Фармацевти
Контакт

<< Назад

Стомачни инфекции при патување

јули 27, 2016

Како да се заштитиме и да се лекувамед-р Веселин Стоицов, гастроентеролог

Рацете треба често да се мијат со топла вода и сапун, да се избегнува храна која ја продаваат уличните продавачи, да се користи вода во шише, а во случај на инфекција посебно да се обрне внимание на внес на течности, зашто кај деца и постари луѓе дехидратацијата настапува брзо и може да го загрози животот

Летото е сезона на патувања и одмори. Но и сезона на цревни инфекции кои можат да бидат предизвикани од расипана храна или неисправна вода. Што можеме да сториме да се заштитиме од инфекциите и да поминеме мирен и незаборавен одмор? Или, ако се разболиме, да заздравиме што побрзо за да не ни пропадне одморот? Еве неколку основни работи кои би требало да ги знаеме.

Кои се симптоми на цревни инфекции?
Цревните инфекции можат да бидат вирусни и бактериски. Во голем број случаи дијарејата ја предизвикува бактериски заразена храна и вода. Најчесто како причинител од бактериско потекло  се среќава ентеротоксичната бактерија Escherichia coli, која претставува една од шест различни стомачни бактерии Escherichia coli. Постојат неколку патогени видови на ешерихија кои можат да предизвикаат заболување на дигестивниот тракт. Други бактерии кои можат да предизвикаат дијареја се кампилобактерии, попознати како шигела и салмонела. Од вирусни причинители често се сретнуваат ротавирусна инфекција, која кај децата може да биде посебно тешка, меѓутоа постои вакцина против неа. Постојат и други вируси кои предизвикуваат дијареја, како, на пример, аденовируси и ентеровируси. Во ретки случаи дијарејата може да биде причинета и од паразити како што се Giardia lamblia или Cryptosporidum.

Како се манифестираат?
Манифестациите зависат од причинителот. Тој не може да биде одреден само и единствено врз база на клиничката слика. Симптоми се: мачнина, повраќање, болка во стомакот, грчеви, еден или повеќе ретки или водести измети, понекогаш со примеси од слуз и крв (крвава дијареја укажува на потешка состојба и можна инфекција со шигела), потоа болка во мускулите (најчесто кај вирусни инфекции), замор, фебрилна или субфербилна состојба (карактеристична за вирусни инфекции), дехидратација, која се јавува најчесто кај потешки случаи.

Симптоми на дехидратација се: сува уста, зголемена жед, забрзана работа на срцето, паѓање на крвниот притисок (хипотензија), слабо мокрење, помала еластичност на кожата. Кај децата, постари луѓе и хронично болни дехидрацијата настапува побрзо и може да биде опасна по живот. Може да предизвика и заболувања на други органи и системи – зглобови, бубрези, централен нервен систем, кожа.

Како да се заштитиме?
Превентивата е основна алка во спречување на инфекции и таа подразбира:

Лична хигиена (особено е важно миење раце со топла вода и сапун по секое одење во тоалет, како и пред оброците);

Користење на свој тоалетен прибор и прибор за храна;

Почитување на препораки при патување во ризични земји:

- да се користи вода во шише од сертифициран извор

- да се избегнува мраз во коцки (водата може да биде загадена)

- да не се консумира свежо овошје и зеленчук, месо и риба кои не се добро термички обработени; како и храна подготвена на улица. Треба да се избегнуваат и лигњи зашто тие често содржат причинители на инфекции.

Какво е лекувањето?
Најважно во лекувањето е редовно да се пие течност. Бидејќи кај инфекции на дигестивниот тракт се губат сол и вода, неопходно е организмот да го надополнува изгубеното. Во аптеките можат да се најдат веќе подготвени комерцијални раствори. Принцип е да се пие често и во мали голтки. Освен обична вода, дозволено е консумирање билни чаеви, напитоци кои содржат глукоза (блага вода) и/или натриум-цитрат.

Доколку се јави повраќање, би требало да запре за 2-4 часа. Во потешки случаи се даваат антиеметици. Храната треба да се зема постепено. Се препорачуваат бистри чорби, солени бисквити, супи, препечен леб, ориз и супа од морков. Кај гастроинтестинални пореметувања најчесто се користат лекови кои содржат активен јаглен, пектин, силикати. Се препорачуваат и медикаменти кои ја намалуваат перисталтиката и патолошкото лачење. Пробиотици се применуваат и во акутна фаза на болеста.

Кога треба да се побара лекарска помош?
Лекувањето мора да биде под надзор на лекар кај лица кои се изложени на ризик – деца, возрасни над 65 години, луѓе со повеќекратни и сериозни заболувања и лица со слаб имунитет. Алармантни симптоми кои бараат задолжително консултирање со лекар се: упорно повраќање и дијареја и покрај преземените мерки, кога нема подобрување во рок од 48 часа, влошување на симптомите, јаки стомачни болки, крв и слуз во изметот, знаци на дехидратација, температура над 38 степени. Во некои случаи вреди да се почне со терапија со антимикробни лекови. Нив ги препишува само лекар! Апсолутно не е дозволено земање антимикробни лекови на своја рака. При патување во ризични земји се препорачува претходна консултација со лекар кој може да назначи широк спектар на антимикробни лекови во случај на нужда.

Која храна треба да се избегнува?
Бидејќи храната е главен причинител на инфекции, потребно е, пред сè, да се обрне внимание на самиот начин на исхрана. Продуктите би требало да бидат добро термички обработени. Треба да се избегнува свежо овошје и зеленчук кои не се чувани во фрижидер или не се добро измиени, како и сирово месо и морски плодови. Млечни производи и вода од чешма или мраз (вклучувајќи и замрзнати напитоци кои не се од филтрирана вода), исто така, носат висок ризик од зараза. Газирани напитоци, пиво и вино, врело кафе и чај, овошје кое се лупи, спакувана храна, конзервирани производи главно се безбедни. Ризикот од инфекција е висок кај храна купена од улични продавачи. Кога веќе ќе дојде до инфекција, треба да се избегнуваат напитоци со кофеин, алкохол, масна храна, свежо млеко (особено во случај на подолга дијареја).

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>