Фармацевти
Контакт

<< Назад

Подготовка на организмот за лето

јуни 2, 2016

Безбедно изложување на сонцеБојана Бугарски

Целиот организам, како и кожата, најдобро ќе ги подготвиме за високите летни температури и изложувањето на сонце со исхрана базирана на сезонско овошје и зеленчук, хидратација, детоксикација и свежи сокови богати со минерали и витамини, постепено изложување на сонце, со секојдневно користење креми со заштитен фактор

Како што се знае дека претераното изложување на сонце, особено кога е најјако, е нездраво и потенцијално може да предизвика сончаница, изгореници, па дури и рак на кожа, умереното и дозирано сончање, освен во ретки и контраиндицирани болести, многу е здраво за нашиот организам, бидејќи е еден од најголемите извори на Д-витамин, кој нè штити од многу тегоби и болести. Исто така, умереното изложување на сончевата светлина ги смирува и ги лекува разните заболувања на кожата, го штити нашиот коскен систем, благотворно е за кардиоваскуларниот систем, го јакне имунитетот, нè штити од остеопороза и чувство на депресија, го поттикнува доброто расположение, ја подобрува концентрацијата и позитивно влијае на сонот. Не треба да се занемари и тоа дека исончаниот тен на секому му прилега и нè прави повитки. Но, за изложувањето на сонце да биде безбедно, а кожата да биде отпорна на дејството на УВ-зраците, потребно е организмот навреме да се подготви за лето и високи температури.

Детоксикација, исхрана и внес на витамини

Постојат 4 основни правила на детоксикација на организмот и тоа се намалување на киселоста и зголемување на алкалноста на организмот, збогатување на крвта со кислород, консумирање течности (хидратација) и движење. Консумирањето намирници кои нè ослободуваат од насобраните отрови (детоксикација), истовремено е благотворно и за поттикнување на метаболните процеси и „топење“ на масните наслаги и вишокот килограми.

Топли и ладни супи од зеленчук, како и зеленчук термички обработен со варење на пареа или во вода, односно сиров (пасиран, рендан, сечкан на покрупни и поситни парчиња) и зачинет со ладно цедено маслиново масло, е основна летна исхрана, на која треба да £ се додаде сезонско овошје, интегрален ориз, јогурт, житни растенија, риба и пилешко без кожа. Салати од овошје и зеленчук, зачинети со сок од лимон и лековити зачински билки се вистинско освежување во топлите денови, како и чај од нане, коприва, камилица, бреза, глуварче, мелиса.

Намирниците богати со бета-каротин, како домат, морков, праски, лубеница, освен важниот антиоксидативен ефект за целиот организам, имаат улога во заштита на кожата од штетното УВ-зрачење и претерано потење, а нивното консумирање овозможува многу полесно да ги поднесуваме високите летни температури.

Хидратација на организмот

Хидратацијата на целиот организам во текот на летните жештини е од исклучителна важност, бидејќи губиме вода и преку потењето. Дневно треба да се консумираат  2-3 литри течности, а многу се корисни и намирниците со висок процент на вода, како краставици, тиквици, јаболка, диња. Се знае дека недоволен внес на течност резултира со чувство на замор, но и главоболки. Стручњаците велат дека повеќето главоболки може да се решат со пиење 2 чаши малка вода, кои даваат подобар ефект од аспиринот, бидејќи најчесто се последица на полесна дехидратација, до која доаѓа и со внес на неадекватни течности, кои дополнително го подобруваат излачувањето на вода од организмот, какви што се кафето и газираните пијалаци.

Не треба да се заборави ни на хидратацијата на кожата со хидрирачки креми. За овој третман да биде што поуспешен, кожата треба да се подготви со пилинзи од гриз и пченкарно брашно, кои ќе ги отстранат изумрените клетки од површината и ќе ја подобрат микроциркулацијата. Кожата со така прочистени пори треба да се хидрира со креми и освежителни тоници, а корисни се и нежни масажи.

Постепено сончање

Изложувањето на сонце најдобро е наутро, пред 10 часот и попладне, од 17 часот. Се препорачуваат прошетки и движење, наместо лежење на плажа, како и различни игри во вода и покрај вода. Од 10 до 17 часот треба да се престојува во ладовина, да се носи шешир, очила за сонце, а ако движењето по интензивно сонце е неопходно, треба да се заштитат и рамената од изгореници. Со себе секогаш треба да имате шише со вода, а кожата да се заштити со соодветен крем, спреј или масло кое во себе содржи заштитен фактор не помал од 15.

На директно сонце не треба да се престојува повеќе од 15 до 20 минути и треба да се има предвид дека и во вода се гори, поради светлинската рефлексија. Ако цел ден сте на плажа, тогаш бирајте место кое има природна ладовина, за кога најмногу пече да се скриете под дрвја.

Хронично болни

Жештините може да бидат опасни за хронично болните, па лекарите советуваат внимание за сите со висок притисок, срцево болните, како и дијабетичарите. Сите тие треба да се чуваат и од нагли промени на температурите, на пример, клима-уред нагоден на температура која е 5-7 степени пониска од надворешната, бидејќи излегување од разладен простор од 20°C на надворешна од 35°C е огромен шок за организмот. Исто така, треба да се биде внимателен и при влез во вода во море, езеро или река, па прво да се навлажнат нозете, па рацете, потоа градниот кош и рамената и дури потоа да се заплива.

Високите летни температури може да предизвикаат компликации на основните болести, па пред заминување на одмор треба да се посоветувате со лекар и фармацевт за мерките за заштита. Хронично болните не треба да патуваат сами, а за патување се препорачуваат раните утрински часови или доцните попладневни, внесување доволни количини течности, што ќе ја спречи дехидратацијата и падот на крвниот притисок, а дијабетичарите треба да го носат инсулинот во преносен фрижидер на + 4°C. На болните од кардиоваскуларни болести им се препорачува почесто мерење на крвниот притисок, бидејќи високите летни температури предизвикуваат ширење на крвните садови и колебање на крвниот притисок. Лицата со ревматски заболувања, на кои им годи сончање и бањање во вода која не е ладна, треба по пливањето задолжително да го заменат костимот за капење. Исто така, важно е да се избегнува јака и масна храна, алкохол, индустриски грицки и газирани пијалаци, а да се консумира овошје и зелнчук, свежо цедени сокови без шеќер и освежителни овошни чаеви.

Важноста на заштитните фактори

Околу четвртина од популацијата е склона на алергии на сонце или има некој облик на чувствителност на високи температури и изложување на сончеви зраци, па користењето на креми со заштитен фактор се препорачува не само како подготовка за долготрајно изложување на сонце, туку и како заштита на секојдневна основа, штом температурите ќе се зголемат, а сонцето ќе почне посилно да грее. Кремите со заштитен фактор треба да се нанесуваат неколку пати во денот, така што ќе се почне со висок процент на заштита, а потоа како нашиот тен полека ќе добива потемна боја, факторот на заштита да се намалува. Посебно внимание треба да се обрати на нежната детска кожа, како и возрасните кои имаат светол тен, земајќи предвид дека и луѓето со природно темен тен не се заштитени од штетното УВ-зрачење. Со адекватна заштита и правилна употреба на креми, спрејови или масла кои содржат заштитни фактори, на крајот на летото ќе имаме убав, исончан тен, без алергиски реакции на сонце, изгореници, појава на дамки и други непријатности, кои може да бидат и опасни по нашето здравје.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>