Фармацевти
Контакт

<< Назад

Веслање

јуни 11, 2015

[vc_column width="1/1"]Хармониjа на водаСаша Ковијаниќ-Димиќ

Додека се разденува, чамецот се подига од сталажата и тргнува кон новиот ден. На другата основа повеќе весла се подготвени да бидат изнесени и сместени во виљушките. Тогаш, пробудени од реката и чувството на весла во рацете, веслачите се соединуваат во потполност со чамецот. Симфонијата не е само во натпреварувањето. Таа е во усогласеното движење на вода, хармоничното движење на веслата и мускулите, каде што секој дел од опремата и секој веслач воедно е и движач, но и лимит на движењето (Stephen Kiesling, The Shell Game)

Веројатно малкумина се оние кои немале можност да застанат и со воодушевување да го испратат осмерецот кој лизга по мирната површина на водата, воден од веслата на осум совршено синхронизирани веслачи. Глетката кај набљудувачот најчесто предизвикува чувство на хармонија и леснотија. Имате впечаток дека со минимум напор веслачите ги движат веслата, кои, само што ќе влезат во водата, го оттурнуваат чамецот метри нанапред. Во право сте кога ќе помислите дека хармонијата е друго име за веслањето, тоа е, воедно, најнеопходна состојка на овој спорт.

Друга асоцијација за веслањето, за спортските сладокусци, е прочуената универзитетска трка на осмерци од Оксфорд и Кембриџ на Темза, поради која Англија се смета за колевка на модерното веслање. Традицијата е воспоставена во 1828 година, кога Чарлс Меривел, студент на колеџот од Кембриџ, го предизвикал својот школски пријател, инаку студент на Оксфордскиот универзитет, да ги одмерат силите во веслање по реката кај гратчето Хенли. Ова била прва официјална трка помеѓу Оксфорд и Кембриџ.

Оваа година е одржана 160. по ред трка, со прилично изедначен резултат, во кој, сепак, мала предност остварува Кембриџ. Колкава е популарноста на оваа трка покажува податокот од поновата историја дека околу 250 000 луѓе ја следат од брегот на реката, а околу четири милиони луѓе преку ТВ-пренос.

Веслањето е моноструктурален спорт, што значи дека го сочинуваат движења кои циклично се повторуваат и според тој критериум изгледа како монотона активност, но со оглед на тоа дека се одвива на вода, во природа и најчесто во друштво, тренинзите и трките изобилуваат со возбуда, па таа етикета никако не може да му биде залепена.

Веслањето е олимписки спорт кој го тренираат и жените и мажите. Трките се организираат за двете категории со стандардна должина од 2 000 м, освен за помлади категории, тогаш се пократки, најчесто 1 500 м. Во трката учествуваат шест чамци во стази кои најчесто, но не мора задолжително да бидат, одвоени со пливки. Прв пат стазите на некој веслачки натпревар се одвоени со пливки на Олимписките игри во Рим, во 1960 година.

Кога да се почне?
Ако одлучите да го поддржите своето дете во идејата да тренира веслање, пред сè, треба да знаете дека веслањето спаѓа во спортовите кои физички се најнапорни. Еден е од ретки екипни спортови кој не вклучува топка, што значи дека за помладите возрасти не мора да биде особено забавен дури ни на почеток, бидејќи од првиот момент е потребна одредена доза на сериозност и дисциплина, мазохизам и отпорност на болка.

Пожелно е децата да почнат да се занимаваат на возраст од 12 до 16 години, иако не е доцна ни со 18, особено ако претходно веќе се занимавале со некој понапорен спорт. Исто така, обрнете внимание на годишното време во кое детето би започнало со тренинзи. Во зимскиот период тренинзите се одвиваат главно внатре на ергометри – симулатори за веслање кои произведуваат исти физиолошки барања како и веслање на вода, освен што самата активност е тешка и монотона, па на децата брзо им досадува. Во текот на летните месеци дури и децата почетници излегуваат на вода, вежбајќи синхронизација, како во изнесување чамец во вода, редослед на седење, така и самото веслање, прво во „галии“, како што искусните веслачи сакаат да ги нарекуваат тие кабасти чамци за почетници.

Исхрана на веслачите
Со оглед на тоа дека веслањето е една од најнапорните дисциплини во која се троши огромна аеробна и анаеробна енергија, веслачите имаат големи енергетски потреби, а најважни се оние за јаглехидрати (дневно 500–600 г). Општо, на веслачите им е потребна високоенергетска храна, која мора да биде поделена на пет до седум оброци дневно. За да ја надоместат енергијата за време на тренинзите, мора да внесат и по 4 000 калории дневно. Најкорисни продукти во исхраната на спортистите се: природни густи овошни сокови, чоколадно млеко, мед во комбинација со млеко, енергетски плочки, тестенини, варен компир, варен зеленчук, леб и печива, ориз и овошје. Препорачаниот однос на протеини, масти и јаглехидрати е 20:25:55.

Веслањето е спорт во кој многумина ќе се пронајдат, без разлика дали се почетници или ветерани и дали со него почнале да се занимаваат во детството или во зрела возраст. Одличен е за развој на мускулната и скелетната структура кај помладата популација и за одржување на кондиција кај постарата. Покрај сите добра кои овој спорт ги дава на здравјето и кондицијата, уште поважен е допирот со природата кој придонесува за психичка и ментална стабилност на секој кој во него навистина ужива.

Мал речник за веслање

Римен – дисциплина во која секој веслач весла со по едно весло. Ознаките за екипажот кој се натпреварува во веслање содржат број, кој означува број на членови на екипажот и знак плус или минус, кој означува дали екипажот има или нема кормилари. Значи (2+) е, на пр., и двоец со кормилар. Олимписки дисциплини се (2-), (4-) и (8+), а неолимписки се уште и (2+) и (4+).

Скул – дисциплина „на парови“, каде што секој веслач весла со по две весла, односно по едно во секоја рака. Олимписки дисциплини се: сингл или скиф, со ознака (1х), двоец (2х) и четворка (4х).

Чамец – често се употребува англискиот назив за овие чамци – shell (школка), како поради обликот, така и поради фактот што рамката му е тенка како кај школка, за чамецот да биде што полесен. Се одликува со голема должина и многу мала ширина.

Рол – движечко седиште кое се „тркала“ (roll – англиски збор за тркалање) по должина на две паралелни шини, поставено така што веслачите се завртени со грбво насока на движење на чамецот.

Весло – се состои од рачка, прстен, тело на веслото и лопата. Рачката е дел за кој веслачот го држи веслото, прстенот служи за веслото да не се лизне во вода низ виљушката на која се потпира на чамецот, телото е најчесто шупливо за веслото да биде што полесно, а лопатата е дел со кој се зафаќа водата. Веслата за скул се долги околу 290 см, а за римен околу 380 см.

Кормило – уред за управување со чамецот.

Кормилар – оној кој управува со чамецот и го бодри екипажот во текот на трката. Кормиларот е единствен член на екипажот кој е свртен во насока на движење на чамецот.

Штрокер – веслач кој седи најблиску до кормиларот и по неговите упатства ја одредува должината и зачестеноста на замавот со весло и дава ритам на останатите членови на екипата.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>