Фармацевти
Контакт

<< Назад

Алергии на сонце

јуни 30, 2016

Превенција, симптоми и лекувањеТамара Маравич, дерматолог

Соларни уртикарии, егземи, дамки, чешање, меури и болни јазли, карактеристични се за кожни промени по изложување на сонце, кои можат да бидат предизвикани и од фотосензитивни лекови, парфеми и креми, па треба да ги смириме, во полесни случаи со облоги, а во потешки со антихистаминици

Алергиите на сонце се група болести кај кои промените на кожата се предизвикани од дејството на сончевото зрачење. Со првото изложување на сонце честа е појавата од алергиски реакции на кожата. Генетската предиспозиција во голема мерка влијае на тоа како нашата кожа ќе се однесува кога ќе ја изложиме на првото сонце.

Дерматолозите ги класифицираат во повеќе категории во зависност од симптомите. Фототоксичните или фотоалергиските ерупции се во честа спрега со земање некои фотосензитивни лекови и по аплицирања на некои продукти на кожата, како што се парфеми, препарати со цитруси, миризливи креми, па дури и некои немедицински фактори за заштита од сонце.

Промените на кожата можат да бидат црвенило, егзема, чешање, меури и болни јазли. Обично настануваат по минути или денови по изложување на кожата.

ПОЛИМОРФНА СВЕТЛОСНА ЕРУПЦИЈА е најчест тип на реакција. На местата изложени на сонце карактеристична е појавата на црвена егзема. Некогаш личи на каснување од инсект. Проследена е со чешање. Почнува неколку минути, часови или денови од првото сончање. Во текот на летото нашата кожа постепено се навикнува на сонце, поточно, настанува постепена десензибилизација на организмот, а реакциите на кожата се сè помали. Без разлика на тоа, полиморфната светлосна ерупција се повторува од година во година, најчесто на деколтето и рацете, како и на лицето. Почеста е кај помладите лица, претежно кај жените. Таа е најчест тип на реакција на кожата на сонцето, ја имаат 10 од 15 пациенти.

Доколку се развие блага алергиска реакција, се советува ставање ладни облоги, како и вообичаени мерки за заштита од УВ-радијација. Во случај на појаки реакции даваме антихистаминици, па дури и локална терапија со кортикостероидни креми. Фототерапијата како мерка за превенција пред изложување на сонцето може да биде од голема корист.

СОЛАРНА УРТИКАРИЈА ИЛИ „КОПРИВНИЦА настанува после 15-минутно  изложување на сонце. Некогаш, освен УВ-радијација причинител може да биде и видлива светлина. Егземата е во вид на „копривница“ проследена со чешање. Се лекува со антихистаминици. Промените обично исчезнуваат во наредните часови. Соларните уртикарии главно траат со години. Во најтешки случаи го пореметуваат вообичаениот живот на пациентот и ја ограничуваат можноста за изложување на сонце. Потребно е да се води сметка и за индиректно изложување на сонце, како пробивање на зраци низ стакло на автомобилот или УВ-зрачење кога сте под чадор за сонце.

КАКО ДА ЗНАЕМЕ ДАЛИ ИМАМЕ АЛЕРГИЈА НА СОНЦЕ?

Потребен е преглед од дерматолог. Постои можност за испитување со фототестови, со кои се врши експозиција на делови на кожата, рамениците и грбот со УВ-зрачење во кратко траење. Тестовите се читаат по 48 часа. Тестот е позитивен доколку на тие места се појават лезии кои кај пациентите инаку се јавуват кога се изложени на сонце. Може да се заклучи и кој вид на зрачење доведува до ерупција, дали е тоа УВА, УВБ или видлива светлина. Тоа е значајно, зашто постојат посебни креми кои штитат од сонце, со висок заштитен фактор, на пр., против УВА-зрачење. Кај соларни уртикарии реакцијата се чита веќе после неколку минути.

