Фармацевти
Контакт

<< Назад

Анемии кај децата

мај 10, 2016

Недостиг од железод-р Радмила Косиќ

Најчестата анемија во детска возраст е типична за деца постари од шест месеци поради одлагање на внес на продукти од животинско потекло или исхрана со кравјо млеко

Секоја возраст има „своја анемија“, а лекарот врз основа на резултатите од крвната слика, симптомите и одговорот на терапијата ќе одреди за која анемија станува збор и по потреба детето ќе го упати на хематолог на натамошни испитувања. За среќа, кај децата најчести анемии се поради недостиг од железо, терапијата е ефикасна, а резултатите од лекувањето се добри.

ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ЦРВЕНИТЕ КРВНИ ЗРНЦА И ХЕМОГЛОБИНОТ? Коскената срж се активира во текот на последното тримесечје од бременоста и станува главен крвотворен орган по раѓањето. Во текот на животот се заменува со масно ткиво, па кај поголемите деца и возрасните создавањето крвни зрнца се случува само во сплесканите коски. Од матичните клетки под влијание на сложени механизми на контрола и хормонот еритропоетин од бубрегот, се создаваат црвени крвни зрнца – еритроцити. Овие клетки се со облик на крофна, вдлабнати во средината. Главна состојка на овие клетки е хемоглобинот, сложено соединение, кое покрај 4  протеински синџири содржи железо.

Улогата на хемоглобинот наједноставно би се опишала на овој начин: кога ќе вдишеме воздух во белите дробови, на нивото на градните крвни садови во крвта се уфрла кислород. Растворениот кислород се врзува за железото од хемоглобинот, со крвната струја се носи до секоја наша клетка и влегува во процес на добивање енергија. Недоволен број на еритроцити или малку хемоглобин ќе резултира со недоволно снабдување со кислород, па секоја наша клетка ќе се „гуши“ и ќе страда поради недостиг на енергија. Како резултат на ова страдање ќе се јават симптоми карактеристични за анемија.

ФИЗИОЛОШКАТА анемија се јавува во првите месеци од животот, најизразена е кон крајот на третиот месец. Еритроцитите имаат век на траење околу 120 дена и потоа се разградуваат во слезината. Доенчето сè уште нема развиен механизам за ефикасно создавање нови, а внесот на железо со храната е релативно мал. Сè ова резултира со пад на концентрацијата на хемоглобин во првите месеци по раѓањето, но не се смета за патолошка состојба и не се лекува. Кај децата кои соодветно се хранат (со мајчино млеко или адаптирани млечни формули) не е потребен преглед на крвната слика во оваа возраст, ниту лекување со препарати кои содржат железо.

ДАЛЕКУ НАЈЧЕСТА АНЕМИЈА ВО ДЕТСКА ВОЗРАСТ е сидеропеничната анемија, која настанува поради недостиг од железо. Типична е за деца постари од шест месеци поради одлагање на внес на продукти од животинско потекло (месо и жолчка) или исхрана со кравјо млеко. Количината на железо во организмот зависи единствено од внесот на храна. Железото се апсорбира во тенкото црево, се вградува во црвените крвни зрнца, а вишокот се чува врзан за белковините во крвта. Детето доаѓа на свет со околу 300 мг железо, а секој дефицит кај мајката ќе влијае и на количината со која детето го започнува самостојното создавање еритроцити.

Мајчиното млеко содржи мали количини од овој елемент, но е во облик кој лесно се користи, затоа доените деца ретко страдаат од анемија во првите месеци. Кравјото млеко е сиромашно со железо, а апсорпцијата е лоша. Освен тоа, се смета дека крупните белковини од кравјото млеко ги оштетуваат ресичките од тенкото црево и предизвикуваат невидливо крвавење со кое се губи железо. Во адаптирани млечни формули се додаваат соодветни соединенија со железо, па ова млеко е единствена добра замена за мајчиното. Железото најмногу (и во најдобар облик) го има во месото и јајцата, па со секојдневно земање продукти од животинско потекло се намалува можноста за развој на анемија. Внесот на кравјо млеко се ограничува на 500 мл, без разлика на возраста. Исто така, не се препорачува истовремено земање месо, јајца и млечни производи, зашто во текот на варењето железото се „заробува“ во хемиските соединенија и не може ефикасно да се апсорбира во крвта.

ДИЈАГНОЗАТА може да се постави веќе врз основа на разговорот со родителите за видот и количината на храна која детето ја зема. При прегледот се забележува бледило на кожата и видлива слузокожа, ретко забрзана работа на срцето, детето може да биде раздразливо, изнемоштено и да има слаб апетит. Денес не гледаме тешки клинички слики на сидеропенична анемија објаснета во учебниците; доколку педијатарот слушне шум на срцето или напипа зголемен црн дроб и слезина, би требало да се посомнева на вродени аномалии или хронично крвавење и детето да го упати на понатамошни испитувања.

Во педијатриска пракса обично се анализира резултат на крвната слика, прв пат со навршени шест месеци, а потоа еднаш годишно во текот на редовни систематски прегледи. Ниско ниво на хемоглобин, со добра анамнеза на исхраната, секогаш укажува на вистинска причина на анемија. Доколку примерок од крвта се зема во дијагностички цели, кога детето имало зголемена температура, треба да се повтори, зашто се случува концентрацијата на хемоглобин да е „лажно“ ниска, поради активирање на одбранбениот механизам во текот на болеста.

ЛЕКУВАЊЕТО е едноставно и ефикасно. Доколку се утврди дека причината за анемија е недоволен внес на железо, се даваат препарати од железо, во соодветна доза по килограм телесна тежина. Лекот се зема на празен стомак, со додаток од витамин Ц. Доколку детето се жали на мачнина, лекот може да се дава и со оброк, но тогаш резултатите се очекувано послаби и анемијата побавно се лекува.

Кај постарите деца често се јавува запек, што може да се поправи со внес на поголема количина храна богата со влакна и вода. Појавата на темно обоен измет е честа и безопасна. По еден месец земање препарати од железо се контролира крвната слика. Доколку порастот на вредностите на хемоглобин е задоволителен, се продолжува со лекување со ист лек во иста доза уште два месеца, за да се пополнат резервите на железо во организмот. Доколку посакуваниот резултат од лекувањето изостане, веројатно не се работи за сидеропенична анемија, па детето се упатува на хематолог на понатамошна дијагностика и лекување.

ПРЕВЕНЦИЈАТА на сидеропенична анемија е важна и во сегашни услови можна. Корекција на анемии кај трудници е дел од клиничката пракса. Доенчето треба да се храни со мајчино млеко, или со адаптирани млечни формули. Мешаната храна се воведува помеѓу 4 и 6 месец, месо и жолчки со зеленчук, или житни растенија, без мешање со млеко. Внесот на млеко и млечни производи треба да се ограничи на околу 500 мл дневно. Секојдневен внес на овошје обезбедува доволна количина на витамин Ц, но и други витамини и минерали  неопходни за правилен раст и развој. Предвреме родени деца, деца со мала родилна тежина, близнаци и деца со крвавење од која било причина имаат мали залихи на железо и неопходно е да се земаат превентивни дози од препарати со железо со фолна киселина. Лекови со железо не се даваат кога детето има зголемена температура.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>