Фармацевти
Контакт

<< Назад

Крушево

јуни 11, 2015

[vc_column width="1/1"]Градот-востаникИвана Коцевска

Крушево градот-музеј, највисокиот град на Балканот, познат по архитектурата, Илинденското востание, Тоше Проески, заслужува да му се посвети внимание и да заживее како во минатото кога било развиено занаетчиството и трговијата

На 1 250 метри надморска височина се наоѓа највисокиот град на Балканот, Крушево. На падините на Бушева Планина, обиколен е со крушевската корија, со прекрасна местоположба, како во гнездо, со отворен видик кон сите 4 страни, кон Пелагонија, Марковите кули, Јакупица и Солунска Глава.

До него се стигнува по патот од Прилеп, со должина од 32 километри, совладувајќи ги свиоците и угорниците, за кои постои легенда дека настанале зашто градителот бил пазарен за секој километар да добие товар злато. Алчен по златото тој го направил патот ем невидено тесен ем кривулест. Овој сегашниов, модерен асфалтиран и широк пат, е покус за километар-два од дамнешниот турски. При влезот од која и да е страна на градот има нешто како во сказните, нешто што не можете да го видите и да го почувствувате на кое било друго место, овде изгрејсонцата и зајдисонцата се поинакви, воздухот е поинаков, постои една игра на перспективата, која уште почудесно се прекршува во кристалот на планинското небо.

За овој град-музеј, мал според големината, а голем според сето она што се случувало и го одбележало, може многу да се зборува. Според некои историски записи градот бил основан во 1467 година. Првите жители биле Македонци.

Долго време бил мала населба, во 1670 година имало само 45 куќи. Со доселувањето на Власите од Москополе, во крајот на 18 век, и од планината Грамос, во почетокот на 19 век, Крушево се формира како градска населба. Заедно со Власите се доселила и една мала група православни Албанци од Јужна Албанија. Власите, познати успешни трговци, занаетчии и печалбари, добро ја организирале својата работа во новата населба. Поради заедничкиот живот и меѓусебното влијание на Македонците и Власите, Крушево уште од првата половина на 19 век бил билингвистички град и тоа е зачувано и до денес. По 30-тите години на 19 век се доселиле Мијаци од реканскиот крај, надалеку познати и успешни градители, резбари, зографи и иконописци, кои се вклопиле во економскиот и културниот развој на населбата.

Автентичната крушевска куќа
Штом ќе се искачите по тесниот и кривулест пат, пред вас се отвора панорамата на Крушево, исполнета со куќи, прозорци, тераси и покриви. Од височина градот има изглед на лепеза. Првиот контакт, всушност, е контактот со убавината на старите крушевски куќи, вистински уметнички дела, градени кон крајот на 18 век и во текот на 19 век. Оваа архитектура е специфична само за Крушево. Овие автентични градби на човекот се резултат на архитектонската меморија на Власите од Москополе и на градителското искуство на Мијаците.

На главната фасада на куќите обично има насликани декорации во сина боја. Исто така, многуте прозорци и другите детали на фасадите се обично во сина боја. На горниот кат обично има издаден мал балкон, пространи чардаци, мусандри, поплочени тремови и тешки дрвени порти. Речиси секогаш се со чешма во приземјето. Задниот дел на куќите е изграден од камен, додека предниот дел т.н. „бондрук“ е составен од дрвени столбови и греди покриени со бел гипс. Славниот француски архитект Корбизје не случајно во 1927 година го посетил Крушево. Восхитен од крушевската архитектура, бил инспириран од крушевската куќа во своето натамошно творештво.

Чаршијата
Градот е поделен на два дела, поголем на левата и помал на десната страна на Крушевска Река. Во средината на градот е чаршијата. Во неа и кон неа од сите страни се слеваат стрмни, тесни маалски сокаци, како лавиринт, но и да не го познавате градот никогаш нема да се загубите, секогаш ќе пристигнете на саканото место.

