Фармацевти
Контакт

<< Назад

BETTY магазин, март 2016

март 1, 2016

[vc_column width="1/2"][mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/02/Cover-2016.jpg" group="_general" margin_bottom="0" crop="false"][vc_column width="1/2"]

СИМОН ТРПЧЕСКИ



Никогаш не се откажувам од напредокот и учењето



Broj 25, март 2016

Бојана Симоновиќ

Најдобриот македонски пијанист на сите времиња, Симон Трпчески, ексклузивно зa BETTY магазин открива како и кога бил забележан неговиот талент. Големиот уметник објаснува какво е чувството да се настапува со најдобрите музички состави во светот, на едни од најпосакуваните и најатрактивни локации. Симон открива како македонската култура во него вградила топлина и непосредност и колку тоа му влијаело на професијата. Пијанистот, за кој многумина ќе кажат дека поседува магија во своите раце, раскажува и како успева да направи баланс помеѓу успешната кариера и семејствотоBETTY: Вашите професионални достигнувања Ве прават амбасадор на македонската музика и култура во вистинска смисла на зборот. Каква посветеност е потребна за да се стигне до една ваква титула?
СИМОН: Би рекол дека, пред сè, е важна искреноста и љубовта кон професијата, а посветеноста произлегува од прекрасните чувства кои се создаваат од искреноста и љубовта. Кога ви е убаво, сакате да продолжите да биде така. Така посветеноста сама по себе си доаѓа. Титулите ги создаваат луѓето, исто како и критериумите за нив. Јас си ја сакам професијата и среќен сум што доаѓам од едно интересно поднебје како Македонија, на кое живее моето семејство и нивните претходници многу долго време.

Сето она што доаѓа од Македонија како култура а и менталитет се вградило во мене, пред сè, топлина и непосредост. Токму тоа е многу важен дел од мојата професија што суштествува во моето постоење, кое е тесно поврзано и со претставувањето на мојата држава.

BETTY: Важите за најдобриот македонски пијанист на сите времиња, кога беше овој Ваш талент за прв пат забележан?
СИМОН: Посебната перцепција на татко ми го забележа мојот талент на мала возраст, близу 4 години. Истата беше поддржана од мајка ми, а потоа од брат ми и сестра ми. На таа возраст татко ми ми купи хармоника на која јас веднаш почнав да создавам мелодија со десната рака. Пред тоа да се случи, често пати знаев да застанам пред телевизорот и додека баба ми ме чуваше да го земам пепелникот и да ги имитирам музичарите на емисиите со народна музика, свирејќи
со десната рака. Тоа беше забележано од татко ми и така ја „шприцна инјекцијата“ чиј лек ме држи во живот.

BETTY: Кога Вие сфативте дека Вашиот живот ќе биде посветен на пијаното и музиката?
СИМОН: Јас многу брзо напредував на хармоника и имав можност во Детскиот културен центар Карпош да учам и да настапувам на јавни настапи. Бидејќи во тоа време во музичкото училиште немаше предмет хармоника да се учи, мене како на дете ми се чинеше дека пијаното е сличен инструмент поради клавијатурата во десната рака. И така и почнав. Со хармониката редовно се дружевме до отприлика 10-годишна возраст, а потоа се фокусирав на пијаното. Кога имав околу 8 и пол години почнав да работам со професорите Романови, кои за наша среќа се преселија од Русија во Македонија. Полека, но сигурно напредував и прекрасното чувство што го обзема човек со музиката, особено кога ќе почувствуваш дека нешто добро си направил, а згора на тоа ќе биде потврдено и уважено од професионалци, е добар показател дека ,,ти можеш“. Така што веројатно отприлика на таа возраст, после еден училиштен концерт во Салон 19.19. јас сфатив дека ќе продолжам со пијаното. Се разбира дека во тоа исклучително многу ми помогнаа професорите Романови кои ми го покажаа вистинскиот правец во впивањето на музиката, аналогно на тоа и во личното исполнување на делата. Успехот те исполнува и така продолжуваш. Нема ништо чудно во тоа ниту посебно. Толку е природно.

BETTY: Вашата работа е призната во меѓународни рамки, добитник сте на многу награди низ целиот свет. Што за Вас е најдобар показател за успешна кариера?
СИМОН: Тоа што никогаш не се откажувам од напредокот и учењето. Како и насмеаните лица на музичарите и на публиката после изведбата. Тоа е најдобриот показател.

BETTY: Вие ја имате привилегијата да соработувате со најдобрите музички состави во светот, како Лондонската филхармонија, Филхармонијата во Њујорк, Оркестарот во Сан Франциско, Јапонската филхармонија, Оркестрите во Синдеј и Мелбурн... Какво е чувството да се биде дел од едни такви квалитетни музички институции?
СИМОН: Возвишено. Сите тие институции се како да разговараш со различен човек од различна држава. Меѓутоа, убавината е во тоа што разговараме преку уникатниот јазик – музиката. Се разбира, сите овие институции вложиле многу за да стасаат до нивото и имиџот што го создале во светски рамки. Тоа значи дека треба да се исполнат и генерално високи критериуми за да се биде во нивниот избор на поканети уметници. А задоволството при целокупното искуство на изведба со такви оркестри и во такви сали е неописливо, се разбира. Но, затоа вреди и долготрајната работа и посветеноста која ја споменавме претходно.

