Фармацевти
Контакт

<< Назад

ДЕКОЛТЕ

јули 27, 2016

Заводливо и провокативноМарија Јоксимовиќ

Иако Балзак нерасположено рекол дека „архитектите своите грешки ги покриваат со мермер, докторите со земја, а жените со деколте“, а кралицата Катарина Медичи, закопчана до грло, од својот дворец ги протерала сите бујни гради, факт е дека убавото деколте со векови мами воздишки, и е незаобиколен детаљ во многу филмови и честа провокација на модните диктатори и славните жени

Без разлика дали покрива или открива, четвртестo, овалнo, со шпиц, длабоко, смело, дискретно или провокативно, деколтето и неговиот визуелен ефект во поновата историја на модата во голем број случаи зависело од градникот. А сè започнало во 1889 година, кога Французинката Ермини Кадој расчистила со корсетот, така што му го отсекла горниот дел и направила нешто што би можеле да го наречеме претходник на денешните градници. Тој „праградник“ тежел речиси еден килограм.

Десетина години подоцна (1907) парижанецот Пјер Поаре го креирал првиот вистински градник за во 1914 година Американката Мери Фелпс Џејкоб да го измисли т.н. корсет без грб, па на неудобните стари корсети дефинитивно им дошол крајот. Незадоволна од гломазната долна облека која го нагрдувала нејзиниот деколтиран фустан, Мери Џејкоб наводно импровизирала градник од две розеви марами и една панделка. Нејзиниот патент толку ги воодушевил жените, што на крајот го продала на компанијата Warner Brothers Corset за мали пари (денешниот еквивалент би бил околу 25000 долари), за во следните три децении таа фирма на нејзиниот изум да заработи повеќе од 20 милиони долари.

Џејн Расел и Џејн Менсвилд
Деколтираните, бујни гради кои мамат воздишки и привлекуваат погледи, по кратката пауза за време на модата на чарлстон во 20-тите години од минатиот век, блеснале со полн сјај две децении подоцна. Виновник за тоа – никој друг туку легендарниот сопственик на магазинот Плејбој, Хју Хефнер, кој во 1943 година го забележал преубавото деколте на 19-годишната бринета Џејн Расел во филмот „Бунтовник“ и порачал специјално за неа прв пуш ап градник без жици и потпирачи, мек и природен, во кој адутите на убавата глумица, манекенка и секс-симбол на тоа време најдобро ќе дошле до израз.

Бујното деколте во 40-тите и 50-тите години од минатиот век ја прославило и Џејн Менсфилд, која кариерата ја започнала како Плејбој-зајачица на Хју Хефнер, па се пробила и во Холивуд, играјќи заводничка. Злобниците велат дека главен адут ѝ било бујното деколте, а не бегала од натпреварување со другите диви по длабочината на деколтето. Така во една прилика ја засенила и славната италијанска дива Софија Лорен, седејќи во ресторан со фустан со најдлабоко можно деколте кое фоторепортерите на тоа време го овековечиле, а злите јазици го опишале како „гради на чинија“.

Слики од нејзините големи гради во мегапровокативни деколтеа кое повеќе откриваат отколку што сокриваат во средината на минатиот век краселе соби на момчиња ширум светот, машки соблекувални и кабини на камиони. Меѓутоа, колку и да било привлечно деколтето, сепак, во тоа време било незамисливо дама со провокативно деколте да нема градник како пуш ап креацијата на Фредерик Мелинџер од Холивуд, кој на својот изум му дал духовно име „ѕвезда во подем“. Градниците го губат модниот ореол дури три децении подоцна, во времето на хипи револуцијата и децата на цвеќето, кога жените во знак на ослободување ги палеле ширум светот. Во 70-тите години од минатиот век и деколтето станува прилично занемарено, а кратката момчешка фризура по примерот на манекенката Твиги на девојките им станува моден стандард, поради што најмногу страдале дамите со раскошно деколте.

Тоа, секако, не било прв пат во историјата да се носи рамно деколте. Уште во 12 век дамите своето деколте го затегале, а едикт од Стразбург, објавен во 1370, стриктно велел дека „ниедна жена не смее да го покажува деколтето со отворени блузи или тесни фустани“. Во тоа златно време на корсети, кои во 16 век напредувале во вистински справи за мачење, зајакнати со челични шипки и коски од кит, акцентот не смеел да биде на раскошното деколте. Историјата вели дека жената на францускиот крал Хенри II, Катарина Медичи, позната како мецена на ренесансната уметност, почитувач на Нострадамус и секогаш закопчана до грло, успеала да ги протера сите бујни гради од својот дворец. Но, тоа не траело долго, па кон средината на 18 век деколтираните фустани станале моден стандард.

Мадона и Лејди Гага
А дека фантазијата на модните креатори не познава ограничувања, потврди во 1984 година Жан Пол Готје, кој ги шокираше трендсетерите со лансирање градник  во облик на торпедо. Во последната деценија на минатиот век овој екстравагантен модел со шпицести корпи го прослави пејачката Мадона на светска турнеја, па нејзините слики во провокативно „торпедо“ станаа дел од поп-културата кон крајот на милениумот. Една деценија подоцна ѝ парираше Лејди Гага сликајќи се во сребрен фустан со вртоглаво длабоко деколте во лондонскиот Ројал Алберт хол во друштво на принцот Хари, кој не можел да ги одвои очите од отворот на нејзиниот фустан.

Предизвикувачки длабоки отвори на фустаните обожаваат и славните глумици, а доделувањето на Оскар секогаш е и своевидна парада на провокативни деколтеа. На овогодишното доделување Оскар, кој преку ТВ-екраните го следат стотина милиони гледачи, глумицата Оливија Вајлд се појави во екстравагантен бел плисиран фустан со деколте буквално до папокот. Ѝ парираше Шарлиз Терон во црвен фустан со деколте ни помалку ни повеќе туку – до половината, додека Џенифер Лоренс се одлучи за нешто помалку длабоко деколте, за што, додуша, и немаше посебна потреба зашто горниот дел од фустанот беше од проѕирна тантела. Историчарите на модата, секако, би рекле дека тоа не е ништо ново зашто уште во 4.500 година пр.н.е. жените воини од грчкиот остров Крит носеле голи гради, само ефектно ги потпирале да стојат исправено.

Иако психолозите сакаат да кажат дека раскошното деколте е нешто што мажите прво го приметуваат кај жените, а истражувачите од Универзитетот во Небраска тоа го потврдиле со тестови за движење на очите кај 65 испитаници, кои прво застанувале на тој дел од телото, факт е дека деколтираните фустани не се носат само поради провокација, туку и поради удобност и комоција, особено кога температурите се високи, кога да бидеш закопчан до грло е прилично непријатно. И иако современата мода дозволува секакво  можно деколте, со градник или без него, некои правила, сепак, постојат и се сведуваат на тоа дека не треба да се претерува. Значи, многу деколтиран фустан не би требало да биде уште и претесен и прекраток зашто тоа е премногу, не остава добар впечаток и не е шик.

Убаво деколте
За деколтето да биде убаво и привлечно, не е доволно само да се облече длабоко отворен фустан или блуза. Тоа бара и посебна нега, па се препорачуваат пилинзи, хранливи и хидратантни креми, овошни маски... Во мали тајни на убавото деколте спаѓа и нежна масажа која ја поттикнува циркулацијата, зашто кожата во пределот на деколтето е нежна и чувствителна, како и нега со препарати кои содржат витамини Б, Е и Ц.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>