Ана Николиќ
Тегобите во менопауза, како бранови топлина, црвенило на лицето, потење, несоница, главоболка, замор, вознемиреност, нагли промени во расположението, безволност, депресија, но и урогенитална атрофија, атеросклеротични промени и загуба на коскената маса можат значајно да се ублажат, па дури и да се спречат со разновидна и урамнотежена исхрана која е приспособена на тој природен процес на крајот на репродуктивниот период.
Пиперки: Помагаат против замор, дејствуваат противвоспалително; богати со витамин Ц, го јакнат имунитетот, го намалуваат нивото на шеќер во крвта и ги ублажуваат валунзите.
Лук: Овој природен антибиотик содржи фитоестроген и е моќен сојузник во борба против сите симптоми на климакс, овозможува подобар сон и дава енергија.
Марула: Богата со железо, калциум и фолна киселина, марулата помага во стабилизација на нивото на шеќер во крвта, ја подига енергијата и позитивно влијае на нагли промени на расположението.
Соја: Добар е извор на фитоестрогени билни соединенија кои можат да ги ублажат симптомите на менопауза, но би требало да се внимава на количината која се внесува, па е потребно да се посоветувате со лекар.
Печурки: Селенот во печурките влијае позитивно на расположението и го намалува стресот, кој во голема мера е присутен кај жените во овој чувствителен период од животот.
Јагоди: Благотворни се за проблемите со валунзите.
Црвена детелина: Цветот од црвена детелина е богат со фитоестрогени кои помагаат во регулирање на нивото на естроген, кој кај жените во менопауза е во опаѓање.
Кантарион и жолта јаглика: Ги намалуваат брановите на топлина, ноќното потење, несоницата и помагаат во отстранување на вознемиреноста.
Маточина: Дејствува релаксирачки, смирува и го подобрува расположението и концентрацијата.
Млечни производи и риба: Зголемен внес на калциум и витамин Д се препорачува за да се избегне развој на остеопороза, прогресивна болест на коските.
Нерафинирани растителни масла: Богати се со витамин Е, кој е јак антиоксидант, па треба да се користат за подготовка и за зачинување на храната. Витамин Е содржат и јаткастите плодови, доматот, морковот, пченичните никулци, интегралните житни растенија.
Во менопауза треба да се избегнува често консумирање црвено месо и преработки од месо, благо и грицки, многу зачинета храна, алкохол и цигари. Исто така, не треба да се прескокнуваат оброци, треба да се пијат доволни количини вода, незасладени билни чаеви и свежи овошни сокови.