Фармацевти
Контакт

<< Назад

Бременост и патување

јуни 30, 2016

Бојана Бугарски

Ако бременоста има нормален тек, нема знаци за можни компликации (болки, крвавење, контракции, отоци на нозете или податоци за тешкотии од претходни бремености), нема ни причина трудницата да стравува и да не патува, секако, под услов идната мајка добро да се подготви и да се погрижи за некои работи, специфични за нејзината состојба. Бременоста не е болест и ако е сè во ред и гинекологот го одобри патувањето, тоа ќе биде пријатно искуство и промена.

Лекарска документација: Кога се патува важно е да се земе најновата лекарска документација за прегледите, податоците за крвната група и здравственото осигурување. Добро е и однапред да се биде информиран за гинеколошката служба во местото каде што трудницата ќе престојува, а за секој случај да не се оди на дестинации каде не постојат здравствени институции. Во случај да дојде до развој на симптоми кои укажуваат на можни проблеми, треба веднаш да се обрати за помош кај лекар.

Патна аптека: На пат треба задолжително да се понесе патна аптека, во која покрај лекови кои трудницата евентуално ги зема, треба да има и препарати против запек, пролив и жиговина, а најдобро е за содржината на патната аптека трудницата да се посоветува со својот лекар или фармацевт.

Превозно средство: Сè си има предност и мана, па трудницата треба да се определи за превоз кој најдобро ѝ одговара. Патувањето со автомобил може да биде заморно поради долгото седење, но предност е што можат да се прават паузи по желба и да се одмора на пријатни места. Ако се одбере воз, добро е да се оди со кола за спиење, трудницата да може да легне. За патување со авион треба да се информира кај авиокомпанијата за потребната документација, зашто некои превозници бараат лекарска документација при влегување во авион. Патувањето со автобус веројатно е најнепријатно и најнапорно, поради недостиг од комфор и ретки паузи, па треба да се избегнува.

Време на патување: Помеѓу 12 и 28 недела од бременоста повеќето трудници се во можност да патуваат без голем напор и замор. Меѓутоа, треба да се избегнува патување по жештини, а ако не може да се избегнат, да се прават почести паузи и да се мисли на хидратација на организмот. Ако се патува со автомобил и е вклучен клима-уредот, треба да се избегнуваат големи температурни разлики во однос на надворешната температура.

Избор на дестинација: Се препорачува избегнување на далечни, егзотични дестинации, поради долгото патување, ендемски болести, вакцинација пред пат, можни труења со храна, убоди од инсекти. Не се препорачуваат ни планини на голема надморска височина, над 3000 м, авантуристички годишни одмори, како исхрана во природа и слично. Најдобро е да се избере мирно место со многу зеленило покрај брег на река, езеро или море, до каде води асфалтен пат (да нема многу „тресење“) и кое ја има целата потребна инфраструктура, како што се продавници со храна и лекарска ординација. Треба да се избегнуваат експерименти со храна поради можни труења, сонце помеѓу 10 и 16 часот, како и отстапки од вообичаениот ритам на спиење и одморање.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>