Фармацевти
Контакт

<< Назад

Пародонтопатија

август 23, 2016

Најважно е да се отстранат бактериитеприм. д-р на науки Јасмина Текиќ, Завод за стоматолошка здравствена заштита, Стоматолошки факултет, Универзитет во Белград

Добра техника и често миење на забите, како и правилен избор на средства за отстранување дентален плак, со употреба на интeрдентална четкичка, забен конец и чистач нa јазикот, се најдобра превенција на пародонтопатијата

Пародонтопатија е заболување на потпорниот апарат на забите. Се јавува поради присуство на дентален плак (жолтеникава наслага на забите) во кој е присутна заедница на бактерии, што резултира со инфекција на усната празнина.

Гингивитис
Повеќе од 700 разни видови бактерии го наоѓаат својот дом во устата. Прв знак на пародонтопатија е воспаление на гингивата, која лесно крвави при допир дури и на најмека четка за заби. Често стоматолозите се прашуваат: „Зошто луѓето реагираат веднаш штом ќе си го пресечат прстот, а крвавењето од гингивата не им е доволно јак аларм дека нешто не е во ред со усната празнина?“ Така настанува воспаление на меките делови на ткивата околу забите – гингивитис.

Доколку гингивитисот не се лекува, воспалението се шири и пропаѓа пародонциумот, односно потпорниот апарат на забите. Се формираат пародонтални џебови (простор помеѓу воспалените гингиви и коренот на забите) кои се најважен знак на поодмината пародонтопатија. Забите стануваат пречувствителни на механички, термички (топло, ладно) и други дразби.

Многу бргу се разорува алвеоларната коска (алвеола е дел од коската – забната јамичка во која забот е прицврстен), што предизвикува појава на гнојни воспаленија, односно пародонтални апцеси кои прават жаришта, со што се загрозени и поодалечените органи и системи во организмот. За жал, кога овој процес ќе стане иреверзибилен (неповратен) доаѓа до клатење на забите и нивна миграција, а на крај и до испаѓање и губење на забот.

Прв симптом е крвавење
Прв симптом на ова заболување е КРВАВЕЊЕТО. Кога за прв пат ќе се забележи крвавење при одржување орална хигиена, тоа е знак дека веднаш треба да се јавите на специјалист – пародонтолог.

Затоа стоматолозите инсистираат веќе при првите симптоми пациентите да се јават на својот стоматолог, најдобро со ортопан томографска снимка за да се види и да се утврди состојбата на коската на вилицата.

Дентален плак
Ова заболување настанува како последица на дејството на неотстранет дентален плак. Плакот може да се отстрани механички, со четкичка и паста за заби и со хемиски средства за испирање уста и заби.

Кога зборуваме за механичко отстранување дентален плак, многу е важно да се избере добра четкичка и паста за заби со флуориди. Би требало да се примени и адекватна техника на одржување орална хигиена. Не помалку важно е и тоа дека забите треба да се мијат доволно често и доволно долго по секој оброк.

Доколку жолтата наслага остане на површината на забите, во топла средина во која има влага, како што е усната празнина, се развиваат бактерии. Со механичка четкичка за миење заби оваа наслага мора да биде отстранета додека не стане тврда, позрела и поинфективна, а процесот на настанување пародонтопатија е иреверзибилен.

Критични места за развој на воспаленија на гингвите се: рабовите на гингивите, меѓузабните простори, места под мостови и други протетски наслаги и околу забните импланти.

Орална хигиена
Многу е важно на превентивен стоматолошки преглед (кој треба да биде единствена причина за посета на стоматолог) секој пациент да го обучиме и да го научиме која е најдобрата техника за одржување орална хигиена, да му препорачаме индивидуално најефикасен сет за механичко отстранување плак – четкичка и паста за заби, но и помошни средства, како што се интердентални четкички, конец и чистач на јазикот.

Интерденталните четкички се со специфичен облик (како оние кои нашите баби ги користеле за чистење шишиња), имаат различна големина, облик и боја. Со нив еднаш дневно се чисти просторот помеѓу забите. Овие четкички се отвораат како чадор и ја чистат сета заостаната храна помеѓу забите. Нивната големина мора да ја одреди и да ја препорача стоматолог.

Интердентален конец
Интерденталниот конец за заби се користи дури по усвојување правилни вештини за негово користење. Најчесто се препорачува употреба во просторот помеѓу забите  бр. 3 лево и бр. 3 десно, бидејќи се смета дека со правилна манипулација единствено на тој простор ја сведуваме на минимум можноста да се повреди меѓузабната папила. Доколку пациентот ја совлада вештината на правилно користење, конецот може да се користи и во други делови на усната празнина, односно во просторот зад очниците. Конецот може да биде навосочен или премечкан со флуориди.

Чистачите на јазик може да се користат така што со посебна четкичка се отстрануваат наслагите или со гелови, кои го дополнуваат одржувањето на чистотата на јазикот.

Мерки на превенција

Мијте ги забите за да не миете забни протези во чаша

Дури 90 насто од населението има некој облик на пародонтопатија. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) укажуваат на тоа дека над 50 насто од младите и речиси сите возрасни лица во светот имаат некое заболување на пародонциумот.

Секој пациент мора да има високо ниво на лична одговорност за добро орално здравје. Стоматолозите мора да издвојуваат време на секој пациент да му препорачаат индивидуални методи на одржување орална хигиена и за секој одделно да одредат кои се најдобри средства за механичко и хемиско отстранување на денталниот плак. Значи, најлесно е при преглед да се констатира лоша орална хигиена, крвавење од гингивите и други симптоми.

Потребно е стоматологот да ги обучи своите пациенти кои четки за одржување орална хигиена се најсоодветни за нив, како и да им појасни кои се најдобри техники за механичко отстранување на плакот. Стоматологот, исто така, треба да ги освести пациентите дека самите сносат одговорност за своето орално здравје, чие нарушување води кон екстракција – вадење заб и вградување скапи импланти и изработка на, исто така, скапи протетски надоместоци.

Денес стоматолошката наука напредува, па ова заболување може да се лекува и хируршки. Може да се надомести дури и дефект во коските со вградување вештачка коска и тогаш пациентите се учат на правилно одржување орална хигиена, бидејќи најважно е да се отстранат бактериите.

Може да се каже дека во бременоста поради играта на хормоните е неопходно да се зголеми оралната хигиена, бидејќи настануваат промени и на меките ткива во устата. Кај двата пола причината за појавување е иста.

Мерките за превенција се лесни. Редовна орална хигиена, правилно одржување на забите, добра техника на миење на забите, правилен избор на средства за механичко и хемиско отстранување плак, како и употреба на помошни средства за отстранување плак – интердентални четки, забен конец, чистач на јазикот.

Значи – мијте ги забите за да не миете забни протези во чаша!

ДИЕТАЛЕН КАЛКУЛАТОР

Со помош на долниот калкулатор можете на брз и едноставен начин да ги испланирате вашите дневни оброци

Дознај повеќе >>

МЕСЕЧЕН ХОРОСКОП

Дознајте го хороскопот за тековниот месец.

Дознај повеќе >>