Фармацевти
Контакт

<< Назад

Хипертензија

мај 9, 2016

Тивок убиецд-р Ненад Радивојевиќ, спец. по интерна медицина

Високиот крвен притисок е најчест ризик-фактор за прерана смрт ширум светот. Првата линија на лекување претставува корекција на начинот на исхрана, физичка активност и намалување на телесната маса 

Хипертензија, или покачен крвен притисок, е хронична медицинска состојба во која притисокот на крвта во артериите е покачен. Оваа состојба „бара“ од срцето посилно да работи за да обезбеди соодветна циркулација на крвта низ крвните садови.

Крвниот притисок се состои од две компоненти, систолни (горни) и дијастолни (долни, срцеви) во зависност од тоа дали срцето се контрахира (систола) или се опушта (дијастола).

Високиот крвен притисок се дијагностицира кога вредностите се над 140/90 mmHg. Хипертензијата се класифицира како примарна (есенцијална) или секундарна. Околу 90-95% спаѓаат во групата на примарни хипертензии, каде предизвикувачот не е познат. Останатите 5-10% спаѓаат во група на секундарни хипертензии и се предизвикани со состојби кои ги опфаќаат бубрезите, артериите, срцето или ендокриниот систем, најчесто штитната и надбубрежната жлезда.

Во 2000 година е проценето дека ширум светот милијарда луѓе, или 26% од вкупната светска популација, има хипертензија. Во 1995 година во Америка околу 43 милиони луѓе користеле лекови за намалување на крвниот притисок, што е околу 24% од вкупната популација на САД. Преваленцијата на хипертензијата во 2004 година достигнала 29% од популацијата на САД.

Симптоми
Хипертензијата ретко е проследена со симптоми, па затоа и се нарекува „тивок убиец“ и најчесто се открива со случаен преглед, или во склоп на испитувања поради друго заболување. Некои лица можат да почувствуваат главоболка (особено во делот на тилот  во утринските часови), зуење во ушите, светки пред очите, мачнина, изнемоштеност или крвавење од носот. Прва манифестација може да има дури кога ќе се појават компликации на некои органи.

Компликации
Хипертензијата е најчест ризик-фактор за прерана смрт ширум светот. Високиот крвен притисок е најзначаен ризик-фактор за појава на удар, инфаркт на срцето, срцева инсуфициенција, аневризма на артериите, периферни заболувања на артериите и хронична слабост на бубрезите. Исто така, ризик-фактор е за појава на деменција, слабеење на интелектуалните функции и оштетувања на видот.

Причини за примарна хипертензија
Примарната хипертензија е и најчеста форма на хипертензија која се јавува во 90-95% од сите случаи. Речиси во сите поразвиени држави, кај голем процент од популацијата крвниот притисок расте со годините и тоа просечно систолниот за 2 mmHg со секоја година од животот, а дијастолниот за 0,5-1 mmHg, така што појавата на хипертензија во подоцнежните години е речиси неизбежна.

Хипертензијата е условена со интеракција од генетски фактори и фактори од надворешната средина. Детектирани се гени кои имаат ефект на вредностите на крвниот  притисок, но малку се оние кои имаат значајно влијание, па генетската основа на хипертензијата и понатаму е недоволно јасна.

Неколку надворешни фактори влијаат на крвниот притисок. Можна улога имаат и стресот, внесот на кофеин и недостигот од витамин Д. Инсулинската резистенција која е честа кај дебелите луѓе, исто така, е поврзана со хипертензија.

Причини за секундарна хипертензија
Секундарната хипертензија е резултат на причини кои можат да се идентификуваат. Најчеста причина е заболување на бубрезите, а потоа следуваат ендокринолошки состојби како што се Кушингов синдром, хипертиреоза, хипотиреоза, акромегалија, Конов синдром, хиперпаратиреоидизам, феохромоцитом. Други причини за секундарна хипертензија се дебелина, апнеја во сон, бременост, коарктација на аортата, одредени лекови (на пр., орални контрацептиви), билни препарати и стимулативни средства.

Дијагноза
Ако се измери крвен притисок повисок од 140/90 mmHg барем два-три пати во две или три различни времиња, се поставува дијагноза на хипертензија. Половина час пред мерење треба да се избегнува поголемо физичко оптоварување, кофеин и никотин. Пред мерењето потребно е мирување од минимум пет минути. Крвниот притисок варира во текот на денот (циркадијален ритам) и зависи од состојбата на будност, положбата на телото (лежечка, седечка, стоечка), физички активности, присуство на други болести, стрес, исхрана итн. Често се случува крвниот притисок да скокне кога ќе нè прегледа лекар, а дома да ни е нормален. Тоа е т.н. хипертензија на бели мантили. Поради тоа, меѓу другото, се прави и 24 ч холтер на притисок, а со тоа се проценува и дали е зачуван циркадијален ритам на притисокот. Се прават и тестови на бубрезите (анализа на урина, протеинурија, серумска уреа и/или креатинин), системски ендокрини (натриум, калиум, TSH), метаболни (глукоза, вкупен холестерол, HDL, LDL, триглицериди) и други тестови (Хематокрит, EKG, рендген снимка на белите дробови).

Лекување

Промена на начинот на живот: Начинот на живот кој ги намалува вредностите на крвниот притисок опфаќа намален внес на сол, зголемен внес на овошје и зеленчук и производи со низок процент на масти (DASH диета), физичка активност, намалување на телесната маса, престанување со пушење и намален внес на алкохол.

Лекови: Постојат неколку групи лекови кои можат да се користат во лекување на хипертензијата. Изборот зависи од апсолутниот кардиоваскуларен ризик на пациентот, староста, другите заболувања. Многу често е потребно да се користи поголем број на лекови за да се постигне добра контрола на крвниот притисок.

Препорачаните вредности се помали од 140/90 mmHg за повеќето поединци, и пониски вредности за лицата со дијабетес и болести на бубрезите, помали од 120/80 mmHg. Колкаво е значењето на одржување на вредностите на притисокот во оптимални вредности зборува и податокот дека намалување на вредноста за 5 mmHg го намалува ризикот од настанување удар за 34%, исхемиска болест на срцето за 21%, како и намалување на појава на деменција, срцева слабост и смртност од кардиоваскуларни болести.

Превенција: Хипертензијата е сериозна и ризична медицинска состојба, каде превенцијата игра голема улога. Луѓето кои редовно вежбаат се во помала опасност од развој на болести, како и оние кои избегнуваат стресни ситуации, превентивно го намалуваат внесот на сол, односно внесуваат доволна количина калциум, калиум, магнезиум и омега 3 масни киселини. Дури и секојдневна прошетка може да биде корисна во превенција на хипертензија, како и различни техники на опуштање, намалување на нервоза и напнатост.

Постојат шест базични превентивни препораки и тие се: намалување на телесната маса за возрасни (BMI 20-25 kg/m2), редуциран внес на натриум, помалку од 100 mmol на ден (помалку од 6 г готварска сол на ден), редовна физичка активност, како што е брзо одење  околу 30 минути на ден, ограничен внес на алкохол, исхрана богата со овошје и зеленчук и исхрана која содржи намалени количини заситени и вкупни масти.

Успешната модификација на начинот на живот и придржување кон советите за превенција можат значајно да го намалат ризикот од зголемен крвен притисок.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>