Фармацевти
Контакт

<< Назад

Вежби за рамни стапала

јули 27, 2016

Предраг Грујиќ

Сè повеќе деца и возрасни се со стекнати рамни стапала поради намалено движење, одење по рамна и тврда подлога како што е асфалт, но и носење несоодветни, тесни обувки.  Првата линија на одбрана од спуштање на сводовите на стапалата е што повеќе одење боси, трчање, скокање, како и возење велосипед, бидејќи вртењето на педалите ги активира и ги јакне мускулите и ја забрзува циркулацијата. Многу вежби за отстранување замор, изградба на тонусот на мускулите и намалување на болките во стапалата може да се прават надвор и дома.

Истегнување: Додека седите, испружете ги нозете, префрлете еластична лента или цврсто платно преку средината на стапалата, а краевите на лентата држете ги во раце и повлекувајте ги стапалата и прстите кон себе. Останете во таа положба 5-6 секунди, па опуштете ги стапалата. Повторете ја вежбата 10 пати. Зглобовите најлесно ќе ги истегнете така што ќе застанете исправено на една нога, а коленото на другата нога подигнете го кон градите и завртете го стапалото наназад, па напред. Вежбата повторете ја и на другата нога неколку пати.

Фаќање предмети: Свиткајте ги прстите на ногата и обидете се да фатите стап или валјак од картон повеќе пати. Исто така, со свиткани прсти тркалајте го стапот по подот. Добра вежба е и со прстите на нозете да фатите парче ткаенина или џамлии од подот.

Нестандардно одење: Обидете се да чекорите на невообичаен начин, на надворешниот раб на стапалото, со згрчени прсти, па на пети со подигнат преден дел од стапалото. Потоа одете наизменично на прсти, па на пети. Стуткајте марамче помеѓу прстите на нозете и одете така внимавајќи да не го испуштите. Ако ги правите овие вежби секој ден по 10 минути, мускулите и лигаментите ќе зајакнат и многу поцврсто ќе го држите стапалото.

Одете боси: Нема подобра вежба за рамни стапала од одење без обувки, по нерамен терен, било да е тоа трева, песок, земја или чакал. Одењето по нерамен терен ги оптоварува сите мускули на стапалата, додека одењето по асфалт заморува само една група мускули.

Спорт: Рамните табани не се пречка за занимавање со спорт. Потребно е да се носат соодветни обувки, во патиките да се стават специјални, наменски влошки или да се користат посебни патики за рамни стапала.

Рамните стапала не се само естетски проблем, туку сериозна последица на седечкиот  начин на живот, вишокот килограми и недостигот на движење, тие ја пореметуваат статиката на телото и во потешки случаи може да доведат до инвалидитет. Поради тоа е важно на проблемот со рамни табани, било кај децата или кај возрасните, секојдневно да му се посвети време и редовно да се вежба.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>