BETTY: Можете ли да одвоите еден настап кој Вие го сметате за Ваше најголемо достигнување?
СИМОН: Тешко прашање и опасно до некаде (се смее). Доколку има некој таков нема да можам да напредувам како што треба. Од друга страна, секој добар настап е дополнителна мотивација.

BETTY: Каква е разликата да се настапува пред домашна публика и пред онаа, да речеме, во Лондон или, пак, Сиднеј?
СИМОН: Човек секогаш треба да е на ниво. Одговорноста не бира публика ни град. Се разбира дека може да сум поемотивен кога настапувам дома, но не дозволувам тоа да ме деконцентрира или да ме извади од колосек. Восприемаат на различен начин без разлика дали се мнозинството професионални музичари или само обични љубители. Секаде има од двете категории. Но, сите ние можеме и да плачеме и да се смееме.

BETTY: Колку сте Вие задоволен од музичките настани кои Македонија ги нуди, со оглед на тоа што може да направите компарација со многу други светски земји?
СИМОН: Македонија оди напред. И тоа е добро. Но, јас по природа сум самокритичен. А во природата на човекот е да истражува. И тоа ми помага. Во тој поглед, доста визии и концепти на нашите институции се подобрени за разлика од порано. Сигурен сум има многу идеи кои, меѓу другото, и поради финансии не се реализираат. Сепак, сметам дека она што го кажуваше татко ми за пустата иницијатива која недостига е клучен момент. Иницијатива за свежи и отворени идеи, без никакви фрустрации и комплекси, во текот на целиот процес на нивна реализација. Тој процес сигурно не е лесен, но внатрешната енергија која треба да врие за време на истиот треба да е неисцрпна. Замислете да немате иницијатива во текот на растењето на своето дете...Доследноста на себе, особено кога веруваш во нешто и за кое се жртвуваш и стоиш зад истото е во суштина една мала и природна, но испаѓа дека е голема човечка особина.
Реализацијата на идеите како целокупни проекти освен што вклучуваат најразлични професии за еден завршен производ, бидејќи зборуваме за музика, вклучуваат професионална работа при изведбата. Тоа мора на сите да ни е јасно. Бидејќи ќе биде тажно ако тоа не се случи. Имаме огромен потенцијал. Но да сме на јасно. Инцијативата не недостасува само кај нас. Недостасува во целиот свет, помалку или повеќе.

BETTY: Која е Вашата омилено место за настап, каде настапувате со најголемо задоволство?
СИМОН: Јас лично сакам цркви или катедрали. Величенствено е некако тоа чувство да се свири во нив. Но, немам премногу такви прилики. Како и да е, се трудам да најдам уживање во секое место. Има многу убави места и сали низ светот и навистина е малку тешко за избор.

BETTY: Што за Вас претставува најголем предизвик на музички план, има ли нешто што не сте го оствариле, а се наоѓа на Вашата агенда?
СИМОН: Се разбира. Музиката е генерален предизвик. Исто како гурманите или сликарите. Секогаш да се проба нешто ново. Имам неколку идеи во главата од аспект на репертоар на кои работам и се надевам дека во последно време ќе ги остварам. Имам време. Сè уште сум млад (се смее).

BETTY: Колку Вашиот професионален живот Ви остава да си посветите време на себе и најблиските?
СИМОН: Не е едноставно, но јас отсекогаш сум правел баланс. Гледам да не сум предолго отсутен, од една страна, а, од друга страна, на некои подолги патувања или, да речам, позначајни концерти во поглед на имиџот на институциите, тие доаѓаат со мене. Тоа е од исклучително значење, да сме заедно.

BETTY: Како најмногу сакате да го поминувате Вашето слободно време?
СИМОН: Со ќерка ми ми е најубаво да си го поминам времето. И тоа си е нормално. Додека ми објаснува што нацртала и како поминала на училиште и која кукла каков фустан носела и кога ќе ме искара за нешто правилно. Притоа и си пее. Се трудам да го поминувам времето со семејството на квалитетен начин. Како и со другарите секогаш кога имам можност да е со песна.

BETTY: Колку темпото на живот и Вашата работна агенда Ви дозволува да живеете здраво?
СИМОН: Не е едноставно, но, сепак, се трудам да живеам здраво. Тоа значи да се хранам добро како и да сум физички активен, иако не сум најактивeн, да бидам искрен. Мислам во поглед на тоа како би сакал. Но, далеку од тоа дека сум и лош. Инаку, нема да го издржам ваквото темпо. Прошетките се задолжителни. А јас по природа брзо одам, така што тоа е добредојдено. Кога имам услови, пливам. Би сакал повеќе и фудбал да играм, но затоа можеби треба да сум подобро организиран. Во секој случај енергијата очигледно не ми недостасува (се смее). Oдличен сум (се смее).[mk_image src="https://betty.mk//wp-content/uploads/2016/03/App_MK_cover_mar_2016.jpg" image_size="full"]

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>