[vc_column width="1/1"]
Совети за ублажување на главоболка
Зошто нè боли главата?
Главоболката претставува акутна или хронична болка во пределот на главата и еден од најчестите симптоми воопшто и најчеста болка која луѓето ја чувствуваат. Главоболката се појавува заради различни причини: промена, односно стеснување на крвните садови на главата и вратот, недостаток на кислород во мозокот, недостаток на глукоза (кога сме гладни), вкочанети мускули на вратот и главата, претерано напнувајќи на мускулите и очните нерви и воспаление на синусите. Главата може да боли и заради влијанието на хормоните врз крвните садови како и заради замор кој влијае на промена на количините на различни хемиски супстанци во мозокот. Кај сериозните болести како што се повреди на главата, мозочен удар, крвавење во главата или тумор, главата боли заради стеснување на крвните садови или притисок на нервите во главата.
Главоболка – најчестата болка
Луѓето различно ја опишуваат главоболката како: чувство на „тапа“ болка, притисок во главата, удирање, пулсирање, печење или „матна глава“. Главоболката може да се јавува и ретко и често, а може и да биде дифузна (кога нè боли цела глава) или локализирана (кога нè боли само еден дел од главата). Во текот на животот главоболката се појавува како симптом на различни состојби како што се замор, стрес и недоволна количина сон, прекумерно консумирање алкохол и цигари, апстиненција од кафе и алкохол, нагло излегување на ладно или пак долготрајна висока температура на воздухот. Се јавува и како преосетливост на некоја храна. Главоболката е и симптом на некои проблеми како предменструален синдром или симптом на голем број болести, од благи, како што се, настинка, воспаление на ушите или или синусите, болести на забите и непцата, до сериозни болести на очите или мозокот. Интересно, главоболката може да се појави и како несакана последица од прекумерно користење на лекови против болки.
Видови главоболка
Главоболките се делат на примарни и секундарни, односно оние кај кои не може да се утврди органска причина за појавата и оние кои се предизвикани од некоја друга болест.
1. Мигрената, тензиската главоболка и кластер главоболката се примарни главоболки.
2. Главоболки предизвикани од повреди во пределот на главата и вратот, заболувања на крвните садови на главата и вратот, како и главоболки предизвикани од инфекции (пр. менингитис), и главоболки поврзани со психички заболувања спаѓаат во секундарни главоболки.
3. Посебна група главоболки претставуваат невралгиите, главоболки кои се појавуваат заради повреда или заболување на нервите, при што најпозната е тригеминалната невралгија, заболување на нервите кои поминуваат покрај образите и продолжуваат до врвот на долната вилица.
Тензиска главоболка
Тензиската главоболка е многу честа. Болката ја зафаќа целата глава, а може да биде последица на замор и недостаток од сон, глад, емотивен стрес и нервоза или прекумерна физичка активност.
Ваквата главоболка создава чувство на „матна глава“, „тапа“ болка или притисок. Кај некои луѓе е многу честа, при што се јавува еднаш на секои две недели и трае од неколку минути до неколку часа. Ако се јавува почесто, пр. на секои две недели и трае подолго време, секако мора да посетите лекар.
Мигрена
Симптомот на мигрената е многу карактеристичен - болката зафаќа само една страна од главата. Разликуваме мигрена без и со аура, кај која пациентот пред нападот на болката има нарушување на видот (блесок или заматување пред очите), „слуша“ звуци кои всушност не постојат. Болката е пулсирачка, интензивна, често придружена со мачнини, повраќање и осетливост на светлина или бучава. За разлика од тензиската главоболка која е исклучително ретка кај децата и обично е поврзана само со настинка, мигрената може да се појави уште во детството.
Кластер главоболка
Кластер главоболката се јавува кај мажите заради непознати причини, а се карактеризира со многу силни болки во едната половина на главата, каде се појавуваат во „кластери“ во ист период од годината, во ист период од денот, со исто времетраење.
ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ:
За ублажување на симптомите на мигрена може да се влијае со промена на начинот на живеење. Важно е да се воведе „добар ритам“: доволно сон и одмор, редовна и здрава исхрана и физичка активност со која се истегнуваат (раздвижуваат) и зајакнуваат мускулите на вратот и грбот.
АКО ВЕ МАЧИ ГЛАВОБОЛКА, А НЕ ЗНАЕТЕ КАКО ДА ГИ ОЛЕСНИТЕ БОЛКИТЕ ИЛИ КОЈ АНАЛГЕТИК ДА ГО ЗЕМЕТЕ – ПОБАРАЈТЕ ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ ВО НАШИТЕ АПТЕКИ BETTY.
ДОПОЛНИТЕЛЕН СОВЕТ:
Мигрената е почеста кај жените отколку кај мажите и се знае дека постојат „поттикнувачи“ на напади: замор, глад, одредени видови храна (ароматични сирење, ореви, сушена риба), менструален циклус. Тие не предизвикуваат мигрена, туку само мигренозен напад, а се верува дека причина за мигрената се промените во крвните садови во главата.
Како да ја ублажите главоболката
• Главоболката е многу непријатна болка која предупредува дека телото не е во ред и дека тоа треба да се промени.
• Главоболката не треба да се толерира и да се овозможи дополнително да го исцрпува организмот, туку треба да се ублажи.
• Лековите за ублажување на болките се нарекуваат аналгетици и делуваат со различни механизми, а во зависност од видот и тежината на болката може да се применуваат во различни комбинации. Некои аналгетици може да имаат значителни несакани ефекти и мора да се земаат со внимание, така што за земање на поголемиот дел од аналгетиците потребна е препорака од лекар.
• Прв лек во изборот за лекување и ублажување на болките е парацетамолот, а може да се примени и ацетилсалицилна киселина, ибупрофен или напроксен, како лекови за кои не е потребен рецепт.
• Главоболките може да се ублажат и со релаксација во областа на вратот и главата.
• Некои хронички болки или мигрена може да се ублажат со техники на релаксација, антистрес програми или со помош на психолог.
ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ - АНАЛГЕТИЦИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ЗЕМААТ СО ПРЕТПАЗЛИВОСТ БИДЕЈЌИ ГЛАВОБОЛКАТА МОЖЕ ДА СЕ ПОЈАВИ И КАКО ПОСЛЕДИЦА ОД ПРЕКУМЕРНО ЗЕМАЊЕ ЛЕКОВИ ПРОТИВ БОЛКА.
Дополнителни совети за ублажување главоболка:
• отстранете ги можните причини за стрес и обидете се да се релаксирате
• направете неколку вежби за истегнување на рамената и вратот
• наспијте се добро или барем одморете се редовно јадете и пијте повеќе вода
• намалете го консумирањето на големи количини на кафе или цигари.
За повеќе совети обратете се во аптеките на BETTY.