Крушевската чаршија некогаш била преполна со живот, со ученици и калфи, а еснафот бил многу силен и функционирал како некој синдикат. Изобилувала со стари занаети. Ќе слушнете приказни дека некогаш овде работеле калајџии, бербери, шнајдери, златари, валавничари, ќилимари, мелничари, чевлари, ковачи, столари, фотографи. Ќе ви раскажат дека порано крушевчани биле добри ѕидари и терзии, дека шнајдерот на етиопскиот цар Хеиле Селасие бил крушевчанец. Вредните раце на крушевските златари изработувале филигран, кој го извезувале во Солун, Стамбол, Египет и во арапските земји. Денес од занаетчиството, кое на времето било главниот двигател на културното живеење, е останато уште многу малку. Во Крушево се живее тивко и бавно. Во состав на чаршијата се наоѓа и градскиот плоштад, кој во последните сто години и не е изменет многу.

Што може да се посети
Во Крушево има четири градски цркви. Најстара е Св. Богородица, изградена во 1867 година. Во црквата Св. Јован е сместена галерија на икони. Во оваа црква има две ѕидни печки карактеристични за крушевската куќа, за кои се смета дека се единствени вакви печки на просторот на Македонија. Оваа црква крушевчани ја знаат како „Влашка“ црква. Изградена е 1904 г. и е најсочуван сакрален објект кој се наоѓа во центарот на градот. Во централното подрачје, во срцето на чаршијата, ви се отворени портите на црквата Св. Никола. На периферијата на градот е црквата Св. Троица, изградена во 1881 година.

Крушево е роден град на академик Никола Мартиновски, еден од најзначајните македонски современи сликари, кој има донирано свои 62 слики сместени во т.н. Галерија Никола Мартиновски. Самата куќа е одличен пример за типична крушевска архитектура и дефинитивно вреди да се посети.

Илинденско востание
Во македонската национална историја Крушево е запишан како град-востаник, симбол на слободарскиот дух, отпорот, слободата и заедништвото. Токму овде е прогласена првата независна Република на Балканот, по углед на Француската.Ноќта на 2 август 1903 година околу 750 востаници, предводени од Никола Карев, го нападнале и го ослободиле Крушево и била прогласена Република. Постоела 10 дена, утрото на 12 август градот бил нападнат од 15 000 турски аскер предводен од Бахтијар паша. Последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули е преточен во споменикот Мечкин камен.

Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република е сместен во староградска куќа од 19 век, во која 1903 год. е прогласена Крушевската Република. Во спомен на овој важен датум од македонската историја е изграден најпрепознатливиот споменик во Крушево, комплексот Македониум, на 1 320 метри надморска височина, со извонреден поглед кон градот. Ова уметничко дело претставува симбиоза на снагата на боздоганот на Крале Марко, црешовите топчиња на Крушевската Република и претстава на вселенски брод. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражите со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“ од Тома Прошев. Во куполата се наоѓа гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република и спомен-биста на Тоше Проески.

Секоја година од 1 до 10 август се одржува манифестацијата „10 дена Крушевска Република“. Без разлика на националност, пол, возраст, локалното население ја искажува својата желба за зачувување на културата и традицијата.

Во Крушево има 178 дена под мраз. Постојат терени за скијање, кои се посетени во зима. Во лето најполуларен е параглајдингот, со најдобри терени за полетување и слетување и поволни ветрови. Традиционално за Илинден се одржува и Државно првенство во параглајдерство.

Денес е чудно колку мирно и спокојно, во еколошка средина се живее во Крушево. Дури и премногу мирно. Не смеете да заминете а да не ги пробате надалеку познатиот крушевски локум и крушевските целувки. Се изработуваат во ограничени количини и одолеваат на предлозите за индустриско производство. Не заборавајте да купите и мед, бидејќи климатските услови, но и чистотата на овој регион овозможуваат производство на здрав и висококвалитетен мед.

Тоше Проески
Крушево е роден град на Тоше Проески, момчето со ангелски глас и позитивна енергија и љубов за сите луѓе. По неговата прерана смрт, овде е и неговото вечно почивалиште. На Гумење е отворена спомен-куќа во негова чест, изградена во форма на крст, со лични предмети и две восочни фигури на Тоше во природна големина. На 12 км од градот се наоѓа манастирот Свето Преображение, кој го градеше Тоше додека беше жив и за него беше духовно светилиште.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>