ФОТОАЛЕРГИСКИТЕ ЕРУПЦИИ се реакции предизвикани со комбинација од сончева светлост и одредени хемикалии кои ги нанесуваме на кожата во вид на креми, парфеми, лосиони и шминка. Присуството на некои билни масла може да доведе до појава на егземи и флеки, односно пигментации на лицето и деколтето. Исто така, антибиотици, фенотиазини и контрацептивни пилули можат да предизвикаат фотоалергиски реакции. Кога ќе се престане со користење промените се повлекуваат.

ФОТОТОКСИЧНИТЕ РЕАКЦИИ настануваат со комбинирано дејство на надворешните агенси кои ја апсорбираат енергија на воздухот и светлината. Овие реакции одговараат на зголемени физиолошки реакции. Се појавуваат кај сите луѓе кои се изложени на доволна комбинирана количина на лек, некои хемикалии и радијации. Промените се исклучиво на експонирани места. Примери од овие реакции се Dermatitis Pratensis, или ливадски дерматитис, кој се јавува по контактот со влажна трева по сончево време. По неколку часа промените настануваат на местото на контактот и се манифестираат со црвенило, оток и меури. Тука спаѓа и Breloque dermatitis, по аплицирање на парфем со фурокумарини директно на кожата, најчесто на вратот. Лекувањето е избегнување на егзогени фактори и примена на кортико креми.

Постепено изложување на сонце во голема мера ја намалува можноста за создавање   алергиски реакции. Доколку се појават, превенција е користење медицински фактори за заштита од сонце, носење шешири, гардероба со фотопротекција. Ова се однесува на поблаги реакции. Кај појаки реакции потребен е преглед од дерматолог и терапија со антихистаминици, кортикостероиди, локални или со фототерапија.

МЕРКИ НА ПРЕВЕНЦИЈА:

КРЕМИ ЗА ЗАШТИТА: Штитете се од сонцето со заштитни креми, користите креми со висок фактор на заштита (SPF 50). Особено заштитете ги чувствителните зони: лицето, рамењата, стомакот, деколтето. Нанесувањето крем треба да се повторува на секои два часа, како и по секое излегување од вода. Избегнувајте изложување на сонце во период од 12 до 16 часот и хидрирајте го организмот со течности.

Немојте да влезете во замка, тотална заштита не постои. Не постои ниеден крем кој  може во целост да ве заштити. Исто така, ни кремите со највисок фактор на заштита, нема да спречат малку да потемните.

КАРОТЕНОИДИ: Бета-каротинот е познат фотопротектор. Може да се најде во состав на суплементи со витамин Е, витамин Ц, селен и рибино масло.

ВИТАМИН ПП – никотинамид: Резултатите се варијабилни, кај некои пациенти има добри резултати, додека други сметаат дека не е ефикасен.

АНТИХИСТАМИНИЦИ: За превенција, како и третман на соларна уртикарија корисни се деслоратадин и левоцетиризиндихлорид.

ФОТОТЕРАПИЈА: Превентивен третман кој дава одлични резултати. Третмани за дерматолошки фототерапии се советуваат како медицинска подготовка на кожата. Сеанси на фототерапија овозможуваат кожата да се навикне на УВ-зраците и да покаже поголема толеранција.

ВО СЛУЧАЈ НА ЕРУПЦИЈА: Кремите на база на кортикостероиди како симптоматска терапија (додека траат симптоми на болеста), го намалуваат интензитетот на ерупцијата и јадежот кој следува. Помага и користење на антихистаминици кои, исто така, ја намалуваат ерупцијата, како кај соларна уртикарија, така и кај полиморфната светлосна ерупција.

КОЖАТА НА БЕБИЊАТА и малите деца е посебно чувствителна на УВ-радијацијата и бара посебна нега и заштита. Денес постојат посебни фактори за заштита од сонце наменети за детската кожа. Лицата со светол тен, светли очи т.н. фототипови 1 и 2 по Фицпатрикова класификација, се посебно чувствителни.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>