Фармацевти
Контакт

<< Назад

Менопауза

јули 27, 2016

Симптоми и лекувањед-р Глигор Ложанковски, гинеколог
ПЗУ „Д-р Ложанковски“, Скопје

Ублажувањето и лекувањето на симптомите на менопауза треба да ги води гинеколог, кој ќе избере најадекватен тераписки модел за секоја пациентка одделно, земајќи ги предвид годините, здравствената состојба и очекувањата на пациентката

Менопауза по дефиниција претставува последна спонтано добиена менструација кај жената. Поради тоа дијагнозата за менопауза се поставува ретроактивно, откога ќе мине периодот од една година по добивањето на последната менструација. Во последно време некогаш и периодот од шест месеци од последниот циклус, со менопаузни вредности на гонадотропните хормони ФСХ и ЛХ, се смета за менопауза. Сепак, менопауза и не е само последниот циклус, туку во гинеколошката перминологија така се означува периодот од неколку години по последниот циклус.

Симптоми
Дури и пред последната менструација, во периодот од неколку години, се јавуваат повеќе симптоми слични на оние во менопаузата и тој период се нарекува перименопауза.

Средната доба кога доаѓа до менопауза е од 45 до 54 години. Секоја менопауза пред 45 и после 54 години се означува како рана, односно доцна менопауза. Во физиолошка смисла на зборот менопаузата претставува период на гаснење најпрво на репродуктивната моќ кај жената, а потоа и на вегетативната функција на јајчниците, кој жените го доживуваат симптоматски со повеќе знаци, односно симптоми.

Промените во регуларноста на циклусот најчесто се манифестираат со отсуство на менструален циклус во очекуваниот период, а поретко со пречести менструации, како и други неправилности во менструалниот одлив. Покрај овие знаци, појавата на топли бранови и ноќните потења се скоро редовен придружен симптом. Исто така, се јавува несоница, сувост на вагината, пореметувања во либидото, болки во зглобовите, појава на парадентоза или болки во непцата, промени во крвниот притисок, нерасположение, проблеми со помнењето и концентрација, срцебиење.

Во кој обем и период ќе се јават тегобите е индивидуално, се разликува од пациентка до пациентка и не секогаш кореспондира со изостанокот на менструален циклус. Имено, многу жени при уреден циклус ги имаат сите овие тегоби, а други остануваат без циклус а не искусуваат ниту еден или многу малку од споменатите симптоми. Воопштено, тегобите во тек на една до неколку години постепено спласнуваат и на крај симптомите на менопауза се губат.

Сепак, последиците од падот на естрогените хормони, кои се главен виновник за овие придружни тегоби, остануваат доживотно. Ист е случајот и со остеопорозата, кога се губи минералната маса на коските, што доведува до склоност кон кршење  на коските. Поради тоа жената треба да добие препораки од својот лекар за превенција и лекување на остеопорозата, кога доаѓа до намалување на густината на коските, по што тие стануваат склони кон кршење.

Терапија
Во превенција и лекување на симптомите на менопаузата може да се спроведе заместителна терапија. Заместувањето на естрогените или, пак, алтернативниот третман со други помошни лековити средства треба да се врши во консултација со гинеколог, кој  го одбира најадекватниот тераписки модел за секоја пациентка поединечно, земајќи ги предвид возраста, придружните болести, очекувањата на пациентката.

Хормонска заместителна терапија може да бидат таблети, фластери и креми или инјекции. По состав може да содржи чист естроген или комбинација на естроген со гестаген. Терапијата може да биде циклична со повремени паузи, или континуирана,  односно без прекин. За тоа кој модел ќе се одбере, повторно треба да се консултира гинеколог.

Во ситуации кога поради одредени придружни заболувања употребата на естрогени хормони не е препорачана или е контраиндицирана, предвид доаѓаат помошните лековити средства, кои донекаде може да го постигнат ефектот на естрогените, а притоа да не го загрозат здравјето на жената. Такви средства се сојата, црвената детелина, растението цимицифуга, за кои се смета дека значително ги ублажуваат симптомите на менопауза.

Состојби кај кои е контраиндицирана употребата на естрогени хормони се: карцином на дојка, проблеми со црниот дроб, длабока венска тромбоза и други поретки болести. За сите овие состојби е потребна консултација со гинеколог, кој би ја одредил користа од терапијата во однос на придружните болести.

Ризик од остеопороза
Како што веќе напоменавме, ризикот од остеопороза и информациите кои жената треба да ги добие од својот доктор ќе придонесат за превенција, како и за благовремено адекватно лекување. Имено, употребата на помошни лековити средства и терапија со витамини и минерали, витамин Д, калциум, физичка активност, како и изложеноста на сонце во голем дел ќе ја спречат или ќе ја забават остеопорозата.

Консултации со доктор
Благодарение на достапноста до информации, сè повеќе жени од средната доба не прифаќаат да влезат во периодот на третата доба, без да посветат малку повеќе време за своето репродуктивно здравје, и со тоа да преземат мерки за ублажување на перименопаузните тегоби или, пак, одложување на последната менструација. Од клучна важност се договорите и консултациите со доктор, со што непријатностите од симптомите што ги носи менопаузата ќе се сведат на минимум. Дали тоа ќе биде со хормонска терапија или со помошни лековити средства, одлуката заеднички ќе ја донесат докторот и пациентката за да се постигне оптимален здравствен бенефит, без притоа да се наруши општото здравје на жената.

Психосоцијални примени
Менопаузата се поврзува и со психолошки и со социјални проблеми, бидејќи во овој чувствителен период од животот на жените се јавуваат и разни психосоцијални промени, од кои најприсутни се депресија, вознемиреност, напнатост, недостиг на енергија, замор, инсомнија. Меѓутоа, стручњаците велат дека во периодот на менопауза психолошките пореметувања во поголема мера се резултат на социјалните отколку на биолошките промени, како и дека зависат од средината и индивидуалното прифаќање на изменетите животни улоги (девојка, жена, баба). Генерално, менопаузата и климактериумот со помалку тегоби ги минуваат жените кои се активни, вработени и имаат различни улоги во животот од оние чии клучни улоги се мајка, сопруга и домаќинка.

Според медицинските класификации, во овој период ризични фактори може да бидат брачните, работните, родителските, финансиските, здравствените, друштвените и социјалните, а сите тие бараат адекватна адаптација на новите услови на живот, а во некои случаи и терапија, односно помош од стручни лица. За што подобро да се избори со влегувањето во третата доба, жената прво треба да се прифати себе и да гради позитивен однос кон новонастанатите животни околности, како што се осамостојување на децата и нивното заминување од дома, пензионирање и слично, трудејќи се да најде нови содржини во животот и преокупации (чување внуче, одгледување цвеќе, хоби, учење странски јазик, патувања, хонорорни работи, добротворна работа и сл.).

Не се вели случајно дека секоја доба има свои предности, па така и влегувањето во третата доба, кое го карактеризираат менопауза и климактериум, има свои добри страни, како време за разни убави содржини и дружења за кои во претходниот животен период повеќе жени немале простор, растргнати помеѓу работата, улогата на мајка, сопруга и домаќинка.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>