Фармацевти
Контакт

<< Назад

Синхронизирано пливање

јуни 2, 2016

Уметност на водаАлександар Вучковиќ

Водениот балет, како што уште се нарекува синхронизираното пливање, спаѓа во најатрактивните олимписки натпреварувања во групата естетски спортови, каде покрај техниката и уметничкиот впечаток се оценува и изгледот на пливачките, кои во атрактивни костими, во ритамот на музиката и со светлински ефекти, изведуваат балетски и акробатски фигури

Магијата на синхронизираното пливање е во восхитувачкиот спој на пливање, нуркање, гимнастика, акробатика, танц, балет, ритмика и музика. Сето тоа заедно прави оваа „уметност на вода“ да има многубројни поклоници, од мали девојчиња до искусни, возрасни пливачки, кои како модерни сирени, во амбиентот на базенот, ја освојуваат публиката без здив, бидејќи во нивниот воден балет како да не важат силите на потисок и гравитација. Синхронизираното пливање е „женски спорт“, иако овој високоестетизиран собир на различни вештини во вода дозволува настап и на мажи, особено на натпреварувања, факт е дека со него, пред сè, се занимаваат жени.

Бал на вода
За славата и популарноста на синхронизираното пливање многу придонела легендарната Естер Вилијамс (1921–2013), глумица без искуство која била шампионка во пливање и воспоставила дури посебен филмски жанр во Холивуд во 50-тите години на минатиот век, наречен „аква-мјузикл“. Со причина ја нарекувале „Сирена од милион долари“ и „Кралица на сурфањето“, а нејзиниот филм „Бал на вода“, во кој била главна ѕвезда, во средината на минатиот век ги освојува срцата на публиката ширум планетава, пред сè, воодушевени од „водените точки“ на совршениот танц.

Холивудските хроничари велат дека „биле потребни 9 месеци за да се роди филмска ѕвезда“, односно од пливачката Естер Вилијамс да се направи филмска дива и од вода да излезе ненадминливата „холивудска сирена“. Естер Вилијамс пред договорот со компанијата Metro-Goldvin Majer била само преубава девојка која победувала во дисциплина која денес се нарекува „пливање на сто метри во слободен стил“. Со влегувањето во филмската идустрија, му го претставила  на светот волшебниот спој на спорт и уметност, а нејзиниот договор од првиот ден имал клаузула според која Естер Вилијамс како гостинка на хотелот Беверли Хилс имала и посебна пропусница за базен за да може секој ден да плива.

Сите како еден
Во почетокот, атрактивното уметничко пливање било во функција на ревијални настапи, публиката да се забавува со шоу програмата во вода, за со време да прерасне во натпреварувачка форма. Ширум светот се основаат клубови за синхронизирано пливање во кои оваа комплексна вештина се тренира во повеќе фази, од вежби на суво, кои се состојат од гимнастика, балет и танц, преку пливање и загревање во базен, нуркање, кое го зголемува капацитетот на белите дробови и овозможува подолго задржување под вода, до увежбување кореографија и усогласени движења по системот „сите како еден“. А бидејќи естетиката е многу важна во уметничкото пливање, големо внимание се посветува и на  водоотпорната шминка, костимите и фризурите, кои не смеат „да се расипат“ при нуркање.

Историја и правила
На натпреварувањата во уметничко пливање обично се изведуваат два програма, задолжителен и слободен, а натпреварувачите може да настапуваат соло, во дует или во групи кои најчесто имаат 4-8 учеснички. Синхронизираното пливање е дел од Олимписките игри од 1984 година, кога било своевидна сензација на Игрите во Лос Анџелес. Како спортска дисциплина е признато од страна на ААU (Amateur Atletic Union) во 1941, а четири години подоцна се одржуваат првите национални првенства во САД, за 10 години подоцна да биле дел од официјалната програма на Панамериканските игри. Во Европа официјално пристигнува во 1956 година, со основањето на Меѓународната комисија за синхронизирано пливање во состав на Меѓународната аматерска пливачка федерација (Federation Internationale de Natation). Но, првенства во т.н. уметничко сложување фигури во вода се одржувале во Германија уште од 1924 до 1935 година, а во Британија уште порано, во 1929 година.

На натпреварувањата спортистките се задолжени да изведат по 5 фигури, без прекин, како и слободен состав во кој се изведуваат фигури по личен избор во затворен базен со длабочина од 3 до 8 метри, на површина од 12x12 м. Водата мора да биде бистра, а дното на базенот видливо, со подводно осветлување и звучници. Секои четири години Меѓународната комисија за синхронизирано пливање избира и предлага фигури за задолжителен дел на натпреварувањата и одредува коефициенти на нивната тежина.

Натпреварувањата ги следи главен судија со 5-7 помошници, како и два мерачи на време, плус контролори на подводните звучници и музичката придружба. Оцените се од 0 до 10 бодови, највисоката и најмалата оцена се бришат (по една од секоја), а преостанатите оцени се собираат па се делат со бројот на оцени, а потоа се множат со коефициентот на тежина на фигурите. Судиите обрнуваат внимание на изедначеноста, начинот на изведување, тежината и комплексноста на фигурите и музикалноста на учесниците. Конкуренцијата е обично многу јака, бидејќи уметничкото пливање е комплексен спорт кој многу бара, но и многу дава, помеѓу останатото и огромно чувство на задоволство и убавина.

Мажи кои пливаат
Во шведско-британскиот копродукциски документарен филм „Мажи кои пливаат“ (Men Who Swim) од 2010 година, прикажана е на комичен и духовит начин група на мажи кои ги поврзува страста кон синхронизираното пливање. Овој неодолив филм на Дилан Вилијамс за пријателството и луѓето кои од секојдневниот стрес и притисок се бранат со тенирање уметничко пливање, за на крајот да станат и светски прваци во овој спорт, ги освои срцата на публиката и на филмските критичари ширум светот. На јутуб може да се видат многубројни трејлери и клипови од овој неодолив филм (треба да се искуца во пребарувачот Men Who Swim), а BETTY ви препорачува ако сте во можност погледајте го целиот филм, кој ќе ве разгали со својата ведрина и оптимизам.

Уметничкото пливање и децата
Интересно е дека девојчињата кои сакаат да тренираат синхронизирано пливање дури не мораат ни да знаат да пливаат, бидејќи клубовите имаат и почетничка обука за непливачи, а може да се почне со три, четири години. На натпреварувања се оди од 8 години, со тоа што условот е девојчето да умее да изведе одредени фигури во вода, кои се основа на овој спорт. Една од нив е и „став птица“: една нога исфрлена над вода, а главата под вода. Девојчињата освен фигури, учат и лебдење на вода, а вежбаат и ритмичка гимнастика. Со тренирањето детето стекнува снага и за многубројни „исфрлања од вода“, кои се резултат на снага и координација на движењата и основа на овој спорт.

Освен што го јакне капацитетот на белите дробови, убаво ги обликува мускулите, а зглобовите ги прави еластични, тренингот ги радува девојчињата и со естетската компонента, бидејќи облекуваат убави костими и прават интересни фризури. Стручњаците велат дека овој спорт ги јакне ’рбетот и срцето, но одлично влијае и на развојот на забележувањата, брзина на мислењето, способноста за организирање, креативност и тимска работа, бидејќи покрај соло настапите девојчињата настапуваат и во група, каде се упатени една на друга. Од опремата за тренирање, не треба многу. Костим за капење, влечки, капа и очила се доволни, покрај добра волја и желба да се тренира вака интересен спорт.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>