Фармацевти
Контакт

<< Назад

Болести на срцето

август 23, 2016

Препознајте ги ризицитед-р Маја Врчаковска
спец. интернист
Центар за внатрешни болести „Срце“, Скопје

Во првиот час од срцевиот удар големи се шансите за преживување и заздравување, па од животна важност е брзо да се препознаат симптомите и без одложување да се јавите во итна медицинска помош


Срцевите или кардиоваскуларните болести опфаќаат различни состојби и тоа: болести на крвните садови, како што е коронарна артериска болест, проблеми со ритамот на срцето (аритмии), вродени или стекнати срцеви мани, болести на срцевиот мускул и други.

Ризик-фактори за појава на срцеви заболувања
Генетиката е фактор на кој не можеме да влијаеме, но нашите животни навики може значително да го зголемат ризикот од срцеви заболувања, особено од срцев удар.

Нездрава исхрана: Зголемен внес на шеќери и јаглехидрати, исхрана богата со заситени и транс масти го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, како што е атеросклерозата. Исто така, прекумерен внес на сол го зголемува ризикот од зголемен крвен притисок. Во просек ако здрав внес на сол во исхраната е до 5 мг дневно, многумина консумираат многу повеќе.

Физичка неактивност: Седечкиот начин на живот доведува до медицински состојби кои се ризик-фактори за срцеви заболувања, како што се дебелина, покачен крвен притисок, покачен холестерол и дијабетес.

Дeбелина: Прекумерното масно ткиво што се се таложи на стомакот, околу внатрешните органи, вклучувајќи го црниот дроб, го зголемува нивото на т.н. „лош“ холестерол, триглицеридите, шеќерот во крвта, а го намалува нивото на т.н. „добар“ холестерол, кој ги „штити“ крвните садови. Вишокот масно ткиво доведува до задршка на прекумерна течност во клетките и доведува до покачен крвен притисок.

Алкохол: Прекумерен внес на алкохол (повеќе од 2 пијалаци дневно кај мажи и повеќе од 1 кај жени) може, исто така, да доведе до покачен крвен притисок, шеќер, холестерол, триглицериди и дебелина, кои се главните ризик-фактори за срцеви заболувања. Прекумерното консумирање алкохол има токсичен ефект врз срцевиот мускул и доведува до негово слабеење.

Стрес: Психичкиот стрес и депресијата доведуваат до неможност да се одржуваат здрави навики во животот или да се спроведува препорачаниот третман. Зголеменото ниво на хормоните на стрес доведува до дебелина како и „бегство“ во храна, при што се особено опасни шеќерите кои даваат само моментално чувство на спокој, а ефектите се погубни.

Пушење: Цигарите предизвикуваат воспаление на ѕидовите на крвните садови, нивно рано стареење и таложење на наслаги со последователна атеросклероза и ризик од срцев инфаркт, како и од покачен крвен притисок.

Како да ги препознаете симптомите
Коронарната артериска болест е најчеста причина за ненадејна срцева смрт во светот. Таа претставува таложење на масни наслаги на ѕидовите на крвните садови на срцето, со што се намалува протокот на крв, сè до комплетен прекин на циркулацијата, што доведува до срцев удар, бидејќи без крв и кислород мускулот на срцето набргу изумира.

Срцевиот удар може да има различни симптоми, од кои најчести се: болка во предел на градите и вратот, грбот, вилицата, рамењата, рацете, нагла изнемоштеност или вртоглавица до несвестица, глад за воздух, ладна пот, понекогаш болки во горен дел на стомакот кои може да наликуваат на желудочни тегоби. Интересен е фактот дека симптомите може да се разликуваат меѓу мажите и жените.

Најчести симптоми кај жените се: болка, притисок во градите или дискомфорт, кои не мора да бидат толку изразени и може да не се главниот симптом. Жените може да имаат срцев удар а да не почувствуваат болка во градите, за разлика од мажите.

Жените најчесто имаат други тегоби, како чувство на недостиг на здив и изразен замор. Овие симптоми може да бидат суптилни, а доколку имаат градна болка повеќе ја опишуваат како притисок или стегање. Ова најверојатно се должи на тоа што почесто имаат стеснувања не само на главните крвни садови на срцето, туку на помалите артерии – состојба позната како болест на малите крвни садови.

Симптомите кај жените, за разлика од мажите, почесто се јавуваат во мирување, па дури и во сон. Психичкиот стрес, исто така, кај жените може да предизвика срцев удар. Пациентките често се јавуваат во итните медицински центри дури откога веќе е настанато оштетување на срцето поради тоа што симптомите се неспецифични или, пак, често ги занемаруваат тегобите.

Кај проблемите со срцевиот ритам, како што се забрзана срцева работа (тахикардија), забавена (брадикардија) или неправилна (аритмија), симптомите може да вклучуваат: треперење во градите, срцебиење, чувство на понизок пулс, болка во градите или дискомфорт, недостиг на здив, вртоглавица, зашеметеност, дури и загуба на свест.

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>