Фармацевти
Контакт

<< Назад

Детето на патување

јуни 30, 2016

Исхрана, правилна нега и заштитад-р Радмила Косиќ

Покрај трпение и добра волја, на патување со мало дете понесете прирачна аптека, креми за сончање, нега и препарати против каснувања од инсекти, не менувајте ги секојдневните навики во исхраната и избегнувајте купување храна на плажа којa долго време била изложена на сонце

Со првите убави денови почнуваме да го планираме семејниот одмор. Во семејства  со мали деца исчекувањето на годишниот одмор е проследено со низа дилеми како да се поминат неколку недели во здраво и добро расположение и да се одмориме од секојдневните обврски кои нè заморуваат во текот на годината.

Се разбира дека секој родител сака со престојот во природа, со многу сонце, зеленило и чист воздух да го зајакне имунитетот на своето дете, а возрасните членови на семејството да ги „наполнат батериите“ за претстојната работна година.

Поради тоа е важно, кога планирате семејно патување, добро да се подготвите, да го согласите времето и местото на патување и да се обидете искуството од изминатите години да го искористите за овогодишниот одмор да ви го донесе сето тоа за кое сте фантазирале во текот на студената зима. Бидете „себични“ и приспособете си го патувањето на себе и децата, своите семејни обичаи и навики. Искуствата на другите родители не се сигурен показател дека и на вашето дете ќе му годи начинот на летување кое толку го фалеле кумовите и пријателите...

ИСХРАНА: Каде и да патувате со деца не го менувајте секојдневниот начин на исхрана. За најмалото дете во семејството најтешко е да се обезбеди вообичаениот ритам, количина и квалитет на храна и вода за пиење. Дури и ако се одлучите за престој на село кај познати домаќини, вкусот и мирисот на млекото, јајцата, месото и зеленчукот битно ќе се разликуваат од оние на кои детето навикнало.

Доенчето кое се храни со мајчино млеко или адаптирани млечни формули нема да го менува начинот на исхрана. Редоследот на оброците и видот на млекото не го менувајте за време на патувањето, можете само да ја зголемите количината на вода која ќе му ја нудите за време на топлите денови. Патувањето обично не трае подолго од неколку недели, па за тоа време не е неопходно да воведувате нови намирници во исхраната, туку држете се до видот и количината храна на која детето е навикнато.

Доколку сами подготвувате оброци за помало дете, изберете сместување каде ќе ги имате сите услови да му подготвите оброк на кој навикнало. Бебето нема да го импресионира богата понуда на хотелска „шведска маса“, а вие ќе се најдете во голема недоумица како да го нахраните. Понесете, сепак, некоја тегличка со готова храна која добро ќе ви дојде во текот на возењето или при подолга прошетка. Никогаш не носете веќе подготвено шише топло млеко, подобро во термос понесете топла вода и за време на оброкот додадете адаптирано млеко во прав, така што нема ризик млечниот оброк да се расипе за неколку часа. Мајките кои дојат немаат проблеми на патувањата. Во секој момент нивното бебе ќе добие здрав, хигиенски исправен оброк, со идеална температура.

Постарите деца лесно се приспособуваат на хотелската храна – дури и се радуваат на оваа промена, бидејќи им се дозволени „излети“ во светот на возрасните и избор на намирници во кои не уживааат во текот на годината. Нешто повеќе „брза храна“, сладолед или лимонада нема да им штети сè додека храната е свежа и хигиенски исправна.

Избегнувајте купување храна на плажа, од непроверени производители. Фабричкиот сладолед секогаш е посигурен избор од слаткарница, парче чоколадо е поздраво и помалку опасно благо од крофна која неколку часа била изложена на сонце. Потрудете се децата секој ден да внесат доволни количини овошје и зеленчук и свежа (најдобро во шише) вода – летувањето, сепак, не е причина да се изгубат сите тешко стекнати добри навики во исхраната. Активностите во текот на денот усогласете ги со ритамот на спиење и оброците на кои децата навикнале, така ќе избегнете нерасположение и нервоза кои може да ви ги донесе летувањето.

Кога летувате со мали деца заборавете на големи промени во секојдневието за кои самите копнеете, напротив, приспособете го патувањето според вообичаените навики на своите деца. Така ќе ја избегнете нервозата на гладно и неспиено дете кое не ужива со вас до доцните часови во гласна музика.

НЕГА И ЗАШТИТА: Колку е помало детето толку списокот на препарати за нега во текот на патувањето е подолг. Детето ќе го негувате на ист начин на море или на планина. Задолжително е мачкање на отворените површини на кожата со препарати за сончање со висок фактор на заштита (50+). По престој на плажа нахранете ја кожата со креми со што помалку парабени и парфеми.

Секојдневно прегледувајте ја кожата во потрага по крлежи и каснувања од инсекти. Најдобро е при рака секогаш да имате некој од препаратите во спреј или стик кој служи за заштита од каснувања од инсекти. Имајте на ум овие репеленти да бидат приспособени на возраста на детето, и да ги нанесувате внимателно, избегнувајќи ги устата и ушите.

Лесната облека со светли бои и шеширче се подразбираат, а ако престојувате на планина задолжително понесете и потопла облека. При патување секогаш треба да имате и пакување со обични и влажни марамчиња, средство за заштита од сонце, универзален крем за бебе и шише со вода. Овој пакет за „прва помош“ може да ви притреба во текот на денот, каде и да летувате.

Добрата подготовка е половина работа и ова правило се однесува и на патувањето со деца. Сетете се што најчесто ви треба при подолга прошетка или излет, нека секогаш при рака ви биде потсетник во кој ќе запишувате сè што ќе ви го олесни патувањето. Задолжителна е мала патна аптека – лек за намалување на зголемена температура, антихистаминик во случај на каснување од медуза или инсект, некои од растворите за надомест на течности и соли во случај на повраќања, пробиотик, шише алкохол и парче газа за прва помош во случај на повреда. Следува крем за сончање, универзален крем за нега на детска кожа, репелент за одбрана од инсекти.

Детето полесно ќе се приспособи на новиот простор и случувањата доколку го понесете и омиленото ќебенце или играчка. Изберете облека и обувки приспособени на типот и должината на патувањето. Кутии со адаптирано млеко, пелени за една употреба, шишенца, цуцли, друштвени игри за плажа или дождливо попладне. И последно, но и најважно, спакувајте ги куферите со трпение и добра волја за секое семејно патување да биде запаметено.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>