па при секоја следна посета лекарот ќе се сомнева во вистината на симптомите кои пациентот ги чувствува. Пациентот, пак, почнува да се сомнева во својата дијагноза, ги менува лекарите и бара дополнителни медицински тестови, за да најде потврда за својата измислена болест. Опседнати со страв, хипохондриците често прелистуваат стручна литература или интернет-страници во потрага за објаснување на своите симптоми, со тоа го зголемуваат сомнежот во својот лекар. Вака се создава маѓепсан круг на недоверба помеѓу лекарот и пациентот, што претставува голем проблем, бидејќи во процесот на дијагноза можат да се занемарат знаците на вистински постоечка болест. Во зависност од интензитетот на прикажување на хипохондријата, постојат психолошки советувања и психијатриски третмани во лекувањето.
Правилниот пристап во односот со хипохондрикот е уважување на неговиот страв од болест, бидејќи иако е неоснован, стравот и интензивните симптоми се реални. На овој начин со него остваруваме однос на доверба, кој е клучен во совладување на неговите проблеми. Се препорачува квалитетна исхрана, редовна физичка активност и учење релаксација како здрава алтернатива. Човекот е комплексно суштество во кое секојдневно се случуваат голем број физиолошки процеси и сензации, кои треба да се сфатат како природни и со време да се елиминира непотребната грижа.
Симптоми без соодветни наоди
Според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО) хипохондрик е лице кое најмалку половина година чувствува постојани телесни симптоми на болест, без соодветен лекарски наод, кое поради тие симптоми често посетува лекар и кај кое стравот од болест преовладува во размислувањето и секојдневието.
ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР
Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци