Фармацевти
Контакт

<< Назад

Преспа и Преспанско Езеро

јуни 30, 2016

Ивана Коцевска
Фото Славица Панова

Во југозападна Македонија, покрај Охридското Езеро, се наоѓа уште еден бисер на природата. Тоа е Преспанското Езеро и големиот број населби и села во негова близина. И додека Охрид е познато и посетено туристичко место, Преспа  како сè уште да му пркоси на современиот начин на живот. Овде се доаѓа на вистински одмор, далеку од забавите, големите метежи, врева, да се ужива во она што го дала природата

Преспа е историско-географска област поделена помеѓу Македонија, Албанија и Грција. Преспа или „песочна преграда“е голема котлина во чиј центар се сместени двете преспански езера – Големото и Малото. Езерото Голема Преспа e поделено меѓу Република Македонија, Грција и Албанија, a езерото Мала Преспа меѓу Грција и Албанија. Преспанската котлина од сите страни е обиколена со високи планини, прогласени за национални паркови, Пелистер, на исток, и Галичица, на запад. Преспа ја одликува медитеранска клима, топли лета со свежи ноќи и благи зими. Воздух кој храни и лекува астма и срцеви болести. Со над 100 сончеви денови во текот на годината. Од еколошка гледна точка подрачјето на Преспа е најчистиот дел на Македонија.

Охрид и Преспа, езера близнаци, како што ги нарекуваат, ги раздвојува а во истовреме и ги спојува планината Галичица. Како поврзани садови, езерата се споени со подземни канали под масивното варовничко тело нa планината. Преспанското Езеро истекува во Охридското, станувајќи негов главен хидролошки извор. Преставувајќи единствен систем, овие две езера се сврстуваат меѓу 5 најстари езера во светот. Преспа во себе крие голема историја, митови и преданија, природа и рајска недопрена убавина.

Преспа низ историјата имала многу важна стратегиска положба. За време на Римското Царство низ неа поминувале многу значајни трговски каравански патишта, како што е Виа Игнација, што овозможило развој на Преспа во трговски центар. Овде е основана и првата држава на македонските Словени, со која владеел царот Самоил. Царот Самоил во Преспа ги пречекал своите ослепени војници и скршен од болка починал.

Легенди
Постојат многу легенди за тоа како езерото го добило името. Според една, царот Самоил имал ќерка Преспана, надалеку позната по својата мудрост, убавина и храброст. Сакал да ја земе за жена некој византиски дворјанин. Но, таа не сакајќи да стане сопруга на противникот на нејзиниот татко, се фрлила во езерото. Оттогаш до ден-денешен  езерото го носи нејзиното име – Преспа.

Според друга легенда, на местото на денешното езеро се простирало широко плодно поле. Во близината на ридот имало седум кладенчиња, кои никогаш не замрзнувале, а навечер се затворале со чепови. Во тоа време, две племиња непрестано војувале за убавата долина. Ќерката на кнезот од едното племе, Преспа, се љубила во синот на кнезот од другото племе, Лабун. Една вечер таа намерно ги извадила седумте чепа од кладенчињата и водата ја поплавила долината. Се создало  сиво-зеленикаво езеро. Племињата тргнале на пат – едното тргнало на југ, а другото се населило во полињата на Галичица. Младите стапиле во брак, а настанатото езеро, во чест на убавицата е наречено Преспанското Езеро, а населбата околу него  Преспа.

Места за посетување
Покрај крајбрежјето на езерото се наоѓаат голем број села, населби, летувалишта, викенд-куќи.

Почнувајќи од источната страна на преспанското крајбрежје се наоѓаат селата Љубојно, Брајчино и Долно Дупени. Оддалечени се само 15 минути од Преспанското Езеро, во непосредна близина на националниот парк Пелистер. Богати со извори на вода, висока и зелена шума, планински врвови. Со автентична архитектура и љубезни домаќини, освежени од пелистерскиот воздух, од една страна и заплиснати од преспанското сонце, од друга страна, овие села и по својата местоположба и по убавините што ги нудат се особени. Ова се едни од најубавите села кај нас, добро организирани, одлично обележани и со поразвиен туризам. За странските туристи најатрактивна е шестчасовната прошетка до Големото Езеро, во средиштето на националниот парк Пелистер, на височина од 2.200 метри.

Следува Крани, а на самиот брег на езерото е сместена туристичката населба Сливница. Овде се наоѓа една од најубавите плажи во преспанскиот регион, долга околу 400 метри, со ситен песок, опремена со лежалки и хавајски чадори. И уште еден манастир, кој не смеете да го пропуштите. Манастирот Св. Богородица се наоѓа на 3 километри од селото. Манастирскиот комплекс содржи скромна црква, изградена и декорирана во 17 век. Постојат и конаци каде може да се преспие.

Следува Претор, а на само неколку километри од Претор, во подножјето на планината Баба, е селото Курбиново, каде се наоѓа познатиот манастир Св. Ѓорѓи.  Скромната градба е скриена во идилична чистинка над Преспанското Езеро со импресивен поглед. Ѕидниот декор во самата црква е еден од најдобрите примероци во Македонија. Во овој манастир се наоѓа фреската на Архангел Гаврил, која ја има на банкнотата од 50 денари. Црквата Св.Ѓорѓи има извонреден фрескоживопис од 1191 година. кој претставува еден од неколкуте бисери на среновековното сликарство во Македонија.

Кога сте во селото Асамати од таму имате пристап до орнитолошкиот резерват за птици, Езерани. Резерватот се протега на 10 километри северно од преспанското крајбрежје и тука живеат 115 ендемски видови птици (пеликан, малиот корморан, белоопашестиот орел, дебелоклунестата вртимушка и фламингото). Истиот е под заштита на разни интернационални организации.

Во Подмочани може да го посетите етнолошкиот музеј каде ќе имате прилика да погледнете над 3000 вредни експонати: прекрасни примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 различни македонски национални носии од разни региони на Македонија.

До него е селото Грнчари во кое се наоѓа малиот манастир Св. Илија, за кој се верува дека датира од 13 век, сместен во пазувите на Баба, на само 3 километри од селото. Фрескописот е импресивен, а природата фантастична.

Во Отешево, некогаш многу посетувано место, за жал, нема повеќе што да се види, најголемиот хотел тука не работи.

Продолжувате до Стење, каде ја имате најубавата и најсредена плажа во Преспа. Пред да се спуштите за Стење, патот ве води кон Галичица. На највисоката точка од 1600 метри надморска височина од десна страна, со едночасовно искачување по планината ви се овозможува несекојдневна глетка. Одовде се гледаат двете езера, Охридското и Преспанското.

Преспа е подеднакво убава и волшебна и во лето и во зима. Кој период и да го изберете, за возврат добивате, пред сè, мир и благодет на душата. Овде се живее мирно, главен извор на приходи не се туристите, туку двата локални ресурси – рибите и јаболката. Преспа во себе крие голем потенцијал, неискористени капацитети и природни убавини. Климата, богатото културно-историско наследство и природните богатства се причина повеќе да ја посетите Преспа.

Голем Град или Островот на змиите
Единствениот остров во Македонија, островот Голем Град се наоѓа во Големото Преспанско Езеро. Тој е огромна карпа, веројатно откината од соседните планини во силен земјотрес, кога по тектонски пат настанало и самото езеро. Островот е редок природен феномен и вистинска ризница на природата, обраснат е со бујна шумска вегетација со најголема застапеност на фојата, која е ендемичен вид. Како природна реткост е заштитен со закон. На островот живеат стотици змии, кои според легендите го чуваат богатството на цар Самоил. На островот нема крволочни животни. Тишината на мирното езеро и звукот на инсектите единствено ја нарушуваат јатата од стотици корморани. Од 14 јули 2008 година Голем Град е отворен за посетителите.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>